fbpx

Вистиномер: Во Украина нема никакви „биолаборатории за уништување на словенските народи“

-

Нема никакви докази дека во лаборатории во Украина финансирани од САД биле собирани биолошки материјали од Руси, како се што тврди во овој пост. Причината за руската инвазија во Украина не би можеле да бидат лаборатории за создавање биолошко оружје зашто такви во Укриана нема. Тоа е само еден од обидите на Русија да ги оправда своите напади врз Украина, а притоа да ги вмеша и другите словенски народи во конспирациска теорија дека наводно се загрозени од западните сили кои сакаат да ги истребат. За ваквите тврдења, пак, не се нуди никаков доказ. Напротив, бројките покажуваат дека населението во Русија од 2015 до денес е во континуиран пораст, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се тврди дека Русија ја нападнала Украина превентивно, бидејќи на украинска територија се создавало биолошко оружје наменето за со него да се таргетираат словенските народи, и тоа во лаборатории финансирани од САД. Во постот лажно се тврди дека Викторија Нуланд самата кажала дека ваков проект бил финансиран од САД, а дека за ова биолошко оружје Путин предупредувал уште во 2017 година, тврдејќи дека ,,некои сили собираат биолошки материјал на Русите и од сите етнички групи кои живеат во сите географски области на Русија”.

Во постот што го рецензираме лажно се тврди дека причината поради која Русија ја нападна Украина годинава и започна воена инвазија, е токму постоењето на овие лаборатории. Исто така, авторот на постот тврди дека доволно е да се создаде етнички вирус кој ќе се активира само на одреден дел од населението (словенските народи) и да стане оружје за масовно уништување и сето тоа било насетено од Путин уште во 2017 година, а наводно нарачано од длабоката држава. Во постот се оправдува Путин што ја почнал воената инвазија во Украина зашто „немал друг избор“ откако:

Политичкото раководство на Украина му овозможи на САД да гради и контролира биолаборатории во кои според пронајдените документи и изјавата на Викторија Нуланд, се создадени различни биолошки агенси за да се загрозат Русија и другите словенски земји а за возврат Зеленски добива милионски суми.

Се додава дека руските сили дошле до документи во кои е јасно дека има план за истребување на луѓето од словенско потекло со биолошко оружје и генетика, организирано од страна на САД. На крајот постот завршува со опис на карактеристиките на словенските народи и уште се  вели дека:

Ако сите личности од словенско потекло и нивниот придонес за човештвото се отстранат од светот, Планетата би се вратила во камено доба. Не велиме дека Словените се супериорни во однос на другите народи, кои исто така имаат свои квалитети и недостатоци. Сепак, тоа не оправдува една страна да создава биолошко оружје против лица од словенско потекло.

Приказната за „тајните американски биолаборатории во Украина” е мит на руската пропаганда. За таа цел се злоупотребува изјавата на Викторија Нуланд дека има биолошки лаборатории за истражување во Украина, за кои постои загриженост дека руските сили ќе ги преземат под своја контрола и затоа САД соработува со Украина за да се осигура дека материјалите од биолошките истражувања не паднат во рацете на руските сили.
Како што претходно пишуваше „Вистиномер“, оваа теорија на заговор руската страна ја шири уште од 2018 година. Според податоците на Ворлдометарс, популацијата во Русија од 2015 година расте.
Доколку целта била да се таргетираат словенски народи со патогени, тогаш немаше од коронавирусот (на пример) да настрадаат милиони луѓе од други нации и народности ширум целата планета. Тврдењето едноставно нема втемеленост во реалноста. А претходно во склоп на руските дезинформации се тврдеше и дека коронавирусот е создаден во Украина специјално за со него да се намали бројот на словенските народи.
Истражувачот за биолошко оружје и професорка на Кингс Колеџот во Лондон, Филипа Ленцос, за „Франспрес“ изјави дека нема индикации дека овие лаборатории во Украина се користат за да се развие биолошко оружје, туку нивната цел е да превенираат ширење на заразни болести.
Светската здравствена организација ѝ  препорача на Украина да ги уништи патогените од лабораториите за да се спречи да се прошират и да настанат болести.
Доколку причината поради која Путин ја нападнал Украина биле овие лаборатории, тогаш тој досега би се повлекол од Украина со оглед на фактот што патогените се уништени.
Како што пишува „Форејн Полиси“, уште во јануари на еден од руските телеграм канали, проширен бил спинот дека биолошките лаборатории се во сила и дека во нив се проучуваат смртоносни вируси кои „веќе ги разболуваат луѓето во Казахстан со американски грантови“.

Објавите погрешно го толкуваат Договорот меѓу САД и Украина од 2005 година, чија цел е да се спречат биолошките закани, а не да се создаваат. Според Службата за безбедност на Украина, главната безбедносна агенција во земјата, лабораториите за коишто се говори на социјалните мржи се во сопственост и финансирани од украинската влада.

Оваа агенција и амбасадата на САД во Украина во неколку наврати рекоа дека ваквите тврдења се лажни. Медиумските извештаи покажуваат дека оваа теорија е поврзана со повеќегодишната руска кампања за дезинформации, чија цел е да ги дискредитира САД.

Според Договорот од август 2005 година, украинската и американската влада се согласиле да соработуваат за „да го спречат ширењето на опасни патогени и поврзаната експертиза и да ги минимизираат потенцијалните биолошки закани“.

Во мај 2020 година, Службата за безбедност на Украина објави соопштение во кое ги повикува политичарите да престанат да шират лажни информации за постоење на странски воени биолошки лаборатории во Украина.

Неодамна, „лажните вести“ за наводните активности на американските воени биолошки лаборатории во Украина се шират во медиумите и социјалните мрежи… Ниту една странска биолошка лабораторија не работи во Украина. Неодамнешните изјави на поединечни политичари не се точни и се намерно искривување на фактите, се вели во соопштението.

Американската амбасада во Украина преку соопштение во април 2020 година, овие теории ги нарече „дезинформации што се шират во некои кругови во Украина што ги отсликуваат руските дезинформации во врска со силното американско-украинско партнерство за намалување на биолошките закани“.

Во Украина нема американска воена лабораторија, рече во изјава за „ПолитиФакт“ Енди Вебер,член на Одборот на директори на Здружението за контрола на оружјето и поранешен помошник секретар за одбрана за програми за нуклеарна, хемиска и биолошка одбрана.

Напротив, Програмата за намалување на кооперативните закани на Министерството за одбрана на САД обезбедува техничка поддршка на украинското Министерство за здравство од 2005 година за подобрување на лабораториите за јавно здравје, чија мисија е аналогна на американските центри за контрола и превенција на болести. Овие лаборатории неодамна одиграа важна улога во запирање на ширењето на ковид-19, изјави Вебер за „ПолитиФакт“.

За овие лаборатории прво, неосновано се тврдеше дека се местото каде бил наводно создаден коронавирусот, за сега да се промени наративот и да се кажува дека нивната намена е уништување на словенските народи преку некакво биолошко оружје.

Не постојат никакви докази дека некој намерно ги таргетирал словенските држави и нации за тие да бидат истребени ниту пак, дека нивните гени ги прават поризични. Нема никакви статистики кои покажуваат дека опаѓа бројот на Руси во Русија. Според Ворлдометар во Русија има 146 милиони жители во 2022 година. Според истиот извор Русија во 2020 година имала 145 милиони луѓе според ОН.

„Гардијан“ има објавено цел текст во кој објаснува како оваа Кју теорија на заговор за лабораториите во Украина, стигна до интернационална покриеност на социјалните мрежи и во медиумите.

Дел од приказната е вистина, дека Одделот за одбрана финансира биолошко истражување и лаборатории во Украина како и во други делови во Европа, за да спречи појава на инфективни болести и да ги држи безбедни објектите во кои порано имаше советски биооружја од нивната програма. Но Вашингтон не финансира истражувања на биолошко оружје никаде во светот, а уште помалку во Украина и тоа го потврдуваат интернационални организации и адвокати, пишува „Гардијан“.

Според наведеното во текстот на „Гардијан“, во 2021 година, Стејт Департментот во извештај ја обвинил Москва дека продолжува програма за биооружје од советската ера.

Русија објави и документи кои контрадикторно на нивните тврдења, велат дека „финансиите од Пентагон ќе придонесат да се детектираат, превенираат и да се предвидат појавувањата на болести во регионот”. Според Гардијан, така пишува во барањето за финансирање од 2019 година објавено од руското министерство за одбрана

Поради сите горенаведени информации постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит. Нема никакви докази дека во лаборатории во Украина финансирани од САД биле собирани биолошки материјали од Руси. Причината за руската инвазија во Украина не би можеле да бидат лаборатории за создавање биолошко оружје зашто такви во Украина нема. Тоа е само еден од обидите на Русија да ги оправда своите напади врз Украина, а притоа да ги вмеша и другите словенски народи во конспирациска теорија дека наводно се загрозени од западните сили кои сакаат да ги истребат. За ваквите тврдења, пак, не се нуди никаков доказ. Напротив, бројките покажуваат дека населението во Русија од 2015 до денес е во континуиран пораст.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...