fbpx

Вистиномер: Произволно се тврди дека вакцината на „Фајзер“ имала 158 илјади несакани ефекти

-

Документот кој се посочува во постот содржи информации за настани после вакцинација, а не за несакани ефекти од вакцината. Исто така, во документот не се кажува колку дози вакцина биле примени во моментот на неговата изработка. Постот е со пропуштен контекст, со несоодветна интерпретација и превод се даваат податоци кои погрешно наведуваат да се мисли дека вакцините се причинител на огромен број на несакани реакции и смртни случаи. Иако, тоа не може да се тврди со оглед на тоа што системите за пријавување на вакви настани се за ран аларм – секој може да алармира, да пријави и не мора да има доказ дека настанот по вакцинација се случил баш поради вакцината, пишува „Вистиномер“.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се изнесени манипулативни факти за вакцината на „Фајзер“, со што реалните состојби за неа се извадени од контекст и следствено, погрешно се презентирани.

Во постот произволно се тврди дека вакцината на „Фајзер“ имала 158 илјади несакани ефекти, 42 илјади извештаи на случаи и 1.200 смртни случаи за три месеци.

Наместо да ја промовираат четвртата засилена доза, тие треба да ја објаснат безбедносната катастрофа во првите 90 дена и зошто производот не бил тргнат од пазарот??? За да не се открие колку опасен??? А деца се боцкаа еј лудаци??? ШТО МОЖЕ ДА СЕ ОЧЕКУВА ПОСЛЕ ТРИТЕ МЕСЕЦИ??? Очекувајте компанијата и владините агенции да си ја префрлат вината една на друга, што не спречиле, се вели во постот кој го рецензираме. 

Во склоп на постот има и фотографија од следниот текст, но не е наведен линкот.

Токму кога ќе се погледне текстот во него се презентирани линкови до документите врз база на кои се носат погрешните заклучоци. Станува збор за стар Извештај на „Фајзер“, насловен како Кумулативна анализа на извештаите од несакани ефекти после авторизација на вакцината, примени до 28 февруари 2021 година.

На страница 28 од овој Извештај пишува дека „Фајзер“ изведува чести и ригорозни детекции на сигнали за случаите. Заклучоците од овие детекции на сигнали се конзистентни со безбедносниот профил на вакцината. Оваа кумулативна анализа е интегрирана и се состои од американски и странски искуства, фокусирани на важни идентификувани ризици и области, а за кои недостасуваат податоци, како и настани после вакцинација од посебен интерес и грешки во администрацијата на вакцината.
Податоците не откриваат нови безбедносни грижи или ризици коишто би барале да се измени етикетата и промовираат поволен бенефит ризик профил на вакцината, се наведува на стр. 28 од Извештајот. 

На страница 29 од Извештајот во делот за заклучоци се вели дека прегледот на достапните податоци потврдува дека вакцината има поволен исход меѓу ризиците и бенефитите од вакцината.

Значи, рутинска фармаковигиланца е стандардната метода што „Фајзер“ ја спроведува за да ја овозможи безбедноста на пациентите и се наведува дека ќе ја извести Агенцијата ако евалуација на безбедносните податоци доведе до значајни нови информации за вакцината.

 

Како е дојдено до 158 илјади несакани ефекти и 1.200 смртни случаи за три месеци и што тоа всушност значи?

На страница 6 во Извештајот е наведено дека до 28 февруари кумулативно имало 42.086 извештаи за случаи. Од нив 25.379 биле медицициски потврдени а 16.707 немедицински потврдени. Повеќето случаи се од САД, Британија, Италија, Германија, Франција, Португалија и Шпанија.

Од страница 11 во Извештајот се дознава дека дел од нив имале ковид-19.

„Вистиномер“ веќе има пишувано дека американскиот систем за пријавување на несакани настани по вакцинација ВАЕРС не може да се смета како датабаза на потврдени случаи, или да се тврди дека има причинско последична врска меѓу вакцината и меѓу таквиот настан.

Истото за „Ју Ес Еј Тудеј“ го тврди и директорот на институтот за вакцинална безбедност на Џон Хопкинс Универзитетот, Даниел Салмон.

Не може да си претпоставувате дека овие извештаи се нешта кои се предизвикани од вакицната. ВАЕРС е национален систем за рано предупредување за да се детектираат потенцијални безбедносни проблеми со одобрените вакцини. Секој од доктор до сестра до пациенти и родители може да поднесе извештај за настан кој се случил после вакцинација во датабазата. Може да примам ковид вакцина и моето куче да го удри кола. Потоа ќе составам извештај и ќе се појави во датабазата. Не значи дека мојата ковид вакцина предизвикала моето куче да биде удрено од автомобил,  вели Салмон. 

Центарот за контрола и превенција на болести на САД на својата страница вели дека сериозни настани после вакцината се ретки, ама може да се случат. Агенцијата нема идентификувано невообичаени или неочекувани трендови за смртност после имунизација кои би индицирале дека вакцината е виновна за тоа.

Важно е и тоа дека постои разлика меѓу настан по вакцинација и несакан ефект. Настан по вакцинација (adverse event) опишува било каков здравствен проблем кој може да е случи после вакцинација, независно од тоа дали вакцината го предизвикала. На пример, забоболка кај некој што примил вакцина би се сметала за таков настан! Но, забоболката не може да ѝ се атрибуира на вакцината.

Документот кој се посочува во постот што го рецензираме содржи информации баш за вакви настани после вакцинација, а не несакани ефекти од вакцината. Во документот не се кажува колку дози вакцина биле примени во моментот на неговата изработка.

Поради сите овие наведени факти оценуваме дека во постот има пропуштање на контекстот, односно со несоодветна интерпретација и превод се даваат податоци кои погрешно наведуваат да се мисли дека вакцините се причинител на огромен број на несакани реакции и смртни случаи. Иако, како што веќе напоменавме, тоа не може да се тврди, со оглед на тоа што системите за пријавување на вакви настани се за ран аларм, секој може да го поднесе извештајот и не мора да има доказ дека настанот по вакцинација се случил баш поради вакцината.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Петровска: Членството во НАТО отвора можност за развој на науката и технологијата

„Членството во НАТО на сите членови на академската заедница- професори, истражувачи и студенти им отвора нова димензија на поддршка, на можност за соработка со колегите од сојузничките и партнерски...