fbpx

Вистиномер: Стоилковски со право укажува на прекршување на Законот за високо образование

-

Изјавата на портпаролот Стоилковски е поткрепена со посочување на конкретен член од Законот за високо образование, во кое се наведува неспојливоста на функцијата декан со политичка функција, заради што неговото изнесено тврдење го оценуваме како вистина, пишува „Вистиномер“.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, на прес конференција, поврзана со изборот на новите партиски тела на СДСМ, даде изјава која ја оценуваме како вистина.

Димитар Ковачевски незаконски именувал декан на факултет во партиските тела на СДСМ, со што грубо го прекршил законот за високо образование. Ковачевски уште не дојден на позиција премиер, во стилот на неговиот наредбодател Заев, почна со кршење на законите. Пиунот на Заев, Димитар Ковачевски, во својот Извршен Одбор го сместува Мишко Ралев, професор, декан на Факултетот за архитектура и дизајн. Со тоа е прекршен Законот за високо образование на РМ, закон донесен во 2018 година, во владеење на СДСМ.

[Извор: a1on.mk, видео-до 00:41, датум: 03.01.2021]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Изјавата на портпаролот Стоилковски е поткрепена со посочување на конкретен член од Законот за високо образование, во кое се наведува неспојливоста на функцијата декан со политичка функција, заради што неговото изнесено тврдење го оценуваме како вистина.

Во член 114, став 3  од Законот за високо образование стои:

 Вршењето на должноста декан и продекан, е неспојливо со вршење на друга јавна функција или функција во политичка партија.

Стоилковски е во право кога бара за направениот прекршок или Ковачевски да го исклучи Мишко Ралев од Извршниот Одбор на СДСМ, или, пак, Ралев да си поднесе оставка од функцијата декан. (видео:01-17-01:28)

Мишко Ралев, кој доаѓа како ново лице во СДСМ, е вонреден професор и декан на Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот Американ Колеџ Скопје, како и претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија. И според статутот на образовната институција во која работи се потврдува неспоивоста на раководната функција со вршењето политичка функција.

Вршењето на должноста декан, односно директор, и продекан, односно-заменик директор е нејспојливо со вршење друга јавна функција или функција во политичка партија, стои во членот 49, од Статутот на Универзитетот Американ Колеџ.

Ваквите принципи вообичаено се дел од статутите на сите високообразовни институции во државата, кои почиваат на позитивната законска регулатива, а, пред сè, на Законот за високо образование, кој мора задолжително да се почитува. Лицата, пак, кои се наоѓаат на раководни места, мора да ги познаваат своите надлежности, па оттука и да преземат одговорност за своите постапки, особено во случај на евентуалниот судир на интереси во вршењето на функцијата.

 

Сличен случај од 2012 година заврши пред Уставен суд

Сличен случај како посочениот е регистриран и во 2012 година кога Фросина Ташевска – Ременски реагирала до Уставниот суд по поднесена анонимна претставка и по извршен вонреден инспекциски надзор од страна на Државниот просветен инспекторат.

Инспекторатот констатирал дека Ременски била избрана за продеканка за настава на Факултетот за безбедност, Скопје, додека членувала во Советот за безбедносни прашања и НАТО интеграции на СДСМ. Овој инспекциски орган констатирал дека тоа е спротвно на членот 64, став 2, од тогашниот Закон за високото образование и дал препорака до Факултетот дека новоизбраната продеканка не може истовремено да ги врши двете должности, со напомена дека мора да се откаже од едната од нив.

По утврдените недоследности од страна на Државниот просветен инспекторат, Ременски поднела барање за заштита на слободите и правата според Уставот на РМ до Уставниот суд на Република Македонија. Таа навела дека нејзиното членство во Советот не било политичка функција, односно дека советот не бил орган на политичка партија, што се потврдувало и од член од статутот на политичката партија. Оттука, членството во советодавното тело не можело да се толкува како функција во политичка партија. Во барањето е содржан наводот дека Државниот просветен инспекторат се ставил во функција на политичка дискриминација, спротивно на уставната забрана за дискриминација на граѓаните по основ на политичка припадност, впуштајќи се во постапување за кое не бил надлежен, односно впуштајќи се во утврдување на неспоивост на функции/судир на интереси и толкување на терминот функција во политичка партија, за кој надлежен бил друг орган.

Меѓутоа, Уставниот суд го отфрли нејзиното барање, сметајќи дека од него не произлегуваат факти, ниту докази, дека заради некој од основите била нееднакво третирана од наведениот орган, односно дека  била спречена во уживањето на правата и слободите со нејзино дискриминирање. Прашањето за постоење или непостоење на евентуален судир на интереси во конкретниот случај, пак, било оквалификувано како прашање од надлежност на други органи пред кои барателката може и има право да иницира постапување и конечна разрешница.

Имајќи го предвид погоре наведеното, во отсуство на сите овие процесни претпоставки, во конкретниот случај Судот оцени дека не постојат услови за мериторно одлучување по барањето, се наведува во решението со кое се отфрла барањето на Ременски.

Иако Уставниот суд овде, покрај утврдувањето за непостоење на дискриминација, ја повикал Ременски да се обрати до други институции, кои ќе би ја утврдиле дилемата која таа ја поставува – дали советодавно тело на партија е или не е орган на партија, во конкретниов случај, со оглед на фактот што станува збор за членство во Извршниот одбор на партијата, кое е највисоко извршно партиско тело (своевидна „влада“ на партијата) таква дилема нема. Членството во Извршниот одбор на СДСМ е политичка функција со оглед на недвосмислениот факт дека ова тело е орган на партијата.

И во Законот за спречување на корупција и судирот на интереси се наведува дека „избрано или именувано лице за време на траењето на неговиот мандат е должно да ги почитува правилата за неспоивост на функција која ја врши со други функции или дејности утврдени во Уставот и законите“ (член 44) и дека „службеното лице во своето работење, е должно да внимава на потенцијален судир на интереси и да преземе мерки за негово одбегнување“ (член 72).

Оттука, посочените аргументи укажуваат дека изјавата на Стоилковски за неспоивост на функцијата на Мишко Ралев како декан и член на ИО на СДСМ  е вистинита. Единствено може да му се забележи на политичкиот речник, кој обично го користат политичарите за навреда на своите политички опоненти, а кои се препознаваат со употреба на зборовите „пиунот на Заев“, „неговиот наредбодател Заев“…, пишува „Вистиномер“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...