fbpx

Вистиномер: Вакцината против ковид-19 нема да ја промени вашата ДНК

-

Во десетминутниот говор прикажан на видеото Тал Закс од „Модерна“  зборува за превенција и третман на болестите со нови методи. Наспроти тврдењето искажано во објавата на Фејсбук, дека ќе се промени генетскиот код, кое е извадено од контекст,  од образложението на Закс не произлегува дека ќе се промени ДНК на вакцинираната личност. Исто така, повеќе официјални извори, медицински тела, експерти и медицински професионалци, научници и претставници на компаниите кои ги произведуваат вакцините против ковид-19, тврдат дека со мРНА вакцината не може да се промени генетскиот код, пишува Вистиномер.мк

 

Во анализата, Вистиномер.мк рецензира пост во којшто се тврди дека:

Главниот медицински директор на Модерна призна дека МРНК вакцината ја менува ДНК.

Како поткрепа на ова тврдење, пренесен е видео материјал во којшто Тал Закс од „Модерна“, во ТЕД говор, наводно, кажал дека со мРНК вакцината ќе се промени ДНК на личноста.

Но, во десетминутниот говор, тврдењето дека ќе се промени генетскиот код е извадено од контекст, односно не е кажано онака како што авторот на постот сака да ги наведе читателите да поверуваат.

Закс зборува за превенција и третман на болестите со нови методи и почнувајќи од 1-та минута во видеото тој вели:

Во секоја клетка има месенџер РНК или скратено мРНК, кој ја пренесува критичната информација од ДНК до протеинот, од кој сите сме изградени.Оваа критична информација ќе одреди всушност, што клетката ќе направи. Го гледаме како оперативен систем. Не само во клетката во нашето тело, туку во сите живи организми. Ако можете во софтверот на животот, како што го нарекуваме, да внесете код или да го смените, тоа има длабински ефект на сè, од грип до канцер.

Потоа во 2, 20 минута од видеото тој продолжува да објаснува:

Како функционира мРНК вакцината? На телото му даваме инструкции како самото да произведе вакцина. Со традиционалниот пристап, протеините пловат околу клетката. мРНК вакцината ги поттикнува клетките во Вашето тело да ја направат вакцината. Што е поалармантно, дали странец којшто се шета во вашата населба, или некој што ви провалил дома и го активирал алармот? Тоа се случува со мРНК вакцината. Алармот е вклучен, клетката повикува полиција! Во исто време го создава протеинот и вели, ова е лошиот чичко. Така функционира мРНК вакцината. 

Потоа продолжува со објаснување од 3,10 минута до 3,38 минута во видеото прикачено на следниот линк:

Група луѓе ги вакциниравме против грип со мРНК и сите развија имун одговор каков што се надевавме да видиме. Покажавме дека ова функционира и кај луѓе и така на овој принцип ќе развиваме вакцини.

Од ова образложение не произлегува дека ќе се промени ДНК на личноста којашто се вакцинирала, како што лажно се тврди во постот кој го рецензираме.

Инаку, ова е широко распространет мит, којшто заслужи големо внимание, до степен и македонските здравствени власти да го негираат на својата официјална страница за информации за претстојниот процес на имунизација.

На оваа страница пишува дека мРНА вакцините не ја менуваат вашата ДНК на кој било начин и затоа не можат да предизвикаат рак.

Вакцините за Messenger РНК (мРНК) ги учат клетките како да создадат протеин што предизвикува имунолошки одговор ако некој се зарази. мРНК што се инјектира во вашето тело не комуницира со вашата ДНК. Откако мРНК ќе ја заврши својата работа, вашите клетки ја распаѓаат и расчистуваат од вашето тело. Нема трајни ефекти од мРНК во вакцината

…наведено е во делот за разобличување на митови и информирање за фактите околу оваа вакцина.

И УНИЦЕФ тврди дека вакцините против ковид-19 не можат да ја променат вашата ДНК.

Вакцините наречени мРНК не ја менуваат, ниту како било содејствуваат со вашата ДНК. Вакцините мРНК им даваат инструкции на нашите клетки како да направат протеин којшто активира имунолошка реакција и потоа веднаш се раствора. Со ова се гради имунитет против вирусот кој предизвикува ковид-19. На тој начин, мРНК (т.е. инструкциите) од вакцината воопшто не влегува во јадрото на клетката, каде што се наоѓа нашата ДНК

…пишува на страницата на Уницеф.

И Форбс во разговор со медицински експерти потврдува дека мРНК вакцината НЕ може да го промени ДНК кај вакцинираниот.

„Ројтерс“, пак, цитирајќи извори од производителот Модерна, тврди дека споредбата на мРНА науката за конкретната вакцина, со оперативен систем, е метафорична, а не буквална. Според Модерна, мРНК науката може да се спореди со оперативен систем зашто може да се користи за да се насочи кон справување со голем број болести.

И „Небраска медисин“, тврди дека  со оваа вакцина не може да се влијае на промена на ДНК.

Во огромниот број на светски извори, кои се релевантни и потврдуваат дека до ваква промена не може да дојде се приклучува и Глобалната алијанса за вакцинација ГАВИ.

мРНК не е исто што и ДНК и не може да се комбинира со нашата ДНК за да го промени нашиот генетски код. Исто така е релативно нестабилна, па ќе остане во клетките само околу 72 часа пред да се распадне, велат оттаму.

Имајќи го предвид огромниот број на официјални извори, медицински тела, експерти и медицински професионалци, научници и претставници на компаниите кои ги произведуваат вакцините против ковид- 19, кои тврдат дека  со мРНК вакцината не може да се промени генетскиот код, го оценуваме како невистинито и манипулативно тврдењето изнесено во постот што го рецензираме, пишува Вистиномер.мк во својата нова анализа.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...