fbpx

Вистиномер: Пост шири купишта невистини за потеклото на коронавирусот

-

Во постот се изнесени низа невистини – дека коронавирусот потекнува од змии, дека лекот „Ремдесивир“ е составен од пептиди на кобра, дека коронавирусот се пренесува преку вода, како и дека научникот којшто тоа требало да го обелодени, наводно бил убиен поради неговата научна работа. Иако станува збор за убиство по што следело самоубиство на сторителот, а полицијата отфрли поврзаност меѓу смртта и научната работа на научникот. Исто така, научно е докажано дека коронавирусот е респираторен вирус и се шири преку близок контакт со инфицирани лица. Коронавирусот не е детектиран во вода за пиење и на ниеден начин не е поврзан со отров од змии, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук кој се однесува на ковид-19, неговото потекло, како и ефикасноста на вакцините. Во објавата изнесени се неколку тврдења кои не кореспондираат со фактичката состојба.

Прво, во постот се тврди дека коронавирусот потекнува од кралска кобра и кинеска краит змија, а ПЦР тестот пред 30 години се користел за да се тестира токсичен отров кај змиите.

Во 5 минута и 49 секунда од видеото до 6 минута и 27 секунда од видеото, непознатиот говорник вели дека дознал оти во лабораторија во Питсбург Пенсилванија, постои доктор по име Бинг Лу кој што прави генетско секвенционирање пет месеци (ова се случило во 2020 година). Меѓутоа, го пронашле мртов и резултатите од ова секвенционирање никогаш не биле објавени.

Понатаму, во постот што го рецензираме, се тврди дека Ремдесивир“, лек произведен од Гилеад е создаден од синтетички пептиди и протеини на кралската кобра. Се тврди и дека ткивата на пациентите кои умреле од ковид имале високо ниво на ензим поврзан со невротоксините пронајдени во отровот од ѕвечарка, што придонело за тие да починат. Се вели дека штетата од ковид, вакцините и третманот со „Ремдесивир“, се во корелација со штетата направена од отров од змии, а „процесот на болеста воспоставен со вакцините само ќе продолжи со бустерите”.

 Бидејќи отровот напаѓа одредени органи (панкреас, срце, црн дроб, слезина, мозок, бели дробови итн.), луѓето со болести на овие органи природно ќе подлегнат, очигледно на нивниот првичен здравствен проблем, а не на третманот. Отровот од змија е ефикасно биооружје, се тврди во постот.

Се додава и дека болеста не е предизвикана од вирус, туку од змиски отров кој се наоѓа во вода.

White Hats во ЦДЦ ја следеше отпадната вода на својата локација за надзор на Ковид: има 400 локации за тестирање вода во 37 градови во САД. Од јануари до септември 2020 година, никој не знаеше за ова тестирање на водата. Резултатите сега се објавуваат. Зошто би направиле ПЦР тест на вода како што правеле тие? Тие ја тестираат водата за предвидување на вирусни епидемии во дадена област. Сепак, ова е наопаку. Ако „вирусот“ е во водата, се претпоставува дека населението веќе ги имало симптомите на инфекција, се заклучува во постот.

Прво, што се однесува на тврдењето дека коронавирусот потекнува од кралска кобра и кинеска краит змија, а ПЦР тестот пред 30 години се користел за да се тестира токсичен отров кај змиите, ова не кореспондира со фактите

Коронавирусот е респираторен вирус којшто на ниеден начин не е поврзан со отров од змии. Овој вирус се шири од близок контакт со инфицирани лица,  а не со пиење вода или „Ремдесивир“. Видеото е интервју на крајно десничарскиот водител Сту Питерс, кој има историја на ширење теории на заговор и Брајан Ардис, поранешен физиотерапевт кој изгради бренд околу теоријата дека „Ремдесивир’ убива луѓе.

Теоријата во видеото е километри оддалечена од реалноста и претставува суштинско неразбирање на медицината и науката и извртена логика. Нема докази дека ковид-19 е предизвикан од змии или змијски отров, изјави за „Политифакт“ доктор Дејвид Релман, професор по микробиологија и имунологија на Универзитетот Стенфорд.

Во видеото Ардис невистинито тврди дека моноклоналните антитела се идентични со противотровите кои се користат за да се оневозможат токсините по каснување од змија. Потоа без докази, Ардис тврди и дека американската агенција задолжена за јавното здравје, не препорачува моноклонални антитела, па тоа значи дека овој третман дефинитивно е делотворен штом не е дозволен од ФДА.

ФДА во јануари препорача ограничена употреба на моноклоналните антитела како третман против ковид-19 зашто се покажа дека се помалку ефективни против новите варијанти. Но не ги забрани.

Професорот од Стенфорд, Дејвид Релман вели дека моноклоналните антитела не препознаваат отров од змија. Тие според него, се произведени лабораториски и дизајнирани да ја засилат заштитата против коронавирусот.

Ниту едни моноклонални антитела досега не се создадени за да таргетираат отрови од змија, вели доктор Роберт Гери, вирусолог на универзитетот Тулан.

Како што „Вистиномер“ претходно пишуваше, коронавирусот е изолиран на 7 јануари 2020 година. Исто така пишувавме, дека ензим од отровна змија ѕвечарка не е пронајден во вакцините против ковид-19.

И покрај тоа што коронавирусот е изолиран, реплициран, секвенциониран и проучуван ширум планетата, додека од неговите последици умираа милиони луѓе, и покрај тоа што научната заедница нема сомнеж дека станува збор за вирус, Ардис вели дека научник од универзитетот Питсбург убиен во 2020 година, е убиен баш кога требало да го открие потеклото на вирусот.

Што е заднината зад смртта на овој научник по име Бинг Лу? Полицијата извести дека станува збор за смрт која не е поврзана со неговата научна работа, туку станува збор за убиство со прострелни рани мотивирано од интимно партнерство. Убиецот на Лу се самоубил непосредно откако го убил научникот.

Ардис невистинито ја интерпретира научната студија, која открива дека ензим којшто здравите луѓе веќе го имаат во своето тело и кој е сличен, но не е идентичен со оној на змија ѕвечарка, циркулира во покачени нивоа кај пациенти што починале од ковид-19.

Згора на сè, злоупотребена е и уште една студија од страна на Ардис, кој погрешно ја интерпретира. Станува збор за студија којашто го мапира генетскиот изглед на кобра за да се создаде подобар противотров, по што се идентификувани 19 токсини кои се специфични за таа змија. Ардис имплицира дека тие токсини се некако поврзани со ковид-19, иако студијата  на ниеден начин не е поврзана со ковид- 19. Бројката 19 во името ковид-19, не е поврзана со овие токсини, туку со годината кога беше откриена болеста предизвикана од коронавирусот.

Тој користи фрази и фрагменти и ги составува во една испревртена слика, вели доктор Гас Рајт од универзитетот во Тексас.

Во постот се тврди дека „Ремдесивир“, лек произведен од Гилеад е создаден од синтетички пептиди и протеини на кралската кобра.

Но, производителот Гилеад вели дека тврдењата на Ардис, дека нивниот лек „Ремдесивир“ содржи отров од змија и предизвикува смрт, се крајно невистинити.

„Ремдесивир“ дефинитивно не е отров од змија. Структурата на лекот е потврдена со научна метода, вели доктор Катерин Селеј Радке, професорка по хемија и биохемија на Универзитетот во Мериленд.

Наспроти тврдењето во постот што го рецензираме, американскиот Центар за контрола и превенција на болести, вели дека коронавирусот не е детектиран во вода за пиење. Исто така, Ардис злоупотребува и експерименти кога тестови за присуство на коронавирусот се направени со вода, наместо со материјал земен од грлото или носот. Претходно „Вистиномер“ пишуваше зошто не е валидно да се испитуваат храна и пијалаци на ПЦР тест.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека во постот се изнесени низа невистини, меѓу кои тоа дека коронавирусот потекнува од змии, дека лекот „Ремдесивир“ е составен од пептиди на кобра, дека коронавирусот се пренесува преку вода, како и дека научникот којшто тоа требало да го обелодени наводно бил убиен поради неговата научна работа. Иако, станува збор за убиство по што следело самоубиство на сторителот, а полицијата отфрли поврзаност меѓу смртта и научната работа на научникот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...