Фото: NIAID-RML (https://www.niaid.nih.gov/ & https://www.niaid.nih.gov/about/rocky-mountain-laboratories), CC BY 2.0, Викимедија комонс

Наспроти тврдењето во постот што го рецензираме, вакцините против ковид се испитани и нема линк меѓу нив и зголемена стапка на канцер. На официјалната веб-страница за вакцинација во земјава е посочено е дека вакцините против ковид-19 не може да предизвикаат рак. Во сите упатства за користење на вакцините, ниеден несакан ефект не е канцер. Реномирани медицински стручњаци ги отфрлаат тврдењата дека вакцините може да предизвикаат канцер, како невистинити. И во земјава и во светот, се препорачува вакцинација против ковид-19 за пациентите со канцер, затоа што тие имаат имунокомпромитиран систем, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се наведува дека после вакцината против ковид-19, во организмот на вакцинираните, спајк протеинот создава многу болести. Во објавата се вели:

Спајк протеинот е предизвикувач и на рак, се врзува за генот за рак на дојка и рак на јајниците.

Карциномите наеднаш експлодираа!

Спајк протеинот ја напаѓа коскената срцевина и вашите матични клетки во делба, па оттука е и зголемувањето на карциномот.

Не е важно која вакцина ќе ја земете, сите произведуваат ист отров (спајк протеин) кој ги напаѓа вашите клетки.

Ова е злосторство против човештвото, каде што користиме опасен производ, кој му штети на нашето човечко тело, на нашите хормони, на нашите репродуктивни органи.

„Вистиномер“ веќе има пишувано дека спајк протеинот кој се создава во телото после вакцинацијата против ковид-19 не е ист како тој од коронавирусот и дека не е отровен, како што невистинито се тврди во постот. Во повеќе наврати откако е почната вакциналната кампања, вакцината против ковид-19 се посочува како виновник за секаков вид на болести, вклучително и со раст на стапката на карцином. Меѓутоа тоа го прават антивакцинални кругови без какви било докази и наспроти генералните факти кои говорат дека стапката на канцер не бележи драстичен раст.

Американската организација за канцер веќе објасни дека пандемијата со ковид-19 се очекува да предизвика поголем морталитет на долги патеки од канцер, но поради одложена дијагностика, прекини во третманите, можноста пациентите да не одат на редовни превентивни контроли, како и фактот што милиони луѓе ќе останат без работа и без здравствено осигурување.

Вакцините против ковид се испитани и нема линк меѓу нив и зголемена стапка на канцер, наспроти тврдењето во постот што го рецензираме. Тоа го пишуваат и проверувачите на факти на „Ју Ес Еј тудеј“.

На официјалната веб-страница за вакцинација во земјава, посочено е дека вакцините против ковид-19 не може да предизвикаат рак. Во сите упатства за користење на вакцините, ниеден несакан ефект не е канцер. Повеќето луѓе кои се вакцинираат против ковид-19 имаат благи симптоми кои исчезнуваат за ден или два.
„мРНК вакцините не ја менуваат вашата ДНК на кој било начин и затоа не можат да предизвикаат рак. Вакцините мРНК ги учат клетките како да создадат протеин кој предизвикува имунолошки одговор ако некој се зарази. мРНК што се инјектира во вашето тело не комуницира со вашата ДНК. Откако мРНК ќе ја заврши својата работа, вашите клетки ја распаѓаат и расчистуваат од вашето тело. Нема трајни ефекти од мРНК во вакцините“, пишува на официјалната страница за вакцинација во Република Северна Македонија.
Доктор Марк Шломчик, претседател на одделот за имунологија на Универзитетот во Питсбург за медиицна, вели дека тврдењата дека вакцините може да предизвикаат канцер се невистинити.

Нема практичен начин, вакцината да предизвика рак. Ниедна вакцина која кога било сме ја проучувале или е користена за да се превенира инфекција, не била поврзана со канцер,вели тој.

Во земјава и во светот, секаде се препорачува вакцинација против ковид-19 за пациентите со канцер затоа што тие имаат имунокомпромитиран систем.

Професорот за биологија на канцер, на Мехари медицинскиот колеџ, Доналд Алцендор за „Ју Ес Еј Тудеј“, вели дека нема основа за тврдењето дека вакцината предизвикува канцер.

Според експертите за здравство, податоците од клиничките тестирања и почетокот на вакцинацијата против ковид-19, не покажуваат поврзаност меѓу вакцините и стапката на канцер.

Повеќе од 6 милијарди луѓе имаат примено вакцина против ковид-19 ширум светот и инциденцата за канцер не е поврзана со апликацијата на вакцините, вели Алцендор.

И доктор Мајкл Имперале, професор на одделот за микробиологија и имунологија на Универзитетот во Мичиген, вели дека тврдењето дека ковид вакцините може да предизвикаат канцер е невистинито.

Ниедна состојка во вакцините не предизвикува канцер и нема докази за да се поврзе канцерот со вакцинацијата, изјави тој.

Пациентите со малигни хематолошки заболувања во С. Македонија имаат и официјални препораки да се вакцинираат, од Клиниката за хематологија. Австралиската организација за канцер исто така препорачува вакцина за имунокомпромитираните пациенти со канцер. Харвард објави студија која откри придобивки од ковид вакцините за пациентите со рак, а истото го покажа и студијата на Стенфорд во декември.

Бројни странски проверувачи на факти ја имаат дебанкирано дезинформацијата дека вакцината против ковид-19 предизвикува канцер.
„Нема докази дека спајк протеинот од вакцината е токсичен и дека се задржува во телото во токсични нивоа после вакцинацијата“, изјавиле од американската Агенција за храна и лекови за „Факт Чек“.

Спајк протеинот не е патоген. Не е токсин, изјавил за истите проверувачи на факти Џејсон Мек Лелан, биолог на Универзитетот во Остин Тексас, кој ги проучувал спајк протеините на други коронавируси со години.

Професорката по микробиологија на Универзитетот во Пенсилванија, Сузан Вајс, исто така посочува дека спајк протеинот не е токсин.

Уверена сум дека спајк протеинот не е токсин. Ако спајк протеинот кој се создава по вакцинацијата е патоген, зарем немаше да видиме големо зголемување на болестите после вакцинацијата, вели таа.

Вистиномер веќе пишуваше во повеќе наврати дека нема ефекти од вакцината против ковид-19 врз репродуктивното здравје на мажите и жените, иако во екот на вакциналната кампања, една од главните работи на кои се фокусираа антивакциналните движења беше лажното убедување да не се вакцинирате зашто наводно нема да може да имате деца, или ќе имате проблеми во бременоста и спонтани абортуси. Сите овие тврдења се невистини.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е вистина дека спајк протеинот по вакцинацијата предизвикал експлозија во стапката на канцер, дека создава болести или дека влијае негативно на репродуктивното здравје.