Фотомонтажа: Вистиномер.мк; Фото: Веб-сајт на Демократски Сојуз

Нападот врз министерот за економија Крешник Бектеши од страна на пратеникот Павле Трајанов е неоснован и неумесен, пишува Вистиномер.мк во својот најнов Контраспин, што го пренесуваме подолу.

„Најавата на грчките власти дека за граѓаните од Србија ќе биде отворена туристичката сезона на 15 мај, во земјава донесе изјави и текстови во медиумите во кои се бара нашите власти да издејствуваат исти услови за влез во најмасовната по посети туристичка дестинација. Острицата на овие изјави и медиумски осврти е насочена кон министерот за економија, Крешник Бектеши. Тој изјави дека негова работа е да се бави со заштита на домашниот туризам. Основани ли се нападите врз него?

Во многу цитираната изјава на претседателот на Демократскиот сојуз и пратеник во Републичкото собрание, Павле Трајанов, тој најостро ја осудува изјавата на министерот за економија, Крешник Бектеши, според кого, нема да се разговара со Грција за граѓаните да можат да патуваат во таа земја со цел да останат дома и да одмораат во нашите одморалишта.

Спин: Таквите тези се својствени само за Северна Кореја. Обврска на министрите е да бараат решенија за слободно движење на граѓаните, капиталот и идеите, а не да не затворат во рамките на Македонија.

Граѓаните очекуваат проактивна дипломатија и членовите на Владата да ги ’рушат’ бариерите, а не да создаваат нови. Сите ние долго време сме затворени во своите домови и дополнителни блокади не ни се потребни – вели Трајанов.

(Извор: веб сајт на ДС, датум: 29.03.2021)

А, што, всушност, истакна во својата изјава по ова прашање министерот Бектеши?

Министерот за економија, под чија надлежност е туризмот како дејност, на 31 март 2021 година, рече дека македонската влада нема да преговара билатерално, по примерот на српската, со грчката влада, бидејќи, С. Македонија не сака да ги загуби домашните туристи за летната сезона.

Што се однесува до преговорите со Грција, ние директно не преговараме со грчката влада, имајќи во предвид дека интерес на секоја држава е да поттикне што повеќе туристи кај себе, односно во Северна Македонија, како што е целта на Министерството за економија и за тоа ќе продолжиме да спроведуваме мерки за поттикнување на странските туристи, но и нашите домашни туристи да ги посетат нашите туристички дестинации, рече министерот во одговор на новинарско прашање.

Контраспин:

Најпрвин, изјавата на министерот во ниту еден сегмент не се допира до правото на слободно движење на граѓаните. Имено, македонските власти не им забрануваат на своите граѓани да заминуваат од земјата! Проблемот е во земјите низ кои тие патници евентуално би транзитирале или каде би сакале да се стационираат. Стариот континент и пошироко е преполн со бариери во ова време на пандемија со ковид -19, што претпоставува дека е вистински подвиг секое излегување на наши граѓани во „белиот свет“, со исклучок на неколку блиски земји.

Најнапред Грција е таа која има многу строг режим во моментов за движење на своите граѓани (!), практикувајќи еден вид на локдаун. Граѓаните таму од почетокот на февруари мораат да се јават во полиција и да добијат по Вибер дозвола за движење само за итни потреби! Понтаму, што е многу лошо и за нашата земја – има многу строг режим за влез на товарни возила (граничната и царинска служба работи само дење, се пропуштаат по 400 возила дневно и мора да се вади потврда за нзаразеност со вирусот на самата граница, издадена по брз преглед кај грчките лекари) … Не е познато дали некој реагирал на толку очигледно кршење на дузина меѓународни и билатерални прописи, иако таа состојба со огромни колони камиони на нашиот автопат во должина од десетина километри, многу ја загрозува економијата. Побитни се, очевидно, грчките плажи.

Следниот сегмент, кој е сосема на место во изјавата на министерот Бектеши, е оној дел каде тој истакнува дека негова задача е развој на домашниот туризам (и лани и годинава ќе има ваучери за бесплатно летување на наши, помалку имотни граѓани, кои ќе ги покрива буџетот), а не е надлежен ниту за здравствените и други политики (транспорт, меѓународни односи) кои би биле предмет на поинаков тип на евентуални преговори.

Сосема е јасно дека иницијативата насочена кон потенцијалните српски туристи доаѓа од грчка страна, бидејќи министерот за туризам на Грција, Харис Теохарис, дојде во Белград да разговара со колешката Татјана Матиќ. Интересот е очевидно беше на страна на оној кој допатувал во Србија, каде веќе над еден милион граѓани добиле по две вакцини. Грција вели дека ќе ги прифати руските и кинеските вакцини за српските туристи, а за децата до 10 години да не биде потребен ПЦР-тест. Исто така, граѓаните на Србија ќе можат да влезат во Грција преку Македонија и Бугарија.

Најдобар доказ дека критиките се упатени на погрешна адреса покажа фактот што два дена потоа (среда, 30 март) министерот Филипче се договорил со грчките власти ист третман да имаат и потенцијалните македонски туристи, запознавајќи ги со нашите кодови во издадените исправи за лицата кои ќе имаат имунитет. Одново, оние кои до датумот на премин на границата имаат доказ за имунизација, ќе можат да влезат на грчката страна!

Истиот ден Крешник Бектеши со грчките колеги од економијата го потпиша договороот за пристап кон гасоводот, кој преку Александропулос ќе не снабдува со азербејџански гас.

Ова покажува дека нападот врз него е неоснован како во однос на ингеренциите, интересите кои треба да ги брани и да работи на слободата на размената на стоки и услуги. Посебно е лош спинот дека тој делува во манирот на севернокорејските автократи, кој е комплетно неумесен по користениот вординг. Да не заборавиме дека англискиот премиер Бoрис Џонсон неодамна доенсе одлука ова лето британските туристи да останат дома! Дали е тој Ким Ил Сунг?, прашува Вистиномер.мк во својот најнов Контраспин.