Фото: Архива на Мета

Во севкупното финансирање на медиумите со јавни пари влегува и субвенционирањето на печатените медиуми што се прави по утврдени правила. Правилата беа дефинирани во разговори помеѓу претставници на Владата, Асоцијацијата за заштита на националните печатени медиуми, а со свои предлози учествуваа и од ЗНМ, се вели, меѓу другото, во Извештајот на „Метаморфозис“ за реформите во медиумскиот сектор под наслов: Реформи на половина пат – политичката волја час ја има, час ја нема, пишува Вистиномер. 

Првиот пакет на субвенции беше почнат за 2018 година, при што со одлука на Владата, а согласно Програмата за поддршка на печатење и дистрибуција на печатени медиуми, според официјалните бројки, беа издвоени 50 милиони денари или околу 813 илјади евра.

Од ова, за медиумите што ги исполнуваат условите за квалификација за државни субвенции, 50 отсто одат за покривање на трошоци за печатење, а 50 отсто за дистрибуција, додека за печатените медиуми на јазиците на етничките заедници, не помалку од 50 отсто и не повеќе од 70 отсто од споменатите трошоци за печатење и дистрибуција.

Овие средства опаѓаат, па така, според официјални извори, во 2019 година биле доделени 43 милиони денари, а во последната година, со одлука за 2020 година, биле доделени само 30 милиони денари. Сепак, треба да се нагласи дека во 2020 година сите медиуми, вклучувајќи ги и печатените медиуми, добија екстра помош во своето работење од државата поради пандемијата со ковид.

Праксата досега покажа дека овие пари се добредојдени за печатените медиуми со оглед на драматичното опаѓање на тиражите, пред сѐ, поради современите технологии и експанзијата на информациите преку интернет. Од друга страна, во јавноста може да се наиде на критики за критериумите по кои се добиваат субвенциите и за невклучување специјализирани печатени медиуми, туку само медиуми со општ информативен карактер.

Лошата слика со финансиите на комерцијалните радиодифузери рефлектираше и идеи за некаков Фонд за медиуми. Таквите идеи се движеа од барање на локалните и регионалните радиодифузери што беше поддржано од Владата на неформално прилично јасно ниво, па преку идејата за Фонд за радио и Тв-продукција на сопственикот на радиото со национална покриеност „Канал 77“, Горан Гаврилов, до неформални предлози од Владата за Фонд за медиуми што би се финансирал од нестандардни буџетски приходи (игри на среќа, индустријата со производство на канабис за масло од канабис и слично).

Се очeкува развој на оваа идеја по локалните избори во 2021 година, бидејќи од Владата веќе е испратена покана до новинарските организациии и до невладиниот сектор за номинирање претставници во некое тело што би се занимавало со реформа во медиумите. Засега оваа идеја е целосно обвиена со непознаници, бидејќи во поканата, освен општата фразеологија, не се појаснува и прецизира за какви реформи би станало збор.

Меѓутоа, идејата можеби може да се види, бидејќи Владата појасно се изрази за својата намера на почетокот на мај 2021 година, преставувајќи го Фондот како независен фонд за истражувачко новинарство и за продукција на медиумски содржини од јавен интерес. Владата преку брифинг што го објави агенцијата МИА, оваа идеја, како и идејата за измена на членот 102 од ЗАВМУ за владиното рекламирање, ги претстави како „барања на медиумските работници и како дел од пакет на медиумски реформи“. Според брифингот, во ваквиот Фонд би се собирале помеѓу 1,5 и 2,5 милиони евра на годишно ниво од фиксни приходни ставки.

Ден подоцна, во мај 2021 г., на ваквиот брифинг од Владата за МИА реагираа четирите најголеми новинарски здруженија и организации во земјата, ЗНМ, ССНМ, СЕММ и МИМ, со заедничко соопштение, во кое се истакнуваат два факта: првиот, дека овие организации никогаш не побарале менување на членот во законот што би овозможило владини реклами во медиумите, и вториот, дека организациите никогаш не побарале формирање Фонд за медиуми, но дека како идеја ја прифаќаат само ако Владата отвори јавна дебата во медиумскиот сектор како да се развие овој модел за помош на медиумите.