fbpx

Вистиномер: Со невистини и манипулации се бара итно запирање на сите вакцини

-

Фејсбук објава, која е дел од антиваксерската кампања, ги наведува читателите да веруваат дека 40.000 луѓе починале само затоа што се вакцинирале, што не е точно. Како поткрепа на оваа неточна информација се користат цитати и изјави од псевдоорганизација која прави голема штета на колективното здравје, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Група која себеси се нарекува Светски совет за здравје (WCH) и која споделува дезинформации и вклучува теоретичари на заговор за ковид-19, бара итно запирање на сите вакцини поради, како што велат, огромниот број на жртви од вакцината. Ова тврдење коешто се споделува на социјалната мрежа Фејсбук и покрај тоа што е целосно неточно, има голема видливост.

ОД ГОЛЕМО ЗНАЧЕЊЕ!

(особено за боцканите телетабиси за да не продолжат)

Светскиот Совет за здравје кој претставува 70 тела повика на итно запирање на сите вакцини поради огромниот број жртви од вакцината, 40,000 (од четирите најголеми бази за евиденција на последици од вакцина). Сосема неприфатливо. Стандардот до сега бил 50 смртности – веднаш се повлекува од пазарот.

Ќе ни кажат ли лажливите медиуми?, се вели во постот којшто во моментот на нашата рецензија (04.07.2022) има 73 споделувања.

На Фејсбук објавата што е предмет на оваа рецензија, споделено е видео во кое член на таканаречениот Светски совет за здравје тврди дека вакцините итно треба да се запрат затоа што имало 40.000 евиденции за последици од нив. Ова е неточна информација, но уште поважно е дека огромен знак прашалник лебди врз кредибилитетот на оваа организација.

Што е, всушност, Светскиот совет за здравје?

Од почетокот на пандемијата, сè поголем број организации, нови и стари, се посветија на создавање перцепција дека постојат легитимни медицински тела кои ги доведуваат во прашање доказите базирани врз наука за носењето заштитни маски, социјалното дистанцирање и вакцинацијата.

Меѓу тие организации е и таканаречениот Светски совет за здравје, (WHC) кој во никој случај не е како што звучи. Веб-страницата на организацијата е поставена да изгледа како непрофитна јавно-здравствена организација: веселото мало лого претставува графика на која се гледа рака во јаболко, во која, пак, има вградено цртеж на срце. Изјавата за мисијата на организацијата прокламира дека групата е „светска коалиција на организации фокусирани на здравјето и групи на граѓанско општество кои се обидуваат да го прошират знаењето за јавното здравје и создавањето смисла преку науката и споделената мудрост“.

Всушност, овој Совет е чадор група за ширачи и поттикнувачи на дезинформации за ковид-19. Канадско-американското списание „Вајс“ направило детално истражување за овој Совет во кое се вели дека:

Организациите, групите и партнерите кои се вклучени во овој Совет се посветени на поттикнување сомнеж во вакцините против ковид-19 и промовирање на дискредитирани третмани за оваа болест.

Во изминатите неколку месеци, WCH објави дека вакцините против ковид се „опасни и неефикасни“, објави бесмислен водич за „детоксикација на шилести протеини“ по вакцинацијата, погрешно тврдеше дека вакцинацијата против ковид води до зголемени проблеми со срцето кај возрасните и кај децата, ги повика своите следбеници да бидат „рацете и нозете на оваа глобална коалиција“ и да достават петиција против вакцините до нивните локални избрани функционери.

Едно нешто што WCH несомнено го постигна е создавање организација со која луѓето ќе се поврзат кога сакаат да тврдат дека постојат медицински професионалци кои се против вакцинирањето против ковид. Притоа, добро познатите споделувачи на дезинформации и теоретичарите на заговор брзо почнаа да го цитираат WCH, (како што е случајот и со оваа објава која ја рецензираме). Тие наведуваат дека Советот е легитимно медицинско тело, што не е вистина. Тоа е тело кое промовира алтернативни и лажни наративи за ковид и вакцинацијата, велат од Вајс.

Независната организација наречена Медиумска пристрасност/Проверка на факти (MBFC) која ја оценува пристрасноста, фактичката точност и кредибилитетот на медиумските извори, го оценува Советот како „десничарска организација на псевдонаука и заговори на ниво на надрилекарство заснована на промовирање недокажани и лажни тврдења во врска со вакцините, ковид-19 и општото здравје“.

Основан во 2021 година, Светскиот совет за здравје е коалиција на партнери ширум светот кои промовираат дезинформации за ковид-19 и пропаганда против вакцините. EbMCsquared е непрофитна компанија која го поседува и управува со Светскиот совет за здравје. Сегашната извршна директорка е д-р Тес Лори, која често промовира дезинформации за ковид-19. Веб-страницата на Светскиот совет за здравје објавува вести поврзани со нивната организација и информации за ковид-19 и други болести. Речиси сите прегледани објави се или засновани на псевдонаука или се лажни, се вели во оценката.

Оваа организација тврдењето дека имало 40.000 смртни случаи и последици од вакцините го базира на компликациите пријавени во Системот за известување за несакани настани од вакцини (VAERS) во САД, со кој што раководат Центарот за контрола и превенција на болести (CDC) и Администрацијата за храна и лекови на САД (FDA). Она што е многу важно да се знае е дека секој може да пријави непроверено тврдење до ВАЕРС, а злоупотребата и погрешното толкување на податоците на ВАЕРС стана камен-темелник на движењето против вакцините.

Овој систем, кој често се цитира во разни медиумски написи и постови на социјални мрежи, е пасивен систем за известување. ВАЕРС се потпира на извештаи од здравствени работници, како и од поединци и не е направен да утврди прецизно дали вакцината предизвикала здравствен проблем. ВАЕРС прифаќа извештаи за сите несакани ситуации што се случуваат по вакцинирањето, дури и ако не е јасно дека вакцината го предизвикала проблемот и била причина за смртта.

На ВАЕРС, буквално секој може да пријави несакан ефект, вклучително и смрт, без притоа да има доказ за причинско-последична врска меѓу вакцината и смртта или несаканиот ефект.

Самата пријава на ВАЕРС не е доказ дека вакцината ја предизвикала смртта. Можно е други болести, состојби, сообраќајки, канцер, итн. – буквално еден куп причини да предизвикаат смрт, откако вакцината е администрирана.

Здравствените работници се должни во овој систем да ги пријавуваат сите смртни случаи кои се случуваат откако некоја личност ќе се вакцинира.

Но, она што не е наведено во објавата што ја рецензираме, е податокот дека ВАЕРС има и Упатство за толкување на податоците што се објавуваат. Ова Упатство е јасно назначено на првата страница на ВАЕРС сајтот и во него уште на почетокот се наведува:

При проценка на податоците од ВАЕРС, важно е да се напомене дека за кој било пријавен настан, не е воспоставена никаква причина-последична врска. Извештаите за каква било врска помеѓу вакцините и несаканите дејства (можни несакани ефекти) се водат во ВАЕРС. Затоа, ВАЕРС собира податоци за каков било несакан настан по вакцинирањето, било да е тоа случајно или навистина предизвикано од вакцина. Извештајот за несакан настан до ВАЕРС не е документација дека вакцината го предизвикала настанот.

Портпаролката на Американската агенција за храна и лекови, Алисон Хант, за проверувачи на факти  во САД изјавила:

Пријавените случаи на ВАЕРС се неверификувани извештаи. Тоа што некој ќе пријави несакан ефект на ВАЕРС не е документација дека вакцината го предизвикала ефектот. Кога би имало зголемен број на смртни случаи тоа би го задржало вниманието на властите. Сите извештаи за несакани ефекти од вакцинацијата ги земаме сериозно, а во случајот на ковид-19 вакцините, Центарот за контрола и превенција на болести активно е ангажиран да ја следи безбедноста на овие вакцини. Секоја пријава за смрт по администрирањето на вакцината брзо и ригорозно се истражува заедно со Агенцијата за храна и лекови и Центарот за контрола и превенција на болести. Се прави опсервација на секој клинички случај. Дополнително имаме и голем број начини на кои ја мониторираме самата безбедност на вакцинитевели таа додавајќи дека досега нема зголемување на смртноста поради вакцините.

Тоа значи дека доколку вакцинирано лице се удави, почине во сообраќајна несреќа или од струен удар, нивната смрт мора да биде пријавена во ВАЕРС како неповолен настан. А бидејќи во САД целосно е вакцинирано 67 отсто од населението, природно големите бројки од големата популација што се брои во стотици милиони, не значи дека причина за тоа е вакцината.

Во Фејсбук објавата со погрдно име „телетабиси“ се нарекуваат луѓето коишто одлучиле да се вакцинираат за да го заштитат сопствениот живот, животот на нивните најблиски како и колективното здравје. Вирусот е вистински, постои, се шири брзо, веќе има нов бран и повторно големи бројки на заболени лица и е смртоносен за многу луѓе. Засега единствениот начин на заштита е процесот на вакцинирање.

Оваа Фејсбук објава, која е дел од антиваксерската кампања, ги наведува читателите да веруваат дека  40.000 луѓе починале само затоа што се вакцинирале, што не е точно Притоа како поткрепа на оваа неточна информација се користат цитати и изјави од псевдо-организација која прави голема штета на колективното здравје.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Македонија гласа: Седми претседателски избори со седуммина кандидати

Денеска се одржуваат седмите претседателски избори во Република Северна Македонија, а за функцијата Претседател на РСМ се натпреваруваат седум кандидати. Со право на глас на Претседателските избори 2024 во Избирачкиот...