Фото: Kremlin.ru, CC BY 4.0 , на Викимедија комонс

„Вистиномер“ го прегледа говорот на рускиот претседател, Владимир Путин од 24.02.2022 г., објавен на официјалната страница на Кремљ, и во него тој во никаков контекст не ги спомнува македонскиот и српскиот претседател.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Текст насловен:Путин ги предупреди Пендаровски Вучиќ и балканските лидери да не се мешаат? АКО НЕКОЈ ПОКУША ДА НИ ЗАСМЕТА ЌЕ ПРЕТРПИ ОГРОМНИ ПОСЛЕДИЦИ“, пренесува дел од обраќањето на рускиот претседател Владимир Путин од 24.02.2022 година, денот кога Русија ја нападна Украина.

Текстот во насловот тврди дека Путин во својот говор ги предупредил македонскиот и српскиот претседател, Стево Пендаровски и Александар Вучиќ, како и другите балкански лидери, да не се мешаат во рускиот поход на Украина. Ова не е вистина, Путин во својот говор никаде не ги спомна Пендаровски и Вучиќ.

Во текстот, иако на почетокот се вели дека е пренесен целиот говор на Путин, кој е објавен на веб-страницата на Кремљ, такво нешто нема. Пренесени се само два пасуси од неговиот воведен говор и тоа е сè. Нема ниту линк до официјалната страница на Кремљ, каде читателите би можеле да го прочитаат целиот говор на Путин и да се уверат, дали тој навистина ги спомнал Пендаровски и Вучиќ или не.

„Вистиномер“ го прегледа говорот на рускиот претседател и такво нешто не најде. На почетокот тој зборува за проширувањето на НАТО на исток и приближување на воената инфраструктура на Атланскиот сојуз до руските граници.

Познато е дека 30 години упорно и трпеливо се обидуваме да постигнеме договор со водечките земји на НАТО за принципите на еднаква и неделива безбедност во Европа. Како одговор на нашите предлози, постојано бевме соочени или со цинична измама и лаги, или со обиди за притисок и уцена, додека Северноатлантската алијанса, во меѓувреме, и покрај сите наши протести и грижи, постојано се проширува. Воената машина се движи и, повторувам, се приближува до нашите граници, вели Путин.

Понатаму, тој се осврнува на односот на западните земји по Втората светска војна, спомнувајќи го и бомбардирањето на НАТО на Србија:

Се разбира, во практичниот живот, во меѓународните односи, во правилата за нивно регулирање, неопходно беше да се земат предвид промените во состојбите во светот и самата рамнотежа на силите. Но, тоа требаше да се направи професионално, непречено, трпеливо, имајќи ги предвид и почитувајќи ги интересите на сите земји и разбирајќи ја нашата одговорност. Но, не – состојба на еуфорија од апсолутна супериорност, еден вид модерна форма на апсолутизам, па дури и на позадината на ниското ниво на општа култура и ароганција на оние кои подготвуваа, донесуваа и протуркаа одлуки кои беа од корист само за нив. Ситуацијата почна да се развива според различно сценарио.

Не мора да барате далеку за примери. Прво, без никаква санкција од Советот за безбедност на ОН, тие извршија крвава воена операција против Белград, користејќи авиони и проектили токму во центарот на Европа. Неколку недели континуирано бомбардирање на цивилни градови, на инфраструктура за поддршка на животот. Мораме да ги потсетиме овие факти, инаку некои западни колеги не сакаат да се сеќаваат на тие настани и кога зборуваме за тоа, претпочитаат да не посочуваат на нормите на меѓународното право, туку на околностите што тие ги толкуваат како што им одговара.

Рускиот претседател продолжува со ситуацијата во Ирак, Либија, Сирија обвинувајќи ги САД и сојузниците дека без правна основа, со лаги, извршиле воен поход на овие земји:

Сепак, посебно место во оваа серија зазема, се разбира, инвазијата на Ирак, исто така без никаква правна основа. Како изговор, тие избраа веродостојни информации кои наводно им се достапни на САД за присуството на оружје за масовно уништување во Ирак. Како доказ за тоа, јавно, пред очите на целиот свет, американскиот државен секретар затресе некаква епрувета со бел прав, уверувајќи ги сите дека тоа е хемиското оружје што се развива во Ирак. И тогаш се покажа дека сето ова е измама, блеф: во Ирак нема хемиско оружје. Неверојатно, изненадувачки, но фактот останува. Имаше лаги на највисоко државно ниво и од високата говорница на ОН. И како резултат – огромни жртви, уништување, неверојатен наплив на тероризам.

Рускиот претседател нагласува дека и тој бил измамен во поглед на проширувањето на НАТО на исток. Иако му било ветено дека такво нешто нема да има, ветувањето паднало во вода.

Што се однесува до нашата земја, по распадот на СССР, со сета невидена отвореност на новата модерна Русија, подготвеноста чесно да работиме со САД и другите западни партнери и во услови на практично еднострано разоружување, тие веднаш се обидоа да не стиснат, да завршат со нас и целосно да не уништат. Токму тоа се случи во 90-тите, на почетокот на 2000-тите, кога таканаречениот колективен Запад најактивно го поддржуваше сепаратизмот и платеничките банди во јужна Русија. Какви жртви, какви загуби не чинеше сето тоа тогаш, низ какви искушенија требаше да поминеме пред конечно да го скршиме грбот на меѓународниот тероризам на Кавказ. Се сеќаваме на ова и никогаш нема да го заборавиме, вели тој.

Путин, меѓу другото, нагласува и дека за Русија е неприфатливо натамошното проширување на НАТО на териториите на Украина:

И сега, додека НАТО се шири кон исток, ситуацијата за нашата земја секоја година е се полоша и поопасна. Згора на тоа, во последните денови раководството на НАТО отворено зборува за потребата од забрзување, забрзување на унапредувањето на инфраструктурата на Алијансата до границите на Русија. Со други зборови, тие ја зацврстуваат својата позиција. Повеќе не можеме само да продолжиме да набљудуваме што се случува. Тоа би било апсолутно неодговорно од наша страна. За нас е неприфатливо натамошното проширување на инфраструктурата на Северноатлантската алијанса, започнатиот воен развој на териториите на Украина. Поентата, се разбира, не е самата организација на НАТО – таа е само инструмент на надворешната политика на САД. Проблемот е што на териториите до нас, ќе забележам, на нашите сопствени историски територии се создава непријателска „анти – Русија“ која е ставена под целосна надворешна контрола, интензивно се населува од вооружените сили на земјите од НАТО и е напумпана со најмодерно оружје.

Што се однесува до ситуацијата во Донбас, Путин вели дека Русија се обидела од 2014 година навака мирно да се реши конфликтот, со политички средства, но залудно.

Како што реков во моето претходно обраќање, не може да се гледа што се случува таму без сочувство. Едноставно беше невозможно да се издржи сето ова. Беше неопходно веднаш да се запре овој кошмар – геноцидот врз милионите луѓе кои живеат таму, кои се потпираат само на Русија, се надеваат само на нас. Токму овие аспирации, чувства, болка на луѓето беа за нас главен мотив за да донесеме одлука за признавање на народните републики Донбас, вели Путин.

Рускиот претседател рече дека Русија ќе продолжи да се однесува со почит кон сите новоформирани земји во постсоветскиот простор, но посочи дека  „не може да се чувствува безбедна, да се развива, да постои со постојана закана што произлегува од територијата на модерна Украина“.

Дозволете ми да ве потсетам дека во 2000-2005 година им дадовме воен отпор на терористите во Кавказ, го браневме интегритетот на нашата држава, ја спасивме Русија. Во 2014 година тие ги поддржаа жителите на Крим и Севастопол. Во 2015 година, вооружените сили поставија сигурна бариера за пенетрација на терористите од Сирија во Русија. Немавме друг начин да се заштитиме. Истото се случува и сега. Вие и јас едноставно не останавме со друга можност да ја заштитиме Русија, нашиот народ, освен онаа што ќе бидеме принудени да ја искористиме денес. Околностите бараат од нас да преземеме решителна и итна акција. Народните републики Донбас се обратија кон Русија со барање за помош.

Тој нагласи дека плановите на Русија не вклучуваат окупација на украински територии. „Никому ништо на сила нема да наметнуваме“, рече Путин.

Обракајќи се до воениот персонал на вооружените сили на Украина, Путин ги повика да го остават оружјето.

Почитувани другари! Вашите татковци, дедовци, прадедовци не се бореа со нацистите, бранејќи ја нашата заедничка татковина, така што денешните неонацисти ја презедоа власта во Украина. Положивте заклетва за верност на украинскиот народ, а не на антинародната хунта која ја ограбува Украина и ги исмева истите тие луѓе. Не следете ги нејзините криминални наредби. Ве повикувам веднаш да го оставите оружјето и да си одите дома. Дозволете ми да објаснам: сите војници на украинската армија кои го исполнуваат ова барање ќе можат слободно да ја напуштат борбената зона и да се вратат кај своите семејства. Уште еднаш, упорно нагласувам: целата одговорност за евентуалното крвопролевање ќе биде целосно на совеста на режимот што владее на територијата на Украина.

Пред крајот на својот говор, рускиот претседател им се обрати и на „оние кои можат да бидат во искушение да интервенираат во тековните настани“. 

Кој ќе се обиде да не попречи, а уште повеќе да создаде закани за нашата земја, за нашиот народ, нека знае дека одговорот на Русија ќе биде моментален и ќе ве доведе до такви последици какви што не сте доживеале во вашата историја. Подготвени сме за секаков развој на настаните. Донесени се сите неопходни одлуки во врска со ова. Се надевам дека ќе ме слушнат.

Ваквата порака, очигледно е дека авторот на написот што го анализираме, произволно си ја протолкувал како порака до Пендаровски и Вучиќ. Факт е дека Путин во својот говор никаде не ги спомнува македонскиот и спрскиот претседател.

На овој начин новинарот го прекршил членот 1 од Кодексот на новинарите кој вели:

Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес. Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.