Вистиномер: Проектот „Сто типски куќи“ во Штип во фаза на урбанистичка подготовка

Штип | Фото: Викимедија комонс

„Мета“ пренесува проверка на изборно ветување на градоначалникот на Штип, Сашко Николов:

Ветување: Реализација на проект „100 типски куќи“– населба Света Недела, наменети за социјално загрозено население.

[Извор: Предизборна програма на С. Николов – датум, ноември 2020]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Во текот на предизборната кампања за предвремените локални избори во Штип, одржани на 13 декември 2020 година, актуелниот градоначалник Сашко Николов најави изградба на сто типски куќи за ранливите категории граѓани. Како локација за новите куќи Николов ја најави населбата „Света Недела“, непосредно до зелениот појас:

Дел од нашата програма е реализација на сто типски куќи во населбата „Света Недела“. Со ова ќе им помогнеме на социјално загрозените семејства. Ова значи нов топол дом за нашите граѓани на кои им се решава животно прашање – стекнување на свој дом, вети Николов.

Ветувањето е содржанo и во програмата на Сашко Николов „Во сигурни раце“(Стр.5):

Преку одговорни политики создаваме подобри услови за живот за нашите деца, за младите и за највозрасни граѓани. Следува:

• Реализација на проект „100 типски куќи“– населба Света Недела, наменети за социјално загрозено население“, пишува во изборната програма на Николов .

Според најавите, станува збор за проект поддржан од Европската унија, преку ИПА програмата.

На презентацијата на владината програмата за домување на Ромите во февруари 2021 година, беше најавено дека проектите за подобрување на условите за живот на Ромите, ќе бидат реализирани во следните три години во Прилеп, Битола, Штип, Берово и Кичево:

Проектот опфаќа и изградба на нови живеалишта – 50 куќи во Штип, 30 стана во Кичево, а истовремено ќе има реконструкција на 50 куќи во Прилеп и 15 куќи во Берово (Јагода Шахпаска, министер за труд и социјална политика, прес конференција на Владата 03.02.2021).

Тогаш од Владата соопштија дека проектите се реализираат преку иницијативата за Интеграција на Ромите 2020, во рамки на која на предлог на Северна Македонија, во Полска 2019 година беше усвоена Декларација на земјите од Западен Балкан за интеграција на Ромите во процесот за проширување со ЕУ.

За текот на овој проект, Николов беше прашан во текот на негов медиумски настап при крајот на август оваа година.

Се работи за цела населба, никаде во изјавите не кажав дека ќе ги направиме за девет месеци и ќе ги завршиме. Во тек е изработката на планот за инфраструктура на типските куќи. Парите, кои се обезбедени од Европската банка се префрлаат на институциите, кои ги спроведуваат јавните набавки и започнува исцртување на плановите на типските куќи. Така што типските куќи се во фаза на изработка и за таму се бара проект, одговори градоначалникот Сашко Николов во емисијата „Стадион“ на Канал 77 (21.08.2021).

Николов објаснува дека паралелно се работи на промена на урбанистичките планови и внесување на планот за сто типски куќи.

Според проверката и дадените изјави, изборното ветување на Сашко Николов го сметаме за ветување  во тек на реализација, пишува „Вистиномер“.