Владата на Република Македонија, најблаго речено, малку ги надминала ингеренциите што ги има во однос на Јавниот радиодифузен сервиси и Агенцијата за медиуми и на својата 69. Седница oдржана на 23.05.2018 година, донела заклучок да му даде на Собранието негативно мислење околу годишните извештаи за работата на ААВМУ и на Македонската радио телевизија (МРТ) за 2017 година, стои во анализата на „Вистиномер“.
Заклучокот во соопштението беше претставен вака:
По однос на годишните извештаи за работата на Македонската радио телевизија за 2017 година и за работата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за истата година, Владата на Република Македонија на седницата одлучи на Собранието да му даде негативни мислења.
Овој заклучок за надминување на ингеренциите произлегува од проверката на законските решенија и други облигаторни текстови на меѓународни тела, од одговорот што го добивме од Владата, од мислењата од Регулаторот, од ставот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и од независен експерт по ова прашање.
Патем, на Владата ова не ѝ е прв пат. Таа уште минатата година на една од своите седници, 45-тата, донесе ист ваков негативен заклучок во однос на Годишната програма за работата на МРТ за 2018 година и за финансискиот план за 2018 година, по што Собранието со позитивно мислење од надлежната комисија и со 59 гласа за, гласаше за Предлогот за Финансиската програма на МРТ за 2018 година.
Од мислењата што ги добивме, но особено од законската регулатива, јасно произлегува дека Владата нема право да дава мислења за извештаите за годишната работа на МРТ или регулаторот за медиуми, па и други регулаторни тела, особено во овој чувствителен сегмент – медиуми. Владата, се разбира, може во рамките на своите надлежности да се грижи за сегменти од работењето на МРТ или ААВМУ, да има свој став за одделни сегменти поврзани со нив, да се грижи преку своите органи и тела за законитоста во работењето, па дури и финансииското, а и тоа треба да го прави многу внимателно и со целосна и длабока оправданост, но и според постојниот Закон за ААВМУ и според европските правила, сосема е јасно дека главната адреса за одговорноста и отчетноста на овие тела е Собранието на Република Македонија. Според тоа, праксата Владата да се произнесува за ваков тип извештаи за работа е нешто што се подразбира како можен притисок и можност за загрозување на независноста на Јавниот сервис или регулаторното тело за медиуми.
Целата анализа на Теофил Блажевски можете да ја прочитате тука.