Точно е дека пациент бездомник избегал од Градската општа болница „8 Септември“, но не и „маскиран како доктор“, пишува Вистиномер.

Откако беше објавено дека пациент позитивен на коронавирусот успеал да избега од ГОБ „8 Септември” неколку медиуми ја проширија оваа вест со додатокот дека ,,пациентот се маскирал во доктор и така успеал да избега” и веста ја проширија и на Фејсбук (овде и овде).

Ваквата вест потоа беше преземена од страна на други медиуми, без да се провери нејзината точност и само со атрибуција, а поради нејзината неверојатност и атрактивност, стана вирална. Вистиномер одлучи да ја провери вистинитоста кај одговорните во болницата кои тврдат дека пациентот навистина ја напуштил болницата и бил најден со полиција, меѓутоа дека никаков „бел мантил“ и „маскирање во доктор“ не се вклучени во настанот.

Тимот на „Вистиномер“ стапи во контакт со директорот на ГОБ „8 Септември”, доктор Христијан Костов, кој ја демантира информацијата и ја оценува како филм кој никогаш не се случил.

Воопшто не е точно дека пациентот избегал со бел мантил кој го земал од некој од вработените, тоа е комплетна дезинформација која што е бесмислено и да се коментира, ни рече доктор Костов.

Според официјалните информации, пациентот бил бездомник кој со брза помош бил донесен во Ковид центарот со пневмонија. Откако бил потврден позитивен резултат на ковид-19, тој бил сместен во одделението за ковид позитивни пациенти. Вчера вечерта околу 21 часот тој успеал да ја напушти болницата по што дежурниот персонал го известил Министерството за внатрешни работи (МВР) и тој е вратен во болницата, каде го продолжил лекувањето.

Во вестите каде се наведува дека пациентот избегал во униформа на доктор, воопшто нема извор за овој дел од информацијата.

Ова тврдење е оценето како невистинито, базирано на официјална изјава од раководството на ГОБ „8 Септември“.