fbpx

Вистиномер: Религиозен ритуал претставен како педофилија

-

Не е вистина дека на видеото, споделено во рамките на постот, е прикажан доказ за педофилија. Станува збор за религиозен ритуал, кој иако е контроверзен и поттикнува дебати ширум светот, сепак не вклучува педофилија, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се тврди дека е претставен свештеник педофил а во склоп на постот, прикачен е и видеоматеријал, на кој се гледа како свештено лице за кое се објаснува дека е од еврејската заедница со ултра ортодоксни религиозни погледи, изведува ритуал на обрежување. Во постот се вели:

17.06.2022
Свештеник-педофил, сатански знаци низ планетата.
Кратко видео.
Насекаде се сатанистите. 
Ние бевме под нивна команда.
Меѓутоа, на видеото не е претставен свештеник педофил, како што невистинито се тврди. На видеото е прикажан контроверзен религиозен чин кој го практикуваат одредени еврејски религиозни ултра ортодоксни заедници, каде после обрежувањето, свештеникот е задолжен да исцица мало количество крв од местото каде што е направена раната. Практиката е нашироко дискутирана, оспорувана и честопати неприфатлива за медицинската заедница, меѓутоа, сепак постои и во ниеден случај не вклучува педофилија.
Како што пишува на веб-страницата на њујоршкиот оддел за здравје и ментална хигиена, практиката се нарекува Metzitzah B`peh (директно орално влечење). На сајтот на Одделот за јавно здравје и ментална хигиена на Њујорк е наведено:
„Кога бебето се обрежува, некои ритуални Евреи спроведуваат практика наречена Metzitzah B`peh. Тоа значи дека со устата се извлекува крв од раната на бебето каде што е направено обрежувањето како дел од ритуалот. После Metzitzah B`peh, некои бебиња добиваат инфекција. Експертите за јавно здравје посочуваат дека оваа практика може да ги стави бебињата под повисок ризик да добијат штетен вирус наречен херпес симплекс вирус тип 1 или попознат како HSV-1. Некои од овие бебиња сериозно се разболеа, развија проблеми со мозокот, а други починаа. Нема докажан начин да се елиминира ризикот од инфекцијата HSV-1 предизвикана од директно орално извлекување на крвта, но има опции за да се намали ризикот. Многу возрасни лица го имаат овој вирус во своите тела. Може да немаат симптоми или само да имаат благи симптоми како херпеси на устата. За разлика од возрасните, бебињата се премали за да се борат со овој вирус. Кога бебето ќе го добие вирусот, може да има оштетување на мозокот, доживотно да биде оневозможено, или во некои случаи да почине.“
Понатаму, експертите за јавно здравје од Њујорк пишуваат дека бебето може да го добие вирусот кога плунката на свештеното лице ќе се најде на кожата на бебето или на раната каде е извршено обрежувањето. Се додава дека дури и ако ова се случува само на еден момент, нема начин да се избегне ризикот од  HSV-1, дури и ако свештеното лице нема видливи знаци на инфекција, како херпеси околу устата. Ако бебето се разболи, тогаш треба да биде хоспитализирано барем две недели за интравенски медикаменти да бидат аплицирани во борба против инфекцијата. Дури и со третман, инфекцијата може да резултира со доживотни проблеми или смрт.
Некои религиозни авторитети, го сметаат оралното извлекување на крвта како единствениот прифатлив начин да се извлече крвта од местото каде што е извршено обрежувањето. Меѓутоа, други религиозни авторитети од еврејската вера одобруваат поразлични методи. На пример, некогаш стаклено цевче се користи за да се извлече крвта на начин на којшто не се овозможува контакт меѓу устата и раната на бебето. Друг начин е да се користи стерилизирана газа за да се извлече крвта. За разлика од директното влечење на крвта, нема докази дека овие други практики предизвикуваат инфекција.
Во Њујорк, комесарот за здравје, донел одлука свештените лица за кои се знае дека пренеле HSV-1 преку metzitzah b’peh да не им се дозволува веќе да ја изведуваат религиозната практика за време на чинот на обрежување. Со оглед на тоа што обрежувањето вклучува сечење на дел од кожата и оставање на отворена рана, се препорачува ова секогаш да се изведува во стерилни услови, а тој што го изведува ритуалот треба да има чисти раце, да носи хируршки ракавици, да користи антисептик, стерилни инструменти, стерилни гази и облека, а за раната е потребна добра нега со апликација на газа после секое менување на пелената. Има случаи , на пример, кога некои бебиња се заразиле со туберкулоза за време на ритуалот.
Во Германија процедурата е криминализирана и мохел (свештено лице кое го изведува ритуалот) е осуден, но не за педофилија туку за немедицински спроведено обрежување.
Во видеото кое е споделено во склоп на постот кој го рецензираме, Евреите се прикажани во негативно светло, делумно како сатанисти и на таков начин се поттикнува омраза кон нив. Американскиот еврејски совет, веќе има забележано дека како дел од конспирациската теорија, движењето Кју шири антисемитски наративи (авторот на постот самиот се декларира како дигитален Кју војник). Антисемитски конспирациски теории за еврејските елити, глобалистите и банкарите се само дел од системот на верување на Кју движењето, исто како и наративот дека децата треба да се спасат од рацете на моќните глобалисти.
Секако дека ниедна од нивните теории не е докажана, а повеќепати е дебанкирана, меѓу другото и од Вистиномер, но и од странски проверувачи на факти.
Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е вистина дека на видеото споделено во склоп на постот што го рецензираме, е прикажан доказ за педофилија. Станува збор за религиозен ритуал, кој иако е контроверзен и поттикнува дебати ширум светот, сепак не вклучува педофилија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

За еден ден, две жени од Скопје нападнати од своите партнери

Два случаја во кои жени од Скопје се нападнати од своите партнери се регистрирани во полицискиот билтен во текот на вчерашниот ден. Околу 18 часот и 30 минути вчера, во...