Пандемијата со коронавирусот не е лажна, во неа животот го загубија 1.58 милиони луѓе. Сопственикот на БионТек, доктор Угур Сахин, уште во 2016 година со својата сопруга, ја продале нивната фирма „Ганимед Фармасутикалс“ за 1.6 милијарди фунти. Во 2016 година немаше пандемија со Ковид-19 во светот. Компанијата „БионТек“, пак, била многу добростоечка и пред пандемијата со Ковид-19. Минатиот октомври, таа била проценета на 3.4 милијарди долари, пишува „Вистиномер“.

Во вирален пост на Фејсбук лажно се тврди дека „БионТек“, компанијата коинвентор на една од вакцините коишто ќе бидат употребувани на светско ниво за сузбивање на пандемијата со Ковид-19, е фирма за сатанистички вакцини. Понатаму, се дезинформира дека пандемијата со коронавирусот која го промени целокупниот тек на живеењето во светот и во којашто животот го загубија 1.58 милиони луѓе, е лажна.

BionTech-фирма за сатанистички вакцини за лажна ковид пандемија
Ugur Sabine ,ова е сопственикот ,кој стана милијардер со пандемијата.

Но, при едноставна проверка на фактите, јасно станува дека сопственикот на БионТек, доктор Угур Сахин, уште во 2016 година со својата сопруга, со којашто целиот живот го посветиле на науката и вакцините, ја продале нивната фирма „Ганимед Фармасутикалс“ за 1.6 милијарди фунти. Во 2016 година немаше пандемија со Ковид-19 во светот, но уште тогаш доктор Сахин имал своја фармацевтска компанија која ја основал пред „БионТек“. Од оваа причина дезинформација е да се тврди дека тој станал милијардер со пандемијата.

Иако тој е меѓу стоте најбогати Германци, сепак неговите колеги го опишуваат како смирен и одмерен човек кој е повеќе заинтересиран да чита медицински списанија, отколку да проверува колку пораснала цената на акциите во неговата компанија.

И покрај неговите достигнувања, никогаш не се промени од неговото нормално негово однесување – да биде неверојатно скромен и достапен. Сахин вообичаено влегува на бизнис состаноци облечен во фармерки, носејќи го во рака шлемот за велосипедот и ранецот со него, изјави Матијас Кромајер, член на бордот на фирмата МИГ АГ, чии средства се здружени со „БионТек“.

Станува збор за научник кој и на денот на својата венчавка со сопругата, со којашто заедно работат и заедно ја основале компанијата „БионТек“, бил во лабораторијата и работел.

Дополнителен доказ дека и пред пандемијата со Ковид-19 „БионТек“ била многу добростоечка компанија, е тоа што минатиот октомври, оваа германска компанија за биотехнологија, била проценета на 3.4 билиони долари.

„БионТек“ е компанија којашто функционира над 12 години, формирана е во 2008 година, а во нејзиното формирање освен доктор Сахин, учествувал и австрискиот експерт за канцер, Кристофер Хубер.

Во написот што го рецензираме и оценуваме како невистинит, се тврди дека вакцината на овој фармацевтски производител е сатанистичка. Меѓутоа, нема ништо сатанистичко во оваа вакцина. Таа е веќе одобрена за користење во Велика Британија. Преку Ковакс механизмот ќе биде дистрибуирана во сите земји на Европската Унија.

Агенцијата за лекови веќе потврди дека оваа вакцина од „БионТек“ и „Фајзер“ не содржи ниту една компонента од животинско потекло.

Следствено, севкупните тврдења дека вакцината е сатанистичка, дека доктор Сахин се збогатил од пандемијата и дека станува збор за лажна пандемија се невистинити.