Фото: Рецензираниот Фејсбук пост

Официјалната Фејсбук страница на Самсунг изгледа многу поинаку и е професионално одржувана, за разлика од страницата каде што се споделува наградната игра по повод 37 години постоење на компанијата, каде што има само една објава. На официјалната Фејсбук страница на Самсунг има дури 161 милион следачи, секојдневни професионални рекламирања, информации за фирмата, линкови до официјалната веб страница, телефони за контакт итн., односно има голем број информации кои ја гарантираат нејзината веродостојност. На таа страница не се споменува никаква наградна игра. Дополнително, Самсунг не постои 37, како што се тврди во лажниот пост, туку 53 години, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се дезинформираат и манипулираат корисниците на социјалната мрежа со непостоечка наградна игра, а притоа се злоупотребува името и брендот на компанијата Самсунг.

Страницата од која што се споделува наводната наградна игра е креирана непосредно пред да биде објавен постот што го рецензираме, кој патем е единствениот пост на фан страницата, освен насловната фотографија каде што е постирано логото на Самсунг. Иако страницата нема голем број допаѓања, сепак постот со невистинитата наградна игра има огромна виралност и популарност. Па така, до моментот на пишувањето на оваа рецензија, тој има над 330 споделувања и повеќе од 90 коментари од кои е евидентно дека голем дел од граѓаните поверувале дека наградната игра е легитимна.

За да прославиме 37 години SAMSUNG, фрламе 100 од најновите единици на Samsung бидејќи потрошувачите ги враќаат со помалку гребнатини. На тие што заминаа и напишаа „САМСУНГ“ пред 4ти август, па ќе го дадам, стои во објавата која е предмет на нашата рецензија.

Во постот што го рецензираме, евидентно е дека постојат нелогични реченични формулации, печатни, интерпункциски и граматички грешки, меѓутоа тоа не претставувало аларм за граѓаните да се посомневаат во автентичноста на оваа т.н. „наградна игра”.

Станува збор за неверодостојна наградна игра, односно не е точно дека компанијата Самсунг доделува 100 од нејзините најнови единици како што лажно се посочува во објавата.

 

Дали Самсунг прославува 37 години од своето постоење како што се тврди во постот?

Еден од многуте показатели кои докажуваат дека објавата е лажна, покрај големиот број грешки во интерпункцијата, граматиката и јазичноста, како и тоа што страницата има само еден пост, е и тоа што Самсунг не е фирма која прославува 37 години од своето постоење. Самсунг е јужнокорејска компанија која произведува електронски уреди. Станува збор за едно од најпрепознатливите имиња во технологијата, односно за компанија која произведува една петтина од тоталниот извоз на производи од Јужна Кореа во другите држави од светот.

Самсунг е основана како продавница за прехранбени продукти на 1 март 1938 година од страна на основачот Ли Бјуинг Чул. Тој го почнал својот бизнис во Таегу, Кореа, разменувајќи паста и други прехрамбени производи и извезувајќи ги во Кина. Името Самсунг, доаѓа од корејскиот јазик и значи „три ѕвезди”. По Корејската војна, Ли го проширил својот бизнис со цел да ѝ помогне на својата земја да се изгради после воените штети. Тогаш му помогнала корејската влада која поддржувала големи домашни конгломерати заштитувајќи ги од конкуренција и овозможувајќи им финансиска помош.

Самсунг првпат влегува на пазарот на електронската индустрија во 1969 година, со неколку дивизии специјално фокусирани на електроника. Оттогаш до 2022 година немаат поминато 37 години (како што дезинформира постот), туку 53 години.

Техниката што се употребува во постот што го рецензираме веќе е позната во дигиталниот свет и го носи името „лајк фарминг”. Владата на Австралија преку својот центар за сајбер безбедност го опишува овој феномен на следниот начин:

Лајк фарминг претставува употреба на мрежен инженеринг, како соодветни приказни или фотографии, со кои се убедуваат голем број корисници на социјалната мрежа да ја лајкнат содржината. Многу од овие приказни се лажни и се дел од измама која што подоцна се користи за да се заработат пари од изложеноста и големата виралност генерирана од големиот број на допаѓања (лајкови) и споделувања на страницата.

Постовите кои се користат во „лајк фарминг“, честопати се потпираат на емоциите на луѓето, односно им даваат емотивни причини да кликнат и да споделат, како на пример, прекрасни неодоливи животни, болни деца, ветувања за голема награда и добивка или политички пораки.

Како што пишува „ТајмсОпсервер“, иако постот со кој се прави обид за „лајк фарминг“ е иницијално безопасен, односно комплетно фиктивен, кога измамникот ќе собере доволно допаѓања и споделувања, може да го измени постот и да додаде во него нешто малициозно, како на пример линк до веб-сајт кој симнува вируси на нечиј уред.

Официјалната Фејсбук страница на Самсунг изгледа многу поинаку и е професионално одржувана. Таму има дури 161 милион следачи, секојдневни професионални рекламирања, информации за фирмата, линкови до официјалната веб страница, телефони за контакт итн., односно има голем број информации кои ја гарантираат нејзината веродостојност. На таа страница не се споменува никаква наградна игра.

Поради сите горенаведени факти, постот кој го рецензираме го оценуваме како невистинит, а техниката која во него се употребува препознаваме дека е „лајк фарминг” (like farming).

Напишете коментар

Внесете го вашиот коментар
Please enter your name here