Вистиномер: Проектот „Скопје 2014“ е проект на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски

Исечок од гостувањето на д-р Наташа Котлар -Трајкова, кандидат за градоначалник на Општина Центар

Вистиномер“ рецензираше изјава на Наташа Котлар – Трајкова, кандидат за градоначалник на Општина Центар од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Рецензијата на колегите од Вистиномер ја пренесуваме во целост.

Кандидатката за градоначалник на Општина Центар од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Наташа Котлар – Трајкова, во интервју за Сител телевизија, на прашањето што ќе прави ако дојде на власт во Центар во однос на спомениците од проектот „Скопје 2014“, ја даде следната изјава:

Тие се веќе на местото и сметам дека треба да бидат на некој начин на својата позиција со оглед дека потекнуваат од народниот буџет.  Ако ние почнеме да рушиме, да градиме, мислам дека политичкиот инает нема никаква перспектива. Во секој случај нам ни е потребно да дејствуваме во оние цели коишто ни се потребни. И да не заборавиме, тој проект па и не беше на претходната власт, тој проект беше изгласан токму од претставниците на сегашната позиција. Па, што не рушеа, што не менуваа, што не правеа. Ние имаме наши определби, наши потреби. Се знае, општина Центар мора да биде една урбана средина.

[Извор: Јутјуб, Датум: 05.09.2021 ]

(Изјавата на Котлар може да се слушне на видеото почнувајќи од 3:20-4:20 мин.)

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Изјавата на Котлар дека проектот „Скопје 2014“ не бил проект на тогашната власт, туку бил изгласан токму од претставниците на сегашната позиција, е невистинита. Проектот „Скопје 2014“ е проект на власта на ВМРО-ДПМНЕ предводена од тогашниот премиер Никола Груевски.

Овој проект првпат беше презентиран на 5 февруари 2010 година, токму од тогашниот градоначалник на Општина Центар, Владимир Тодоровиќ од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, тогашниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски и тогашната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Споменици на историски личности од мермер и бронза, фонтани, скулптури и нови згради на институции, се предвидуваат според проектот „Скопје 2014“ за централното градско подрачје, што денеска беше визуелно претставен, во организација на општина Центар, објави порталот „Мн.мк“

За време на презентацијата на проектот, тогашниот градоначалник на Центар, Тодоровиќ изјави:

Скопје треба да има ново лице. Од град со сив, соц-реалистички стил да направиме естетска природа. Центарот на Скопје да го доработиме и измениме во една заокружена архитектонска и урабнистичка целина, која на градот ќе му даде уметнички израз.

Министерката за култура тогаш Канческа-Милевска посочи дека заложбата на Владата е да остави значен белег, вреден документ за времето во кое дејствувале. Со визуелизацијата на овој проект, како што рече таа, се добива метропола богата со знаменитости, со личности и градби, низ кои проникнува македонскиот идентитет. Канческа-Милевска потенцира дека по 90 години скопјани ќе имаат завршен плоштад, а многу институции ќе добијат свои простории, како Министерството за надворешни работи, Уставниот суд, Архивот на Република Македонија…, пренесе порталот „Мн.мк“.

На презентацијата на проектот беше објавено и видео од визуелизацијата на проектот „Скопје 2014“.

„Призма“ на 05.01.2018 година, објави истражување за тоа колку чинел проектот „Скопје 2014“. Во истражувањето, меѓудругото, се посочува дека проектот почнал да се подготвува уште во 2006 година, кога градоначалник на Општина Центар беше Виолета Аларова од ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку се погледнат официјалните документи, се гледа дека почетоците на овој проект датираат четири години претходно, уште од ноември 2006 година, кога на градоначалничкото место во општина Центар седеше Виолета Аларова. Тогаш било донесено и првото решение за објавување на одлуката за почнување постапка за подигање споменик на Александар Македонски, објави „Призма’.

Подоцна, овој споменик на плоштадот Македонија беше преименуван во „Воин на коњ“. За изработката на идејното решение прво биле предвидени 2 милиони денари, односно 32 илјади евра.

Конкурсот за идејно решение бил објавен во 2007 година. Прва награда не била доделена, а втората ја добива Валентина Стевановска, во износ од 6 илјади евра, пишува „Призма“.

Тогашниот премиер Никола Груевски, кога официјално беше промовирана Портата „Македонија“ на 7 јануари 2012 година, самиот изјави дека тој стои зад проектот:

Да, јас стојам зад овој проект, сметам дека е добар, квалитетен и корисен и дека нема ништо лошо во него. Да, јас, го поддржувам и ќе го поддржувам овој проект, како што тоа го правам и во илјадници други случаи кога ќе верувам во нешто, кога имам и имаме идеја и визија како да биде подобро покорисно и поделотворно за граѓаните и државата, изјави премиерот Груевски кој додаде дека проектот „Скопје 2014-та“ и „Порта Македонија“, уште недоизградени добија своја историја.

На 2 мај 2015 година, Груевски во обраќањето на 15. Конгрес на партијата, кој се одржа во Куманово изјави:

„Скопје 2014“ е одличен проект, со значајна суштина, поврзана со нашиот толку многу негиран идентитет и историја, со разубавување на главниот град, со негово правење поатрактивен за туристите, со активирање на градежниот сектор во време на најголемата светска криза, со обезбедување сопствени простории на државните институции, наместо плаќање кирија итн., но можеби беше наша грешка што сакавме да направиме се што се пропуштило во 50 години.

За тоа кој стои зад проектот „Скопје 2014“ јавноста можеше да слушне и од т.н. бомби кои ги објави СДСМ во 2015 година кога беше опозиција.

Кога во 2013 година, Андреј Жерновски од СДСМ стана градоначалник на Општина Центар, тој формираше комисија од поранешни членови на Aнтикорупциската комисија кои ќе извршат ревизија на контроверзниот проект во центарот на Скопје.

Жерновски, на 26 јули 2016 година, ги предаде ревизорските извештаи за „Скопје 2014“ во СЈО.

Како што објави НоваТВ, според првиот извештај изработен од Слаѓана Тасева – претседателка на „Транспаренси Интернешнл“ и Драган Малиновски – екс претседател на Антикорупциската комисија, утврдено е дека општината немала надлежност за изведување на овој тип на објекти, а Советот на општината донесувал одлуки за подигање на обележја кои не се во нивна надлежност. Во првиот извештај наведено e дека градоначалникот не постапил согласно надлежноста за законските прописи кои ги носи општинскиот Совет, а немало законска оправданост ниту за намената на пари од централниот буџет за општината.

Во вториот извештај изработен од двајцата експерти утврдено e сериозно прекршување на Законот за јавни набавки. Тасева и Малиновски наведуваат дека немало контрола ниту за тоа дали авторите ги изработиле и испорачале моделите, не била обезбедена елементарна конкуренција во изборот на леарници за спомениците, а Општината немала надлежност за изведба на објекти на реката Вардар.

Со реакција за изјавата на Котлар, дека проектот „Скопје 2014“ не бил проект на тогашната власт, се јави и актуелниот градоначалник на Општина Центар, Саша Богдановиќ.

Најодговорно тврдам дека ниеден од претставниците на оваа власт не учествувал во донесувањето на одлуките поврзани со еден од најконтроверзните проекти не само во државата, туку и во Европа.Тука ќе издвојам само неколку податоци: Законот за урбанистичко и просторно планирање од 2005-та, во периодот од 2006-та до 2014-та година (период кога ВМРО-ДПМНЕ ја има централната власт) е менуван 10 пати, а Законот за просторно и урбанистичко планирање донесен во 2014-та година до 2016-та година е изменет 6 пати, сè со цел да удоволи на озлогласениот проект. ДУП-от Мал Ринг во период од 2006-та до 2012-та година (каде е сконцентриран најголемиот дел од „Скопје 2014) е менуван 9 пати, од кои само во 2012-та година е изменет 3 пати. Оттука, беспредметни и пред сѐ, лажни се тврдењата на професорката Котлар за кој и како го носел проектот „Скопје 2014“.Граѓаните и жителите на Центар паметат, а Вие ги потценувате. Токму затоа на локалните избори подгответе се за уште еден голем пораз на Вашите и политиките на ВМРО-ДПМНЕ, стои во реакцијата на Богдановиќ.

Од сето ова, може да се заклучи дека креатор на проектот „Скопје 2014“ година е поранешната Влада на ВМРО-ДПМНЕ, на чело со премиерот Никола Груевски кој го реализираше со помош на локалните власти, поточно градоначалниците на Општина Центар, Виолета Аларова и Владимир Тодоровиќ. Проектот првпат беше презентиран во 2010 година, а се подготвувал многу порано, уште во 2006 година. Во тоа време, и централната и локалната власт беа во рацете на ВМРО-ДПМНЕ.

Оттука, изјавата на Наташа Котлар дека проектот „Скопје 2014“ не е проект на ВМРО-ДПМНЕ, ја оценуваме како невистинита, пишува „Вистиномер“.