fbpx

Вистиномер: Се пропушта контекстот кога се тврди дека студија покажала оти ризиците од вакцината ги надминале придобивките

-

Спротивно на невистинитото тврдење изнесено во постот што го рецензираме, конкретната студија не е поддржана од Светската здравствена организација. Таа е во претпечатена верзија и не е прегледана од научната заедница. Освен тоа, студијата не докажува дека било кој од наводните несакани ефекти настапиле како резултат на вакцината и во истата не пишува дека ризиците од вакцинацијата со мРНК вакцина во голема мера ги надминуваат придобивките, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се тврди дека „студија на Светската здравствена организација покажала дека ризиците од вакцината против ковид-19 се поголеми од придобивките, односно дека едно лице во просек има 339 проценти поголема веројатност да доживее несакан ефект како срцев удар, мозочен удар или смрт поради вакцината на Фајзер, отколку да биде хоспитализирано со ковид 19“. Во објавата се вели:

Студија на СЗО заклучува дека ризикот од претрпување сериозни повреди поради ковид со вакцинацијата е 339 проценти повисок од ризикот од хоспитализација со ковид 19. Во комбинација, мРНК вакцините беа поврзани со апсолутен пораст од сериозни несакани настани. Примателите на инјекции со мРНК имале и имаат во просек 187 проценти поголеми шанси да претрпат сериозен несакан настан отколку да бидат хоспитализирани со ковид 19.

Во состав на постот, споделен е линк од сајтот Експозе, а по пристапувањето на овој линк, може да се дојде до студијата.

Уште на почетокот се забележува дека студијата е во претпечатена верзија и не е прегледана од научната заедница.

Таа е насловена како „Сериозни несакани настани од специјален интерес по мРНК вакцина во рандомизирани клинички тестирања”. Mеѓутоа, таа не се однесува на реалната ситуација на терен која се случува откако беше пуштена во употреба вакцината против ковид-19, туку се однесува на третата фаза од клиничкото тестирање пред вакцината да биде одобрена за употреба и масовно користена во светот, како што е тоа случај денес.

Во 2020 година, пред да биде пуштена во употреба вакцината против ковид 19, Коалицијата за подготовска за време на епидемии заедно со Брајтон Колаборејшн, создадоа приоритетна листа на потенцијални несакани ефекти релевантни за вакцината против ковид-19. Во оваа студија евалуираме сериозни несакани ефекти од специјален интерес опсервирани во третата фаза од рандомизираните испитувања на мРНК вакцините против ковид 19, пишува во апстрактот на студијата.

Листата на несакани ефекти од специјален интерес е базирана на искуства со минати вакцини, несакани ефекти типични за конкретните ковид вакцини и несакани ефекти карактеристични за болеста ковид-19 генерално, односно станува збор за однапред подготвена листа (123 до 127 ред во студијата). Спротивно на невистинитото тврдење изнесено во постот што го рецензираме, конкретната студија не е поддржана од Светската здравствена организација. Она што е поддржано од СЗО е листата на несакани ефекти од специјален интерес врз основа на која е направена студијата (78 до 81 ред во студијата).

Понатаму, студијата се однесува на мал број испитаници кои веќе учествувале во третата фаза од клиничките тестирања на вакцината на Модерна и Фајзер, уште пред таа да биде пуштена во употреба. Во случајот на Фајзер, станува збор за 52 случаи кои примиле вакцина и имале несакани последици, споредено со плацебо групата каде 33 луѓе имале несакани последици, а немале примено вакцина (191 до 194 ред во студијата).

За Модерна, 87 несакани ефекти од посебен интерес биле пријавени во вакциналната група, а 64 во плацебо групата (194 до 198 ред во студијата).

Од 236 сериозни несакани ефекти од специјален интерес кои се случиле во клиничките испитувања на Фајзер и Модерна, 97 проценти биле такви што јавуваат при болест на ковид-19, пишува во 202 и 203 ред од студијата.

Во 221 ред пишува дека во клиничкото тестирање на Модерна, ризикот од сериозен несакан ефект од посебен интерес го надминал ризикот од намалување на можноста за хоспитализација од ковид-19 од плацебо групата. Во клиничкото тестирање на Фајзер се случило истото.

Меѓутоа, се пропушта контекстот во постот што го рецензираме бидејќи и самите автори на студијата потврдуваат (во 355 ред од студијата) дека немаат пристап до индивидуалните податоци на учесниците во клиничкото тестирање. Понатаму во 359-тиот ред тие кажуваат дека не успеале да идентификуваат кои пациенти ги имале овие несакани ефекти како последица на сериозни компликации од ковид-19 кои се чести. Значи, можно е дел од овие настани да се поврзани со ковид-19, а не со вакцината.

Понатаму на страница 16 и 17 се опишани сите несакани ефекти од посебен интерес и од ова се гледа дека повторно се пропушта контекстот во постот што го рецензираме. Имено, во постот се тврди дека едно лице во просек има 339 проценти поголема веројатност да доживее несакан ефект како срцев удар, мозочен удар или смрт поради вакцината на Фајзер, отколку да биде хоспитализирано поради ковид-19. Меѓутоа, кога ќе се погледнат сериозните несакани ефекти од посебен интерес се гледа дека не биле сите поврзани со смрт, срцев удар, мозочен удар, туку имало и исфрлање на телото, тироидитис, артритис, дијареа и други состојби. Дополнително и најважно, студијата не докажува дека било која од овие состојби настапила како резултат на вакцината, односно не докажува причинско последична врска меѓу вакцината и несаканиот ефект. Таа само квантитативно брои во која група од клиничкото тестирање имало поголем број несакани ефекти. Самите автори наведуваат дека не знаат каква била демографската состојба на учесниците. Сериозните несакани ефекти можно е да не се еднакво дистрибуирани низ демографските субгрупи кои учествувале во клиничкото тестирање и ризиците може да се многу помали во некои групи споредено со други групи. На крајот, станува збор за многу мал број случаи на несакани ефекти и од самата студија не може да се носат заклучоци за предвидувања како што тоа се прави во постот, дека поголеми се шансите да имате несакани ефекти од вакцината отколку да ве хоспитализираат поради ковид-19.

Во постот што го рецензираме се тврди дека студијата покажала дека ризиците од вакцинацијата со мРНК вакцина во голема мера ги надминуваат придобивките. Но, тоа во студијата не го пишува.

Од 48 до 50 ред од студијата во овој контекст се наведува:

Зголемениот ризик од несакани ефекти што ги пронајдовме во нашата студија укажува на потребата за формална анализа за бенефитите и ризиците, особено за оние кои се обележани како сериозни исходи од ковид-19, како хоспитализација и смрт.

Истото се повторува и од 303-иот ред во студијата каде се вели дека анализата укажува на потребата да се направи формална анализа на бенефитите и на несаканите ефекти.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека во постот што го рецензираме се пропушта контекстот кога се тврди дека покажала ризиците од вакцината ги надминала придобивките. Не е точно дека студијата е на Светската здравствена организација. Таа не е прегледана од медицинската заедница и е во претпечатена верзија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...