Сопственикот на кафеаната во Дебар Маало прикажана на видеото, тврди дека снимката е стара. Инспекторката Александра Котели, која заедно со уште 7 инспектори била на терен во Дебар Маало, исто така, тврди дека состојбата прикажана на видеото не се случила на 8 Март во посочената кафеана. Имајќи ги предвид овие изјави, информацијата пласирана и на порталот и на социјалната мрежа Фејсбук ја сметаме за невистинита, пишува Вистиномер.мк во својата нова анализа, што ја пренесуваме во целост.

Рецензиран е текст со Фејсбук пост,  во којшто се тврди дека во кафеана во Дебар Маало разиграни жени по масите му пркоселе на вирусот, додека кафеаните биле полни, а музиката ечела најгласно што може за 8 Март.

Во објавата се тврди:

КЛАСТЕР ДЕБАР МААЛО

Разиграни жени по масите му пркосеа на вирусот: Кафеаните за 8-ми март преполни, музиката ечеше најгласно што може (ВИДЕО)

Во прилог на постот е линкуван напис со истиот наслов.

Текстот содржи видео материјал од кафеана со музика, разиграни луѓе кои нешто слават. Текстот е објавен на 9 март 2021 година, еден ден по интернационалниот ден на жената, со што се инсинуира дека славењето се случило баш тогаш, што во исто време би значело и прекршување на мерките и препораките за заштита од коронавирусот.

Меѓутоа, насловот не го поткрепува она што е изнесено во текстот. Во насловот се тврди дека оваа прослава датира од 8 март, но, тоа не е потврдено во самиот текст.

„Видеото се појави на социјалните мрежни и според она што беше напишано во коментарите од граѓани, прославата пишува дека била вчера за 8 март во кафеана во Дебар Маало во Скопје“, се вели во текстот.

На социјалните мрежи може да се пронајдат секакви коментари, но задача на новинарот е да ги провери и да ја информира јавноста точно целосно и прецизно.

Само неколку реда подолу во текстот се изнесува сосема спротивно тврдење на она во насловот и воведот во текстот.

Од видеото на социјалните мрежи очигледно е дека се работи за прослава во време на пандемија бидејќи дел од персоналот носи маски, но точната локација, време и ден не се знае.

По објавата на снимката од кафеаната во Дебар Маало, која на социјалните мрежи беше посоченa како местото, во кое, наводно се славел 8 Март без почитување на мерките за заштита од ковид-19, реагираше сопственикот на кафеаната Златко Васовски. Тој во телефонски разговор за МКД.мк вели дека се работи за стара снимка и дека постојано има инспекција која не ги промашува овие кафеани.

„Снимката е во мојата кафеана, но е стара и не е од вчера. Не можам точно да се сетам од кога е, можеби пред Нова Година некаде или порано. Ние живееме во пандемија веќе една година и на тој начин и работиме. Од мојот локал плата земаат 40 фамилии и никогаш не би си дозволил инспекција да ми го затвори местото поради прослава спротивна на препораките дадени од Владата“, вели Васовски за МКД.МК.

Александара Котели, инспекторка во Државниот пазарен инспекторат, за истиот медиум тврди дека вечерта на 8 март, во реонот Дебар Маало каде се лоцирани голем број кафеани, контрола била вршена од 17 до 22.30 часот и слика како онаа која е претставена на видео материјалот не е затекната.

„Вчера лично јас заедно со уште 7 инспектори бевме на терен во Дебар Маало од 17 до 22,30 часот. Во коментари на видеото пишува дека се работи за кафаната Дебар Маало во истото место. Таа кафеана за која се наведува дека станува збор, е меѓу редицата кафеани кои беа контролирани неколку пати и ве уверувам дека ваква слика како на видеото не затекнавме“, изјави во телефонски разговор за МКД.мк, инспекторката Александра Котели.

Подолу во изјавата Котели уште еднаш напоменува дека снимката не е направена на 8 март во споменатата кафеана во Дебар Маало

„Ве уверувам дека да сме затекнеле ваква ситуација на лице место и веднаш без размислување ќе сме ја затвореле кафаната, која и да е. Но, се оградуваме од видеото кое се објавува и тврдам дека состојбата не се случила вчера и во кафеаната која е напишана долу во коментар, бидејќи јас лично бев на лице место во овој реон“, вели инспекторката Котели.

Истите зборови кои инспекторката Котели ги кажа за МКД.мк во телефонски повик ги потврди и за Вистиномер. Таа во тој повик потврди и дека во видеото станува збор за кафаната на сопственикот Златко Васовски, што значи дека снимката е навистина од неговата кафана, но не е од оваа година, туку од некоја од изминатите години.

Имајќи ги предвид тврдењето на сопственикот на кафеаната дека снимката е стара, како и изјавата на инспекторката Котели  во која тврди дека состојбата прикажана на видеото не се случила на 8 март во пососчената кафеана, информацијата пласирана на порталот и на социјалната мрежа Фејсбук ја сметаме за невистинита.

Самиот наслов го оценуваме како клик-бејт, односно техника со којашто се прави обид да се собере што поголем број на кликови од граѓани, кои потоа ќе се соочат со фактот дека содржината од насловот во текстот не е потврдена, посочува Вистиномер.мк.