fbpx

Вистиномер: Вакцините против ковид-19 не се „глобален експеримент“

-

Производството на вакцините против ковид-19 вклучува неколку строги тестови за безбедност и ефикасност. Сите вакцини мора да поминат три клинички фази на тестирање. Клиничките тестирања даваат сигурност дека вакцините се безбедни и за лицата со разни болести, но и за ефикасност против вирусот. Тврдењето во постот дека благодарение на вакцината, некои се разболеле, други станале инвалиди, некои умреле, а некои допрва ќе се разболуваат или умираат, е непоткрепено со извори, ниту со докази и факти. Досега не е докажана корелација меѓу пријавите за несакани ефекти и нивната причинско последична врска со самата вакцинација, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, кој се однесува на вакцинацијата против ковид- 19 и нејзините подоцнежни ефекти.

Во постот пишува:

Сите вакцинирани се дел од глобалниот експеримент. Некои се разболеле, други станале инвалиди, некои умреле, некои допрва ќе се разболуваат или умираат. Нивен проблем, па вие сте потпишале согласност да бидете глобално експериментално глувче…

Ковид вакцините се безбедни 

Вакцинацијата против ковид-19 не е глобален експеримент. Вакцините пред да бидат одобрени за употреба, самите имаат поминато три фази на клинички тестирања.

На официјалната веб-страница на „Фајзер“ има низа соопштенија со датуми од коишто може да се види кога почнала и како напредувала соработката меѓу Фајзер и Бионтек, која резултираше со создавање на вакцина против ковид.

На 9 април 2020 година компаниите информираат за нивниот напредок.

На 22 април 2020 година „Фајзер“ и „Бионтек“, повторно официјално преку соопштение, објавено на нивната официјална веб-страница, соопштуваат дека добиле регулаторна дозвола од германските власти да почнат клинички тестирања на четири кандидати за вакцина ковид-19.

На 29 април 2020 година „Фајзер“ и „Бионтек“  информираат дека одредиле колкава треба да биде дозата на вакцината.

На 5 мај 2020 година како дел од клиничкото испитување се дадени првите вакцини во САД на учесници во клиничката студија.

На 1 јули се регистрирани првите позитивни исходи од таквото давање на вакцините.

Потоа следуваат позитивни исходи од вакцината во Германија во сите три фази, понатаму добивања одобренија од Американската агенција за лекови и од Европската Унија, а останатото со оваа вакцина е историја, односно таа веќе е дистрибуирана насекаде во светот за со неа да се вакцинира населението масовно на глобално ниво.

Центарот за контрола и превенција на болести на САД, објаснува дека повеќе неопходни чекори мора да бидат преземени секојпат кога ќе ѝ се презентира нова вакцина на генералната популација. Овие чекори вклучуваат развој на вакцината, клинички тестирања, одобренија од официјални медицински агенции, производство и дистрибуција. Секоја од овие набројани фази, беше спроведена по појавата на коронавирусот и откако беше евидентно дека станува збор за светска пандемија, која афектираше луѓе  буквално во сите држави од светот.

Студија од регионалната канцеларија на СЗО за Европа, заедно со Европскиот центар за контрола и превенција на болести, обзнани проценка, дека од почетокот на вакциналната кампања од декември 2020 година до ноември 2021 година, биле спасени 470 илјади животи во 33 држави ширум европскиот регион и тоа само кај лицата повозрасни од 60 години.

Според сите научни студии вакцината против коронавирусот докажано штити од тешки форми на болеста и смрт. За да бидат одобрени за употреба, вакцините против ковид-19 мора да ги исполнуваат највисоките стандарди за безбедност и делотворност. Светската здравствена организација (СЗО) внимателно го следи воведувањето на сите вакцини за ковид-19. Иако тие беа развиени во рекордно време, сепак, самиот процес – системите за тестирање, проценката на резултатите и одобрувањето на вакцината, не беше помалку ригорозен.

 

Строги тестови за безбедност на вакцините

Вакцините против ковид-19 ги поминале клиничките тестирања и не се експериментални. Нивното производство минало низ неколку строги тестови за безбедност и ефикасност со што се докажа дека тие се ефикасни против коронавирусот. По одобрување од страна на Светската здравствена организација (СЗО), како и националните регулатори, сите вакцини мора да поминат три клинички фази на тестирање. Клиничките тестирања даваат сигурност дека вакцините се безбедни и за лицата со разни болести, но и за ефикасност против вирусот. Резултатите од клиничките фази потоа се ревидираат од страна на независни научници за да се осигура дека податоците се во ред.

Тестирањата во третата фаза и нивната примена во светот потврдија дека вакцините се многу ефикасни во превенција на тешките симптоми. Подолу можете да ја видите ефикасноста на сите вакцини што се аплицираат во РСМ, кон симптоматското заболување со ковид-19:

  • Фајзер – Бионтек – 95 проценти
  • Оксфорд – Астразенека – 63 проценти
  • Синовак – 51 процент
  • Спутник В – 92 проценти
  • Синофарм – 79 проценти

А, според научната фела лесните симптоми пријавени од вакцинирани лица (болка, црвенило на кожата на местото на инјектирање, главоболка и покачена температура) се само доказ дека се активирал имунолошкиот систем.

Освен тоа, производителите на вакцини се обврзани да вршат и понатамошни испитувања на несаканите ефекти и нивното влијание врз вакцинираната популација и тоа да го објавуваат во извештаи што ги доставуваат до американските здравствени регулатори. Така, документот кој е насловен „5.3.6. Кумулативна анализа на извештаи за несакани ефекти по одобрение на БНТ162Б2 примени до 28 февруари 2021 година“ ги наведува пријавите за несакани ефекти главно од системите за пријавување на САД и Велика Британија, како дел од обврската што ја има „Фајзер“ по добивањето одобрение за својата вакцина.

Така, производителот набљудува листа на несакани ефекти од посебен интерес, која  е составена уште пред да почнат клиничките студии.

Доколку се прочита страница 29 од документот во однос на заклучоците, се доаѓа до сознанието дека не се откриени нови ризици или загрижувачки информации за несаканите ефекти и дека бенефитот од вакцината е поголем од нејзините ризици.

Не постои вакцина која што нема несакани ефекти, меѓутоа тие се јасно наведени во упатствата за користење и се главно благи. Според МАЛМЕД, Агенцијата за лекови и медицински средства, задолжена да ги следи овие пријави, во Република Северна Македонија не постои смртен случај поврзан со вакцинацијата, иако има две пријави за сомнеж за смрт после вакцинација.

Што се однесува на изјавата за согласност за вакцинација, која ја потпишуваат сите лица кои доброволно сакаат да се вакцинираат во Република Северна Македонија, таа не е „согласност да бидете глобално експериментално глувче”, како што невистинито се тврди во постот што го рецензираме.

Согласноста за вакцинација е задолжителен документ за секое лице кое сака да биде вакцинирано. Документот се пополнува лично или од страна на законски старател или овластен носител на одлуки за лицето кое ја прима вакцината. Пополнетата согласност се приложува на вакциналниот пункт. Согласноста може да биде пополнета претходно, но истата се наоѓа и на пунктовите за вакцинација каде може директно да се пополни и да се приложи. Како изгледа согласноста за вакцинација може да видите на следниот линк.

Во неа пишува дека вакцинацијата против ковид-19 ќе ја намали можноста да се разболите од ковид-19 и во неа јасно и прецизно и транспарентно се кажува деак ниедна вакцина не е целосно ефикасна. Се известува примателот на вакцината дека се потребни неколку недели по примањето на вакцината за да во телото се создаде заштита кон вирусот. Се додава дека некои луѓе може да добијат ковид-19 и покрај тоа што се вакцинирале, и дека се потребни 2 дози за да бидете заштитени. Се информираат граѓаните дека вакцината не може да ве зарази со ковид-19, но и дека треба да ги следите упатствата за почитување на превентивните мерки за заштита од  болеста како носење заштитна маска, одржување на физичка дистанца, хигиена на рацете итн. Во согласноста за несаканите ефекти наведено е следното:

Како и сите лекови, вакцините можат да предизвикаат несакани ефекти. Повеќето од нив се благи и краткотрајни, а не сите ги добиваат. Прочитајте информации и повеќе детали за вакцината и можните несакани ефекти на www.kovid19vakcinacija.mk. Можете да пријавите сомнителни несакани ефекти на https://malmed.gov.mk/

Ништо од горенаведеното не асоцира на експериментирање, туку на информирање и транспарентно посочување на фактите околу вакцинацијата, за граѓанинот да донесе информирана одлука и да знае како да се однесува во секоја дадена ситуација во иднина.

Неточно е и тврдењето во постот што го рецензираме дека благодарение на вакцината која е ословена како глобален експеримент, некои се разболеле, други станале инвалиди, некои умреле, а некои допрва ќе се разболуваат или умираат. Ова тврдење е непоткрепено со извори, непоткрепено со докази и факти, односно како што повеќепати „Вистиномер“ досега пишуваше, дека не е докажана корелација меѓу пријавите за несакани ефекти и нивната причинско последична врска со самата вакцинација.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е точно дека вакцината против ковид-19 е глобален експеримент, дека од неа луѓето се разболуваат или допрва ќе се разболуваат и дека самите потпишале да бидат глобално експериментално глувче.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

МВР: Фотографирани гласачки ливчиња во Скопје, Охрид, Берово и Радовиш

Пет лица си ги фотографирале гласачките ливчиња во текот на денешното гласање, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР). Станува збор за два случаи во Скопје и по еден во радовишко,...