Фото: Скриншот од видео, Вистиномер.мк

Фотографијата, која се споделува во оваа објава на Фејсбук, всушност, е извадена од видео спот на рап-песна објавена во септември 2020 година. Таа не е на ниеден начин поврзана со ковид-19 пандемијата, ниту, пак, со починатите од неа. Таа нема никаков допир со реалната состојба на терен во болниците и е снимена од видео продукција. Во сцените снимени за потребите на ова видео ја има и онаа во која во товарен камион се натоварени црни вреќи кои треба да претставуваат ,,мртовци”, пишува „Вистиномер.мк“.

Пост на Фејсбук манипулира со перцепцијата на граѓаните, на начин што им соопштува дека „ковид е измама и дека починат од ковид запалил цигара”! Постот е објавен на Фејсбук профилот со име Мајк Тајсон, а се состои од две фотографии на кои се гледа поголема група луѓе, завиткани во црни вреќи, сцена која потсетува на пластичните кеси во коишто се ставаат телата на починатите во болнички услови пред да бидат закопани и однесени во мртовечница од погребално претпријатие. Меѓутоа, на овие споделени фотографии, прикажани натрупани едно врз друго, се дваесетина тела ставени во вреќи, а се гледа и еден човек кој ја има извадено главата и пуши цигара.

Бизарната сцена е злоупотребена за да се измамат граѓаните на Фејсбук дека ковид-19 пациентите ги гушат, ги вакцинираат со отрови и дека ковид-19 е измама. Во таа смисла во постот се вели:

За сите ковид пациенти.

Ве лажат .

Ве гушат.

Ве вакцинираат со отрови.

Ковид е ИЗМАМА.

(починат од ковид ,запалил цигара)

Но, всушност, ова претставува измама од најбизарен вид. Во конкретниот случај се манипулира со перцепцијата на Фејсбук корисниците на начин што се зема кадар или фотографија од настан кој воопшто не е поврзан со ковид-19, а се поврзува со пандемијата со цел да се креира погрешен впечаток во антивакциналната кампања која деновиве зема масовен замав, особено пред најавената масовна имунизација.

Но, во обидот да си игра со јавното мислење, авторот на постот пропуштил да ги прикрие и трагите на својата измама, со кои, всушност, може да се провери неточната информација и многу лесно да се демаскира.

На една од фотографиите оставено е логото на апликацијата Тик Ток, од којашто се гледа дека фотографијата со наводните мртовци е дел од видео објавено на оваа социјална мрежа од корисник со име Васја Иванов Дизајн. Станува збор за продукциска куќа којашто изработува музички видео спотови, реклами и други скриптирани/играни видео продукти. Оваа видео продукција има и свои фотографи,  преку кои својата работа ја промовираат на социјалната мрежа Тик Ток.

Конкретната фотографија, на која лажно се тврди дека се претставени починати од ковид-19, од кои едниот дури и запалил цигара, е извадена од правењето на видеоспот за рап-песна на раперот Хаски. Овој видео спот е објавен на Јутјуб на 26 септември 2020 година и досега има над 900 илјади прегледи.

Видеото се споделува и на социјалната мрежа Твитер, но таму е сфатено во сатиричен контекст:

Нашата проверка на факти покажа дека фотографијата која е злоупотребена во случајов, претставува бизарен уметнички израз за да се продуцира видео решение за рап-песна.

Во видео спотот, во кој, пак, очекувано, ја нема оваа сцена со наводниот „мртовец“ кој пуши цигара зашто не се вклопува во сценариото и пораката на песната, се гледа дека кога телата на „убиените“ се влечат по подот во просторијата каде починале, зад себе оставаат траги од крв, а самата просторија, како и спотот, се преполни со огнено оружје и муниција. Сето ова покажува дека фотографијата употребена во постот што го рецензираме (која е сликана во текот на подготовките за снимање на една од сцените со „мртовците“ нафрлани во камионот, што, пак, може да се види во видео инсертот од ембедираниот твит) не е на ниеден начин поврзана со ковид-19 пандемијата, ниту, пак, „починатите“ имаат било каква допирна точка со реалната состојба на терен во болниците. Тоа го докажува и самото видео, кое кон самиот крај содржи и сцена во која на камион се натоварени црни вреќи кои треба да претставуваат „мртовци”

И покрај тоа што се работи за манипулација, голем број корисници поверувале во неа. Па, овој пост е споделен 64 пати, а мноштвото коментари се однесуваат на тоа дека ковид-19 е измама.