Фото: Исечок од видеото

Не е точно дека вакцинацијата против ковид-19 предизвикува зголемена стапка на смртност од синдромот САДС. Фактите говорат дека вакцините против ковид-19 не содржат чипови и графен оксид и тие никако не се поврзани со 5Г технологијата. Нема ниту еден научен факт кој ја поткрепува теоријата дека преку вакцината во телото на човекот се вметнува чип. На официјалната веб-страница за вакцинација во земјава, каде се наведени состојките на сите вакцини кои се администрираат кај нас, се гледа дека во нивниот состав нема графен оксид. Речиси сите релевантни здравствени институции излегоа со извештаи дека нема докази 5Г мрежата има влијание на имунолошкиот систем и дека е штетна по човечкото здравје, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Пост на Фејсбук тврди дека луѓето кои се вакцинирале против ковид-19 во себе имаат чип и графен оксид кои во близина на 5Г или 4Г уред, поради електромагнетното зрачење се активираат и предизвикуваат ненадејна смрт. Ваквите тврдења се неосновани и неточни.

НЕНАДЕЈНАТА СМРТ СТАНА СЕКОЈДНЕВИЕ

Еве уште еден интересен феномен кој ги погодува „вакцинираните“ (нано-чипирани) кога се во близина на извор на електромагнетно зрачење. Може да биде кула 4G или 5G, но и трансформатор бидејќи исто така го испушта истото ЕМГ поле околу себе, па дури и мобилен телефон како во овој случај. Срцето е мускул кој активира биоелектричен импулс, а кога во него ќе се најде нанографен оксид (хидроксид), тогаш имаме ситуација како онаа во видеото�. Ова не е изолиран случај, тоа се случува секој ден, единствената разлика е што е снимен од надзорните камери. За тие што не веруваат, долу во коментар имате видео, во Италија паѓаат и функционери како покосени, стои во постот кој го анализираме.

Постот во себе содржи неколку лаги и теории на заговор кои од појавата на пандемијата со ковид-19 и вакцините, постојано ги шират антиваксерите. Овие теории на заговор Вистиномер досега неколкупати ги има дебанкирано.

 

Вакцините не содржат чипови

Првата од нив е дека вакцините против ковид содржат нано чипови. Ова не е точно.

Нема ниту еден научен факт кој ја поткрепува теоријата дека преку вакцината во телото на човекот се вметнува чип. Експертите велат дека не постои никаква можност во содржината на вакцината да се вметне технолошки материјал. Доктор Вилбур Чен, експерт за инфективни болести во Центарот за развој на вакцини и јавно здравје во Универзитетот во Мериленд, за „Политифакт“ изјави дека идејата за една вакцина која содржи РДИФ технологија е апсурдна.

И најмалата верзија на микрочипови е преголема за да може да помине низ иглата на вакцината. Микрочиповите кои обично се употребуваат за лоцирање на домашните миленичиња се со големина на едно зрно ориз. Ниту една од иглите кои се употребуваат за вакцинација нема толкав дијаметар за да овозможи внесување во телото на еден чип, макар и со големина на зрно ориз“, вели доктор Вилбур Чен.

Нема графен оксид во вакцините и тие немаат никаква врска со 5Г

Втората теорија на заговор изнесена во постот е дека вакцините содржат графен оксид и дека тој се активира во близина на 5Г уред. „Вистиномер“ досега повеќепати има пишувано дека 5Г мрежата нема никаква врска со вакцините против ковид-19 и дека тие не содржат графен оксид.

5Г технологијата и вакцинацијата не се поврзани. Единственото заедничко за нив е што се случуваат во време на пандемија, кога дел од луѓето се окупирани со ширење на конспирации за дисквалификација на вакциналниот процес.

Дека нема поврзаност и нема никакво влијание 5Г мрежата врз коронавирусот беше потврдено уште во почетокот на 2020 година. Речиси сите релевантни здравствени институции излегоа со извештаи дека нема докази оти оваа мрежа има влијание на имунолошкиот систем и дека е штетна по човечкото здравје.

Во февруари 2020 и Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека не е откриено влијание на оваа мрежа врз јавното здравје.

И по многу направени истражувања, досега не е забележано ниту едно штетно влијание врз здравјето кое е предизвикано од изложување на безжичната технологија, се наведува во објаснувањето на СЗО.

Што се однесува до составот на вакцините против ковид и тврдењето дека тие содржат графен оксид, тоа исто така не е точно. „Вистиномер“ и на оваа тема веќе има пишувано.

Графен оксид е материјал кој настанува со оксидација на графен. Графен е единечен слој на графит (меката супстанца која ја има во врвот од моливите за пишување). Графен оксидот има потенцијална употреба во електрониката, оптиката, хемијата, складирањето енергија и биологијата,  е објаснето во напис  објавен во журналот „Фронтиерс оф Физикс“ во јануари 2019 година.

„Асошиејтед прес“ извести дека и покрај тоа што имало истражувања за тоа дали се користел графен оксид во некои вакцини (во количества кои за човекот не би биле токсични), материјалот не е на листата на состојки на фајзеровата вакцина или која било друга вакцина.

Не е на листата на состојки и нема никакви шанси да е присутен, изјави Ален Мајерсон, професор по хемиски инженеринг на Институтот за технологија Масачусетс.

И на официјалната веб-страница за вакцинација во земјава, каде се наведени состојките на сите вакцини кои се администрираат во Северна Македонија, се гледа дека во нивниот состав нема графен оксид.

Ненадејната смрт кај возрасните луѓе не е поврзана со вакцината против ковид-19

Ненадејниот синдром на смрт кај возрасни лица, не е поврзан со вакцините против ковид-19. САДС се случува кога некој добива ненадеен срцев удар и починува, и е синдром што е проучуван во научните кругови со децении.

Како што пишува Мајо Клиниката во САД, САДС (синдром на ненадејна аритмична смрт или синдром на ненадејна смрт кај возрасен) е термин кој се користи за да се опише ненадејна смрт после срцев удар кај помлади возрасни лица.

Според клиниката Кливленд, ова се случува најчесто кај возрасни во средината на нивните триесетти и четириесетти години и ги афектира мажите двапати повеќе од жените. Може да се случи и кај помлади, како кај тинејџери атлети кои умираат ненадејно додека тренираат или учествуваат на спортски натпревар.
САДС е наследна генетска состојба која се случува кога електричниот систем на срцето не функционира соодветно и неговата причина главно е непозната, велат за „Верифај“, од САДС фондацијата.
Најчестата причина за САДС е аритмија или електрично попречување во срцето објаснила за „Верифај“ доктор Пајал Кохил .
Ако имате некој во семејството, родител, брат или сестра, братучед или тетка или вујко кои починале ненадејно од необјасниви причини, тие се видовите на испитаници за кои вршиме скрининг. Причината поради која се фокусираме на атлетите, не е зашто тие имаат поголем ризик да го развијат синдромот, туку ако го имаат, тогаш поголем е ризикот за нив да починат. Зашто, кога се натпреварувате во атлетски, компетитивни спортови, вашето срце поминува на стрес тест кој може да биде тригер за електрички проблеми, ако имате пропратна генетска предиспозиција за тоа, вели доктор Кохил.
САДС постои децении пред да се појави пандемијата со коронавирусот и вакцините против ковид-19. Во мејл за „Верифај“, од фондацијата задолжена за едуцирање на јавноста за овој синдром, велат дека првиот документиран случај на САДС е опишан во Германија во 1856 година, а дека синдромот е истражуван во САД од раните седумдесетти (1970).

 

Доктор Мајкл Џ. Акерман, професор на Клиничкиот колеџ на Мајо Клиниката вели дека две години откако е почната пандемијата со коронавирусот, нема индикација дека најголемата вакцинална програма во светот предизвикала раст на смртноста од овие состојби (САДС).

И според системот за набљудување и следење несакани ефекти од вакцината во САД, ВАЕРС, САДС не е пријавен како несакана реакција од вакцината.

Од сите горенаведени факти, можеме да заклучиме дека не е точно дека вакцинацијата против ковид-19 предизвикува зголемена стапка на смртност од синдромот САДС. Фактите говорат  дека вакцините против ковид-19 не содржат чипови и графен оксид и тие никако не се поврзани со 5Г технологијата. Поради тоа, постот кој го анализираме го оценуваме како невистинит.

Напишете коментар