Фото: Фото-монтажата во спорниот пост

Фотографијата што се споделува во овој пост на Фејсбук не е од Бил Гејтс, ниту пак, тој бил некогаш осуден во Гвантанамо. Оригиналната фотографија којашто е злоупотребена и фалсификувана во постот,  е извадена од еден видеоматеријал достапен на Јутјуб,  во којшто е претставена смрт со летална инјекција. Доколку проминентна личност како Бил Гејтс била навистина уапсена, тогаш ова би било широко покривана медиумска информација ширум светот. Бил Гејтс и ден денешен е активен на својот профил на Твитер, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој е споделена фотографија на која се вели дека се наоѓа Бил Гејтс во Гвантанамо. Истата фотографија со алузија дека Гејтс се наоѓа на чекор до смртта со летална инјекција, споделена е на повеќе Твитер канали. 

На блогот Real Raw News, лани е пласирана теорија на заговор, споделена и во постот што го рецензираме. Според оваа теорија на заговор и дезинформација, Бил Гејтс наводно бил осуден на смртна казна која ќе ја чека во Гвантанамо до 5 октомври 2021 година, кога таа требало да се реализира. Половина година подоцна, не само што Бил Гејтс е жив и се појавува јавно, туку нема ниту трага ниту глас од какво било судење, рочиште или што било поврзано со Гејтс и Гвантанамо.

Иако е очигледно дека станува збор за монтажа, сепак овој пост е исклучително вирален и во неговата вистинитост поверувале многу корисници. Станува збор за изменета фотографија односно фалсификат. На 3 август 2021 година, мрежата за проверка на факти на „Ројтерс“ објави дека на Фејсбук се шират лажни информации дека американската војска го уапсила Бил Гејтс и го обвинила за трговија со деца и други грозоморни криминални дејанија против Америка и Американците. Сите овие содржини првично биле објавувани на сајтот Real Raw News за кој погоре споменавме дека споделува невистинити информации.

Доколку се погледне описот на сајтот, односно со какви објави се занимава истиот, се доаѓа до сознанието дека оваа платформа објавува забавни хумористични вести, пародии и сатира. За заштита на самата веб страница, на секоја сатирична објава има назнака дека станува збор за невистина.

Всушност, доколку проминентна фигура како Бил Гејтс била навистина уапсена, тогаш ова би било широко покривана медиумска информација ширум светот, што не е случај. Бил Гејтс и ден денешен е активен на својот профил на Твитер.

Веб-страницата од каде што потекнува оригиналната вест претставува сајт што објавува сатирични информации.

Во коментарите под постот кој го рецензираме споделена е оригиналната фотографија којашто е злоупотребена и монтирана, односно фалсификувана во постот што го рецензираме. Таа фотографија е извадена од овој видеоматеријал достапен на Јутјуб, којшто е вознемирувачки бидејќи на него е претставена смрт со летална инјекција.

Во описот на видеото стои:

25 август 2016 година. Реконструкција на егзекуција со летална инјекција којашто ги потенцира некои од многу специфичните проблеми во врска со преферираниот метод за егзекуција во САД. Ова е филм кампања која што ги промовира фактите, ги потенцира неефективностите во врска со смртната казна во САД. Ги предизвикуваме сите да ги гледаат сите епизоди од видеата на нашите веб-страници и да научат некои изненадувачки факти. Низ минатите неколку години егзекуциите се во помал број во САД, практиката е соочена со уставни проблеми. Тоа не ја спречи земјата да биде една од земјите со највисока стапка на егзекуции во светот. Ова е кампања со која целиме да ги промовираме фактите, да ги истакнеме неефикасностите на смртната казна. Без разлика дали ја поддржувате смртната казна или не, нема сомнеж дека смртната казна е проблематична и кога системот води кон тоа да биде одземен живот, залозите се превисоки за да бидат игнорирани, стои во описот на видеоматеријалот.

Оттука, заклучуваме дека фотографијата не е од Бил Гејтс, ниту пак, тој бил некогаш осуден во Гвантанамо, па поради сите горенаведеени факти, постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит.

Напишете коментар

Внесете го вашиот коментар
Please enter your name here