fbpx

Вистиномер: Виралниот документарец „Пландемик 2“ плете теорија на заговор со ковид-19 во главната улога

-

Во својата најнова проверка на фактите и борбата против дезинформациите, „Вистиномер.мк“ го анализира документарецот „Пландемик 2“, којшто се споделува на социјалните мрежи. Тврдењата дека пандемијата на ковид-19 е само контролирана ситуација, изнесени во документарецот, не се засновани на фактите, заклучува анализата, којашто ја пренесуваме подолу.

Пандемијата на ковид-19 е контролирана здравствена криза во светски рамки, за полесно да се натера популацијата да се вакцинира. А вакцинацијата на што поголем дел од светската популација е заговор на моќниците, кои сакаат да го контролираат прирастот на населението. Вакцините се штетни, предизвикуваат разни болести и нивната употреба е со цел да се контролира растот на светската популација со „медицината“ како средство, наместо со војни, глад и други катастрофи… Секако, тука се и обвинувањата дека тоа ќе им донесе и огромен финанскиски профит на моќниците.

Вака, накратко, може да се сублимираат поентите од документарниот филм „Пландемик 2“ („Plandemic 2“ во траење од 75 минути) споделен на Фејсбук во овој пост. Оваа вирална теорија на заговор, всушност, е „проширена и надградена“ верзија на претходно пласираниот документарен филм „Пландемик“ („Plandemic“, во траење од 27 минути), како еден вид „тизер“ кој славодобитно го посочува д-р Ентони Фаучи (Dr Fauchi exposed!) во воведот како еден од најголемите виновници за губењето на контрола врз пандемијата. А, сè со цел глобалната вакцинација полесно да помине во светски рамки, што, повторно, според теоретичарите на заговори, е една од главните алатки за контрола на прирастот на светската популација.

 

Неосновани обвинувања и пропагирање антиваксерска идеологија

Неологизмот во насловот на документарецот „Пландемик“ сугерира дека пандемијата со новиот корона вирус (SARS CoV-2) е плански подготвена (поднасловот на фимот е „Скриената агенда на ковид 19/The hidden agenda behind Covid-19), дека претставува заговор на центрите на моќ олицетворени во д-р Фаучи, фармацевтската индустрија и, секако, Бил Гејтс пред и над сите. Документарецот е во продукција на Мики Вилис (Mikki Willis) и неговата продукциска куќа „Елевејт“ („Elevate“), кој ја интервјуира главната „ѕвезда“ – д-р Џуди Миковиц (Judy Mikovits), виролог, дискредитиран научен истражувач од Националниот центар за рак (National Cancer Institute), која важи за поборник на антиваксерската опција.

На почетокот на документарецот главна мета на Миковиц е д-р Ентони Фаучи (Anthony Fauci), раководител на американскиот Национален институт за алергиски и инфективни болести (U.S. National Institute of Allergy and Infectious Diseases/NIAID). Но, не само поради пандемијата на ковид-19, туку Мајковиц го обвинува Фаучи за милиони смртни случаи во пандемијата со вирусот ХИВ, предизвикувачот на сидата (HIV/AIDS) уште пред неколку децении! Кратката верзија на „Пландемик“, која „експлодираше“ на социјалните мрежи во мај 2020 година и предизвика големи забуни кај гледачите, веќе беше дебанкирана од неколку релевантни проверувачи на факти, меѓу кои и на „Science“. (Другите текстови на проверувачите на факти можете да ги најдете овде, овде, овде, овде и овде). Видеото потоа беше отстрането од социјалните мрежи и мултимедијални платформи, вклучувајќи ги и Фејсбук, Твитер, Вимео, Јутјуб – поради пласирање дезинформации во сферата на медицинските докази.

Можеби ќе изгледа небитно, но најверојатно има вистина и во една неформална анкета околу најголемата застапеност на суетата кај одредени професии: докторите, пилотите и новинарите се водечки на табелата на професиите кај кои суетата е „полнокрвна“! Д-р Миковиц во документарецот се фали дека таа била дел од тимот што го открила предизвикувачот на вирусот ХИВ/СИДА и дел од тимот што го револуционизирал третманот на заболените, но потоа била затворена, а нејзините научни открија биле тенденциозно дискредитирани.

Вистината е поинаква. „Science“ ги проверил фактите и утврдил дека д-р Миковиц е релативно непознато научно име во американската медицинска академска заедница. Нејзин најголем научен дострел како директорка на одделот за истражувања на Институтот Вајтмор Питерсон (Whittemore Peterson Institute/WPI) бил откритието на опскурен вирус (xenotropic murine leukemia virus-related virus/XMRV) во 2009 година, кој предизвикува синдром на хроничен замор (chronic fatigue syndrome/CFS). Две години подоцна научните истражувачи утврдиле дека „пронајдокот“ XMRV на д-р Миковиц бил случаен резултат при лабораториските опити со глувци и дека не може да ги зарази луѓето, па бил отфрлен во академските кругови како научно достигнување.

Ако суетата е небитна во методологијата на научните проверки, можеби е битна кај теоретичарите на заговори. Сигурно е, а тоа го покажува и документарецот „Пландемик“.

 

Мешање баби и жаби

Документарецот започнува со „откритието“ дека корона вирусот – предизвикувач на болеста ковид-19 е присутен кај луѓето многу одамна, уште од 2007 година. Проверувачите на факти велат дека корона вирусот SARS CoV-2 што ние денес го препознаваме како предизвикувач на болеста ковид-19 е една од генетските секвенци (дел од РНК на вирус) на вирусот што го предизвикува респираторното (белодробно) акутно заболување SARS, кое се прошири во неколку земји во 2003 година, кога заболеле околу 8.000 луѓе, а починале 774. И тука нема никакво спектакуларно откритие. Но, на бранот на паниката од пандемијата на ковид-19, многумина ги забораваат овие детали, па се подложни на теориите на заговор.

Документарецот „се вози“ и на глобалниот конфликт САД-Кина, односно обвинувањето од страна на САД дека Кина го произвела и извезла новиот корона вирус и одрекувањето на Кина.

Документарецот се осврнува и на апсењето на Миковиц, наводно без валиден судски налог, и обвинението покренато против неа. Без никакви докази, „Пландемик 2“ дури ја обвинува интернет енциклопедијата Википедија дека е финансирана од непознати донатори само со цел да протежира политички коректни содржини кои им одговараат ним, а да ги оцрнува личностите како Миковиц. Тука, секако, се и теориите дека водечките медиуми се контролирани од ЦИА и американската влада и тн.

Во документарецот една од поголемите „улоги“ има д-р Дејвид Мартин, потпишан со звучна титула „разузнавачки аналитичар“ (National Intelligence Analyst), што и да значи таа. Проверувачите на факти веќе ја дебанкираа неговата лажна теорија на заговор, па се чини дека алтернативното подзаглавие на документарецот „Indoctornation“ – игра на зборови со Indoctrination, индоктринација – некако му се враќа како бумеранг на авторот.

 

За „нус-појави од вакцините“ – не се изнесуваат докази

Следна ставка на тапетот на документарецот е Светската здравествена организација (СЗО), за која се потенцира дека има ексклузивно право да се грижи за здравјето на светската популација, па веднаш се налепува информацијата дека водечките светски фармацевтски компании и фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс, се најголемите финансиери на оваа организација. За да ја контролираат, а преку неа и здравјето во светот, со цел да остварува огромни профити…

„Пандемик 2“ неосновано обвинува дека илјадници деца во светот страдале од нус-појавите од вакцини, како онаа против болеста полио. Во филмот се застапени и илјадници пати повторените обвинувања против Бил Гејтс, еден од најбогатите луѓе на светот, кој вложува милијарди долари наводно во борба против заразните болести, но всушност за да го контролира светот. Филмот тврди дека откако ќе биде пронајдена вакцината и против ковид-19, тогаш ќе бидат воведени и своевидни „пасоши“, со помош на спрегата Гејтс-СЗО, кои ќе ги поделат луѓето, фигуративно, во „подобни“ (вакцинирани) и „неподобни“.

Нејасно е вметнувањето на епизодата дека Гејтс се сретнал со Џефри Епстајн, обвинетиот педофил и макро во американскиот џет-сет. Сепак, тоа е само дел од арсеналот непоткрепени обвинувања против Гејтс од таборот на антиваксерите. Тука се и вообичаените тврдења дека преку заплашувањата со Ковид-19 се креираат разни технолошко-комуникативни методи со кои се шпионираат и контролираат луѓето, нарушувајќи им ги основните човекови права.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Изброени половина од гласовите: Силјановска со двојна предност пред Пендаровски

Водство на претстедателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, покажуваат првичните резултати што ги објави Државната изборна комисија (ДИК). Според извештаите, од обработени 59,61 отсто од гласачките места, таа има...