Фото: Ian Hutchinson on Unsplash

Вистиномер.мк рецензираше пост на Фејсбук во кој што се тврди дека вакцината против ковид (мРНА вакцината на Модерна поконкретно) е оперативен систем, кој може да ја програмира вашата ДНК, а со тоа и самите луѓе. Цитирајќи го производителот Модерна од неговата официјална веб страница, авторот погрешно го толкува објаснувањето за тоа како функционираат мРНА вакцините, наведува дека „нашите природни биолошки тела ќе се променат и ќе им се инфилтрираат синтетички ствари, вклучително и наночестици“.

Ова не е вистина.

Само за појаснување, производителот Модерна, нема да дистрибуира од своите вакцини во Македонија, бидејќи не е заинтересиран за мали пазари и генерално не е заинтересиран за европскиот пазар. Оваа информација на брифинг за медиумите ја даде претседателката на Комитетот за имунизација, професор Александра Грозданова.

Но, и покрај тоа што македонските граѓани нема да имаат можност да се имунизираат со мРНА вакцината на Модерна, сепак тоа не го менува фактот дека неточно е наведеното во однос на тоа дека во нивните тела ќе се инфилтрираат „синтетички ствари и наночестички“. мРНА вакцина е и вакцината на Фајзер која во земјава се администрира и функционира на истиот принцип како и таа на Модерна.

Министерството за здравство, на својата официјална веб страница за вакцинација, меѓу прашањата и одговорите за митовите околу вакцинацијата, наведува сосема спротивен став од оној изнесен во постот:

мРНКвакцините не ја менуваат вашата ДНК на кој било начин и затоа не можат да предизвикаат рак. Вакцините за Messenger РНК (мРНК) ги учат клетките како да создадат протеин што предизвикува имунолошки одговор ако некој се зарази. мРНК што се инјектира во вашето тело не комуницира со вашата ДНК. Откако мРНК ќе ја заврши својата работа, вашите клетки ја распаѓаат и расчистуваат од вашето тело. Нема трајни ефекти од мРНК во вакцинатапишува на официјалната веб страница за вакцинација.

Значи, наспроти изнесеното во постот кој го рецензираме, не постои никакво „програмирање“ на луѓето и не може да се тврди дека секој човек се цели да стане дигитално чвориште во управувачка мрежа. Нема да има промена ниту на нашите природни биолошки тела, од причина што мРНК се отстранува од телото, односно не предизвикува никакви трајни последици на него.

Вакцинацијата има за цел да активира имунолошки одговор на телото без тоа да се зарази со коронавирусот. Така, со вакцината во телото се внесува само мал дел од вирусот, односно делот мРНК, кој го содржи кодот за репродукција со спајк протеинот. Така се активира нашиот имунолошки систем и почнува да создава антитела. Меѓутоа, ниту една РНК, ниту таа на човекот, ниту таа од вирусот, нема пристап до централното клеточно јадро. Ова значи дека таа нема контакт со генетскиот материјал на човекот и не може да се измеша со него.

Главниот медицински директор на Модерна, Тал Закс, објаснувајќи како делуваат мРНК вакцините на  видеото во продолжение вели:

Во секоја клетка има месенџер РНА или скратено мРНА, кој ја пренесува критичната информација од ДНК до протеинот, од кој сите сме изградени. Оваа критична информација ќе одреди всушност, што ќе направи клетката. Го гледаме како оперативен систем. Не само во клетката во нашето тело, туку во сите живи организми. Ако можете во софтверот на животот, како што го нарекуваме, да внесете код или да го смените, тоа има длабински ефект на сè, од грип до канцер.

Потоа во 2,20 минута од видеото тој продолжува да објаснува:

Како функционира мРНА вакцината? На телото му даваме инструкции како самото да произведе вакцина. Со традиционалниот пристап, протеините пловат околу клетката. мРНА вакцината ги поттикнува клетките во вашето тело да ја направат вакцината. Што е поалармантно, дали странец којшто се шета во вашата населба или некој што ви провалил дома и го активирал алармот? Тоа се случува со мРНА вакцината. Алармот е вклучен, клетката повикува полиција! Во исто време го создава протеинот и вели, ова е лошиот чичко. Така функционира мРНА вакцината.

Потоа продолжува со објаснување од 3,10 минута до 3,38 минута во видеото прикачено на следниот линк:

Група луѓе ги вакциниравме против грип со мРНА и сите развија имун одговор каков што се надевавме да видиме. Покажавме дека ова функционира и кај луѓе и така на овој принцип ќе развиваме вакцини.

И Уницеф тврди дека вакцините против ковид-19 не можат да ја променат вашата ДНК.

Вакцините наречени мРНК не ја менуваат, ниту како било содејствуваат со вашата ДНК. Вакцините мРНК им даваат инструкции на нашите клетки како да направат протеин којшто активира имунолошка реакција и потоа веднаш се раствора. Со ова се гради имунитет против вирусот кој предизвикува ковид-19. На тој начин, мРНК (Т.Е. ИНСТРУКЦИИТЕ) од вакцината воопшто не влегува во јадрото на клетката, каде што се наоѓа нашата ДНКпишува на страницата на УНИЦЕФ.

И „Форбс“ во разговор со медицински експерти потврдува дека мРНК вакцината НЕ може да ја промени ДНК кај вакцинираниот.

„Ројтерс“, пак, цитирајќи извори од производителот „Модерна“, тврди дека споредбата на мРНА науката за конкретната вакцина, со оперативен систем, е метафорична, а не буквална. Според „Модерна“, мРНА науката може да се спореди со оперативен систем зашто може да се користи за да се насочи кон справување со голем број болести.

И „Небраска медисин“ тврди дека со оваа вакцина не може да се влијае на промена на ДНК.

Во огромниот број на светски извори, кои се релевантни и потврдуваат дека до ваква промена не може да дојде се приклучува и Глобалната алијанса за вакцинација ГАВИ.

МРНА не е исто што и ДНК и не може да се комбинира со нашата ДНК за да го промени нашиот генетски код. Исто така е релативно нестабилна, па ќе остане во клетките само околу 72 часа пред да се распадне, велат оттаму.

Поради сето горенаведено, тврдењето дека со мРНА вакцината се планира секој човек да стане дигитално чвориште на управувачка мрежа и дека неговите природни, биолошки тела ќе се променат со инфилтрација на синтетички ствари и наночестици, го оценуваме како невистина.