fbpx

Вистиномер: Рехабилитацијата на магистралниот пат Куманово – Страцин во завршна фаза

-

Во продолжение ја пренесуваме проверката на едно изборно ветување што ја направи „Вистиномер“:

ВЕТУВАЊЕ: Рехабилитацијата на патниот правец од Куманово до Страцин се реализира во две фази. Инвестицијата е во вкупна вредност од 13 милиони евра, а предвидена е рехабилитација на делница долга 32 километри. Тоа што е значајно е  значително да ја подобриме безбедноста во сообраќајот на овој државен пат. Денеска (10.02.2021, н.з.) се наоѓаме на трасата од втората фаза на која очекуваме  забрзување на градежните активности за да може комплетно да бида завршена  оваа траса во текот на оваа година. Во однос на првата фаза од Куманово до село Војник, веќе имаме избрано фирма изведувач, а во фаза на избор е надзорот и очекуваме во месец март да започне рехабилитација и на оваа делница, така што ќе бидеме уште едем чекор поблиску до модернизација на овој Коридор 8,  вети  во февруари минатата година, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

[Извор: Веб-страница на Владата – изјава на Благој Бочварски (01:24-02:17 минута од видеото); Датум: 02.2021]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Рехабилитацијата на магистралниот пат Куманово-Страцин, како дел од Коридорот 8 кој е стратешки приоритет на Владата на РСМ,  е во завршна фаза. Поточно, градежните работи на втората делница Војник-Страцин се при крај, а првата делница Куманово-Војник треба  да заврши до средината на оваа година, заради што оценуваме дека ветувањето за рехабилитација на делницата Куманово-Страцин е во тек на реализација.

Освен што ова ветување е дадено од министерот за транспорт и врски,  Благој Бочварски, рехабилитацијата на овој патен правец е предвидена и во Изборната програма на СДСМ „Можеме! Уште повеќе. Уште подобро “, Програма на активности 2020-2024 (стр.53), како и во Програмата за работа на Владата на РСМ 2020-2024 (стр.10), во делот за рехабилитација на  патишта во должина од 1.500 километри.

Рехабилитацијата на магистралниот пат Куманово Страцин се одвива во две фази. Првата фаза од Куманово до Војник е во должина од 15,2 км и во изградбата се инвестираат 5,4 милиони евра, обезбедени преку ИПА 2 програмата, а за втората делница Војник-Страцин, долга 16,6 км, средствата од 7,2 милони евра се обезбедени од буџетот на ЈП за државни патишта.

Најпрвин, започна изградбата на втората делница Војник-Страцин. Во февруари 2020 година беше потпишан договор со изведувачот „Бетон“, а според ЈП за државни патишта предвидениот рок на изградба беше февруари 2020-февруари 2021 година.

На 25 мај 2020 година беше објавено дека започнува рехабилитацијата на втората фаза, со предвиден рок на градба од 6-9 месеци.

Рехабилитацијата на коловозот на делницата од Куманово до Страцин е дел од неколкуте проекти, кои во моментов ги реализираме во функција на модернизација на патното поврзување со Бугарија. На овој дел од Коридорот 8, пролетниве месеци треба да заврши обновата на постојниот пат меѓу Ранковце и Крива Паланка, во должина од 21 километар. Во наредниот период паралелно ќе се работи на делниците Куманово – Страцин и Крива Паланка – Деве Баир, со што меѓу Куманово и Деве Баир ќе може во целост да се вози по обновен пат веќе на почетокот од 2022 година,  информираа тогаш од јавното претпријатие.

Тогашниот директор на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов, дури најави дека, во зависност од временските услови, рехабилитацијата може да заврши и неколку месеци порано од планираниот рок- пролетта 2021 година , бидејки на терен е нова механизација на изведувачот „Бетон“.

И министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, задно со тогашниот министер за транспорт и врски Горан Сугаревски,  на крајот од јуни 2020 година извршија увид во работите и изјавија дека рехабилитацијата на втората делница е при крај и ќе заврши пред рокот.

Се рехабилитира комплетната коловозна конструкција со асфалтирање во два слоја и се изведува санација на 3 моста и 10 плочести пропусти. Се гради заштита на косини со армирано бетонски и габионски ѕидови и се поставува заштитна мрежа заради безбедност. Долж делницата се реновираат и градат 7 паркиралишта и 8 автобуски станици и се изведуваат работи за комплетна обнова на хоризонталната и вертикалната сигнализација по целата траса, како и електричното осветлување на патот што поминува низ населеното место Страцин, рече  Спасовски.

Сепак работите и на двете делници од патот Куманово-Страцин се интензивираа минатата година, а министриите Спасовски и Бочварски, заедно со тогашниот министер за борба против корупција, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски и новиот директор на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми, често беа на терен и го надгледуваа текот на градежните работи. Притоа, посочуваа дека на овој дел од патната инфраструктура се инвестира за првпат после повеќе од 30 години, а Бочварски изјави дека вкупните средства планирани за доизградба и рехабилитација на целиот Коридор 8 надминуваат 700 милиони евра.

Асфалтирање на дел од патниот правец Куманово -Страцин
Фото: Вистиномер

На 8 октомври 2021 година Бочварски и Николовски изјавија дека втората фаза од делницата ќе биде завршена до крајот на ноември, а комплетирањето на целата делница Куманово-Страцин до пролетта 2022 година. При последната нивна посета на терен на крајот на годината (29.12.2021), пак, рекоа дека 95 отсто од работите на  втората делница се завршени, а дека првата фаза треба да биде готова до јуни оваа година.

Градежните работи, кои што се суштински, се целосно завршени и останува уште да се постават заштитните огради и сообраќајната сигнализација , со што ќе биде комплетиран овој дел од Коридорот 8. Во исто време се реахабилитира и потегот од село Војник до Куманово за што дополнително  инвестираме 5,4 милиони евра. Очекуваме оваа делница да биде завршена  кон средината на 2022 година, а ги правиме сите напори  да биде завршена пред конечниот рок за градење.Со тоа, источниот крак од Коридорот 8  го обезбедуваме со нов, модерен и безбеден патен правец, кој ќе им овозможи побрза и полесна комуникација на сите граѓани кои транзитираат  низ овој дел од земјата, посочи Бочварски.(од 01:51 до 02:40 од видеото).

 

Со оглед на динамиката на градба, завршувањето на втората фаза и најавата за комплетирање на првата фаза од магистралниот пат Куманово – Страцин за неколку месеци, оценуваме дека ветувањето на Бочварски  за рехабилитација  овој патен првец е во тек на реализација, пишува „Вистиномер“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Настани во повеќе онлајн игри со различни награди

Оваа пролет има многу настани на различни игри попознати под името „Event“-и, на кои има различни награди и забрзано левелирање на повеќе игри - настани кои се во тек...