fbpx

Вистиномер: Слободата на изразување е загрозена од платеното политичко рекламирање – констатираат и ОБСЕ и ЕУ

-

Покрај што платеното политичко рекламирање ја загрозува уредувачката политика на медиумите и ги ставаат во клиентелистички однос, што го констатираше како опасност и Државната комисија за спречување на корупција и судир на интереси уште во 2019 година, самите политички партии и нивните кандидати ги става во дискриминирачка и нерамноправна позиција, фаворизирајќи ги само големите партии, односно 4 партии, две од македонскиот и две од албанскиот блок, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Два клучни извештаја на (нај)кредибилните институции кои го мерат степенот на реформскиот напредок во Северна Македонија ги потврдуваат досегашните наоди на невладините организации, вклучувајќи ја и Фондацијата Мeтаморфозис во однос на еден клучен елемент кога станува збор за слободата на изразување, односно реформите во медиумскиот сектор.

Станува збор за јавните пари во медиумите генерално, а поконкретно за еден значителен сегмент за медиумите и нивните слободи, а тоа е платеното политичко рекламирање за време на секои избори во земјата. Оваа новина започна од пред референдумот за името во 2018 година, преку експресна и тивка-надвор од јавноста, промена на Изборниот законик, кога клучните политички партии постигнаа договор претставувањето на партиите и кандидатите за време на секои избори да се финансира со средства на сите граѓани, од буџетот, при што се финансираат не само радиодифузерите туку и он-лајн медиумите. За илустрација, станува збор за милионски суми во евра, за секоја изборна кампања, во просек околу 3,5 милиони, со тоа што за овие локални избори се одвоени повеќе средства, бидејќи се плаќа и за кампањата во вториот круг.

ОБСЕ/ОДИХР – Системски вградена предност за големите партии

Мисијата на ОБСЕ во Скопје, поточно делот на ОБСЕ за набљудување на демократските институции и човековите права ОДИХР, кој е задолжен и за набљудување на избори, во последниот првичен извештај за локалните избори 2021 г., се осврнува на овој сегмент од Изборното законодавство.

Извештајот што беше презентиран од шефицата на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, Тана де Зулуета, го критикува целиот дел од изборното законодавство во однос на преставувањето на партиите кај медиумите, при што само го констатира делот со јавните пари. Таа вели дека тој систем е, всушност, системска слабост која ги фаворизира големите партии.

Водечките парламентарни партии имаат системски предности, особено во распределбата на јавните ресурси за кампања, вклучително и во медиумите, ја цитира РСЕ шефицата на набљудувачката мисија де Зулуета.

Ова е многу попрецизно кажано во самиот прелиминарен извештај, на страница 15:

Платеното рекламирање кај радиодифузерите, во печатените и онлајн медиумите за време на кампањата е финансирано непосредно и исклучиво од државниот буџет, што го критикуваа некои соговорници на МНИ на ОДИХР, бидејќи поттикнува клиентелизам. Со законот не се обезбедени објективни и разумни критериуми за распределба на јавните средства за платено рекламирање, давајќи им значителна предност на одредени парламентарни партии, додека во суштина им оневозможи на помалите партии и независните кандидати да водат медиумски кампањи, спротивно на заложбите на ОБСЕ и меѓународната добра практика.

Во референцата 58, ставена за овој заклучок на ОБСЕ/ОДИХР, се наведува уште подетелно како изгледа таа системска слабост вградена во Изборниот законик:

„Коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, предводена од СДСМ, потоа ДУИ, коалицијата „Обнова на Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Алијансата за Албанците и АлтернАтивА добија 90 проценти од одвоените средства, додека помалите парламентарни партии споделија 7 проценти, а сите вонпарламентарни партии и независни кандидати требаше да ги споделат преостанатите 3 проценти од средствата. Според став 233 од Заедничките упатства на ОДИХР и Венецијанската комисија за уредување на политички партии (2. издание), јавните средства „треба да се распределат на непартиски начин, според фер и разумни критериуми“. Со став 7.8 од Документот од Копенхаген од 1990 г., државите-учеснички се обврзуваат да гарантираат дека „не смее да постои законска или административна пречка за непречен пристап до медиумите на недискриминаторска основа за сите политички групации и поединци кои сакаат да учествуваат во изборниот процес“. Според дел I.2.3. од Кодексот на Венецијанската комисија за добра практика во изборни прашања, за сите партии и кандидати мора да се гарантираат еднакви можности, меѓу другото и во поглед на емитувањето во медиумите и јавните средства, и дека во зависност од темата, еднаквоста може да биде строга или пропорционална. Според став 233 од Заедничките упатства на ОДИХР и Венецијанската комисија за уредување на политички партии (2. издание), јавните средства „треба да се распределат на непартиски начин, според фер и разумни критериуми“, а во став 235 се вели дека „системот за определување на пропорционалната (или правична) дистрибуција на поддршката од државата со средства или во натура мора да биде објективна, фер и разумна“.

ЕУ бара транспарентно финансирање во медиумите

Во Извештајот за напредокот на РСМ во поглед на европските интеграции за 2021 година има поголем дел посветен на медиумите, за кој сектор генерално се вели дека земјата е „умерено подготвена во однос на слободата на изразување“.

Притоа, од првичните објави на делови од извештајот во медиумите, може да се извлечат две реченици кои се однесуваат и на изборите, рекламирањето на државните институции и политичките партии во медиумите. EК акцентот го става на подобрување на транспарентноста на јавните пари во медиумите, а споменувајќи ги политичките партии, јасно е дека се мисли на изборните кампањи:

Треба да се обезбеди поголема транспарентност во однос на медиумското рекламирање од страна на државните институции и политичките партии. Властите треба да ги зголемат своите напори за реформа на јавниот радиодифузен сервис, обезбедувајќи ја неговата независност и финансиска одржливост (Извор: РСЕ).

Патем, јавниот сервис е споменат и во извештајот на ОБСЕ ОДИХР, при што се констатира дека правилата за изборно претставување на јавниот сервис создава сериозни проблеми во вестите на МРТ, бидејќи е наложено правилото 30-30-10, односно по 30 проценти за партиите на власт и опозиција во Собранието, а 10 проценти за помалите партии и независните кандидати.

* * *

Овие поразителни наоди, бидејќи се влечат неколку години, а самото платено политичко рекламирање од 2018 година во ИЗ, констатирани се од повеќе медиумски експерти и од невладини организации, вклучувајќи и најмалку два извештаја на Метаморфозис досега. Едниот е во рамките на проектот „Опсерваторија на медиумски реформи“, а другиот извештај за реформите во медиумите во рамки на регионален проект во соработка со црногорската организација ЦДТ.

Платеното политичко рекламирање од државата, покрај што ја загрозува уредувачката политика на медиумите и ги ставаат во клиентелистички однос, што го констатираше како опасност и Државната комисија за спречување на корупција и судир на интереси уште во 2019 година, самите политички партии и нивните кандидати ги става во дискриминирачка и нерамноправна позиција, фаворизирајќи ги само големите партии, односно 4 партии, две од македонскиот и две од албанскиот блок.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Забраната за примање невакцинирани деца во градинка во време на епидемија, не е дискриминација

Со објавата се шири паника и се обвинуваат здравствените власти, иако станува збор за стандардно постапување кое поради недоволен вакцинален опфат беше применувано и во 2019 година, кога имаше...