Фото: Исечок од видеото

Видеото во постот што го рецензираме претставува компилација од повеќе материјали од стари протести за различни причини и со различни барања, меѓу кои противење на зелениот ковид пасош, протести на студенти, како и протести на сопственици на ресторани. Па, наспроти тврдењето во постот, видеото не го илустрира „падот на владата во Италија“, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој е споделен видеоматеријал кој претставува компилација од повеќе клипови на кои се гледаат протести. Во описот на постот стои:

07.08.2022
Италија
Пад на владата.

Наспроти она кое се изнесува во постот што го рецензираме, од 1 минута и 58 секунда во видеото до 2 минута и 4 секунда, е споделен материјал кој дефнитивно не е од 7 август 2022 година туку е снимен уште пред седум месеци. Истиот видеоматеријал на кој се гледаат демонстрации и судир со полицијата,  на социјалната мрежа Твитер. е објавен на 28 јануари 2022 година. Станува збор за протест поради смртта на Лоренцо Парели, 18 годишник во Торино.

 

 

Од 1 минута и 20 секунда во видеото, до 1 минута и 30 секунда, пак, се гледаат кадри од хидранти кои растеруваат демонстранти. Ни оваа снимка не потекнува од 7 август 2022 година, ниту пак, се однесува на падот на италијанската влада. Снимката е објавена на Јутјуб уште на 18 октомври 2021 година, и е од протест во Трст,  против зелениот пасош воведен како мерка за справување против ковид-19.

Од 1 минута и 5 секунда до 1 минута и 20 секунда во видеото, претставен е протест кој не е снимен во август годинава и не се однесува на падот на италијанската влада. Станува збор за клип објавен на 9 октомври 2021 година од протест во Рим организиран од група која се противи на зелениот пасош.

 

 

Како што пишуваат проверувачите на факти на „Ројтерс“, во јули годинава видео од тој протест невистинито се споделувало на ист начин како и во постот што го рецензираме, односно како да е протест за пад на владата на Италија.

Од првата до тринаесеттата секунда во видеото од постот, пак, претставени се кадри од протест одржан на 9 октомври 2021 година, за кој италијанскиот медиум „Ил Матино“, објавил дека е поради зелениот ковид пасош. Во текстот на „Ил Матино“, може да погледнете фотографии од насилниот протест, кои се идентични како фрагментите од видеото кое во постот што го рецензираме невистинито се претставуваат како да се од падот на италијанската влада.

Од 17 до 54 секунда во видеото споделено во постот што го рецензираме, претставени се кадри од протест кој се случил во Рим. Меѓутоа, видеото не го илустрира падот на италијанската влада, туку стар протест од 6 април 2021 година, во кој сопствениците на ресторани се судриле со полицијата. „Асошиејтед прес“ има фотографии од овој настан, на кој јасно се гледаат истите ликови и локацијата прикажани на видеото, со што се потврдува дека станува збор за истиот настан од 6 април 2021 година, а не за нов протест за пад на италијанската влада.

Имајќи ги предвид сите горенаведени факти, оценуваме дека  не е вистина дека на видеото во постот што го рецензираме е претставен „падот на италијанската влада“. Евидентно е дека видеото  претставува компилација од повеќе материјали од стари протести за различни причини и со различни барања, меѓу кои противење на зелениот ковид пасош, протести на студенти, како и протести на сопственици на ресторани.  Впрочем и некои од корисниците на Фејсбук во коментарите под постот, исто така, воочиле дека станува збор за манипулација и дека снимките немаат врска со „падот на владата“, туку се работи за стари видеоматеријали.

Напишете коментар