Фото: Принтскрин видео

Написот што се споделува во постот се повикува на податоци од американскиот бизнисмен Стив Кирш за кого повеќе извори наведуваат дека е промотор на дезинформации за ковид-19. Кирш, пак, се повикува на американскиот систем за следење на несакани реакции после вакцинација – ВАЕРС, кој е за рано предупредување, а не за егзактно броење на смртност или ефикасност на вакцината. На веб-страницата на ВАЕРС системот пријава може да поднесе секој, без притоа да има какви било докази дека вакцината ја предизвикала несаканата реакција. Податоците за фаталните ефекти од вакцинацијата кои ги изнесува бизнисменот Кирш, се произволни, немаат медицинска поткрепа и се базираат на статистички грешки, пишува Вистиномер.мк.

 

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели дека поранешен промотор на вакцинацијата кажал:

Со вакцината се убиваат 117 деца за да се спаси можеби еден живот.

150 илјади луѓе се убиени од вакцината

Во постот се споделува и линк од текст, а кога ќе се пристапи до написот се доаѓа до податокот дека лицето кое го изјавило ова е американскиот бизнисмен Стив Кирш кој има основано неколку големи компании во Силиконската долина, а познат е по тоа што е еден од двајцата изумители на оптичкиот глушец. За него повеќе извори наведуваат дека е промотор на дезинформации за ковид-19.

Иако тоа не е случај со постот што го рецензираме, сепак, во странство, кога се споделувала оваа дезинформирачка изјава на Кирш (за 150 илјади убиени луѓе од вакцина и 117 убиени деца од вакцина за да се спаси еден детски живот), се тврдело дека тој е советник на Американската агенција за храна и лекови, што не е случај. Таква дезинформација заедно со неговите невистинити тврдења се споделувала на пример во Шпанија, како што може да се види овде.
За шпанските проверувачи на факти, кои ги провериле наводите на Кирш презентирани во постот што го рецензира и „Вистиномер“, од Американската агенција за храна и лекови ФДА посочиле дека тие не се засновани на факти и се против мисијата на ФДА за јавното здравје.
Стив Кирш освен тоа што е американски бизнисмен, е исто така и основач на Фондот за рано лекување ковид-19, организација која е создадена за поддршка на истражувањата со постоечки лекови за третирање ковид-19.

 

ПАУШАЛНИ ТВРДЕЊА

Во текстот од „Коловрт“ споделено е видео од Кирш во коешто тој тврди дека вакцините убиле 150 илјади луѓе, а состојбата со децата била уште поалармантна зашто се убивале 117 деца за да се спаси еден живот. За сервисот за проверка на факти на „Политифакт,“ самиот Кирш изјавил дека неговото тврдење за 150 илјади убиени луѓе не се базирало воопшто на студија на „Фајзер“ (наспроти она што го тврди во видеото од почетокот до 5 секунда) и на проверувачите на факти им дал линкови до два негови документа. Тие може да се погледнат овде и овде.
Од нив е евидентно дека Кирш, се повикува на американскиот систем за следење на несакани реакции после вакцинација ВАЕРС кога кажува дека вакцините убиле 150 илјади луѓе. Меѓутоа, ВАЕРС системот не може да се користи за намена да се пресметува смртност како последица на некој лек (вклучително и вакцината) затоа што тој систем е систем за рано предупредување, а не систем за егзактно броење на смртност или ефикасност на вакцина. На страницата на ВАЕРС системот како што и претходно сме пишувале, пријава може да поднесе секој, без притоа да има какви било докази дека вакцината ја предизвикала несаканата реакција. Лицето што пријавува не мора дури ни да се идентификува!
Со други зборови, дури и ако се случи нечија смрт да настапи по примањето на вакцината против ковид-19, тоа по дифолт не значи дека вакцината е причинителот на смртта. Луѓето умираат и од други состојби кои се неповрзани со вакцината, како несреќи, хронични заболувања, сообраќајки, но и од природна смрт поради старост итн. Самото тоа што биле вакцинирани, не мора да значи дека вакцината ја предизвикала нивната смрт.
Понатаму Кирш, во текстот линкуван во постот, вели дека „умреле повеќе луѓе што ја примиле вакцината на „Фајзер“ отколку што примиле плацебо“ Меѓутоа, за Сервисот за проверка на факти на „Политифакт, Центарот за контрола и превенција на болести на САД, посочува дека не постојат докази дека вакцината на „Фајзер“ предизвикала смртен случај воопшто. Таа е целосно одобрена за употреба во САД. За илустрација, повеќе од 386 милиони дози на вакцина против ковид-19 биле администрирани во САД од средината на декември 2020 година до 20 септември 2021 година. Во тој период во ВАЕРС системот имало 7.899 пријави за сомнеж за смрт од вакцина што е 0.002 проценти од луѓето кои биле вакцинирани. Меѓутоа, Центарот за контрола и превенција на болести кој ги анализира сите извештаи поднесени во ВАЕРС, заклучил дека проверката на достапните клинички инофмрации, вклучително и посмртниците, извештаите од извршените обдукции и медицинските извештаи, не покажуваат каузална врска меѓу смртта и вакцинацијата против ковид-19 за ниту едно од овие лица!
Исто така, Центарот за контрола и превенција на болести на САД, бара корисниците на полето за пребарување на ВАЕРС податоците, да се согласат на дисклејмерот кој вели дека податоците од ВАЕРС сами по себе, не може да се користат за да се одлучи дали вакцината предизвикала или придонела за несакан настан.
А токму овие податоци од ВАЕРС, а не некаква студија на „Фајзер“, се користени од страна на Кирш за да ја пласира дезинформацијата дека вакцината убила 150 илјади луѓе.
На Кирш не му е првпат да се повикува на извори кои откако ќе се проверат, даваат сосема поинаква слика од онаа којашто тој ја презентира. На пример, тој за вакцината на „Фајзер“ има изјавено, дека студија во времетраење од 6 месеци покажала дека вакцината на „Фајзер“ убила пет луѓе за секоја смрт која била превенирана. Но, кога ќе се направи проверка на таа студија, ќе се види дека не само што таа не е прегледана од медицинската заедница, туку во неа не се вели ништо за убиства и се дава заклучокот дека:
После 6 месеци следње на вакцинираните, и покрај трендот на намалување на ефикасноста на вакцината на „Фајзер“, таа сепак има поволен профил на безбедност и е високоефикасна во превенција на ковид-19.

Понатаму во постот што го рецензираме невистинито се тврди дека се убиваат 117 деца со вакцините за да се спаси еден детски живот. Ова тврдење е невистинито и е побиено од проверувачите на факти на „Лид Сторис“.

 

Едноставно, не постојат докази за да се поддржи ова тврдење за 117 убиени деца со вакцините на едно спасено дете. До бројката се дошло според пријави на ВАЕРС, за кои не може да се каже дека се верификувани. И Американската агенција за храна и лекови и Центарот за контрола и превенција на болести ја имаат одобрено вакцината на „Фајзер“ за деца од 5 до 11 години. Кирш, пак, се повикува на антиваксерот Тоби Роџерс, кој има докторат во политичка економија,Но, и неговите и тврдењата на Кирш, според „Фајзер“ не се вистинити.

 

Кит Лонгли, претставник на „Фајзер“ за „Лид Сторис“ рекол дека овие тврдења се лажни и дека во документите на Агенцијата за храна и лекови се покажани бенефитите на вакцината кои се далеку поголеми од ризиците и дека и ФДА и Центарот за контрола и превенција на болести на САД ја одобри вакцината на „Фајзер“ за деца од 5 до 11 години.

 

Марта Шаран, од Центарот за контрола и превенција на болести на САД, за „Лид Сторис“ вели дека има 28 милиони деца од 5 до 11 години во САД и барем 1.5 милиони случаи на ковид-19 во оваа возрасна група од 7 март 2020 до 13 септември 2021.

 

Со вакцинирањето на децата повозрасни од 5 години, може да им помогнеме да не се заразат со ковид-19, да ги заштитиме од хоспитализација или долгорочни компликации од ковид-19. Според студија од 14 држави која се однесува на хоспитализациите поврзани со ковид 19 кај деца и адолесценти, за време на бранот од јуни до август 2021 година, бројот на деца хоспитализирани со ковид- 19 се зголеми петпати, коинцидирајќи со рапидниот раст на делта варијантата која е многу заразна. Вакцините против ковид-19 се подложни на најригорозните и најинтензивните мониторирања за безбедност во историјата на САД. Децата може да имаат несакани ефекти од нив, кои се нормален знак дека нивното тело гради заштита, но тие несакани ефекти си заминуваат за неколку денови. Сериозни компликации после вакцинација против ковид-19 се ретки, но може да се случат. Меѓутоа, ризикот од сериозни компликации поврзани со ковид инфекција вклучително хоспитализација, мултисистемски воспалителен синдром или смрт од ковид, се поголеми отколку ризиците од миокардитис или перикардитис, хоспитализација или смрт од вакцина, вели таа за „Лид Сторис“.

Вакцината на „Фајзер“ за деца од 5 до 11 години беше авторизирана на 29 октомври 2021 година и тогаш Агенцијата за храна и лекови на САД издаде соопштение во кое наведува дека вакциналната безбедност била испитувана на 3.100 деца на возраст од 5 до 11 години кои ја примиле вакцината без никакви сериозни несакани ефекти.

 

Понатаму во постот што го рецензираме се вели дека се спасува само едно лице на 22 илјади вакцинирани, што значи дека спасени годишно се само 10 илјади луѓе, а умираат 3 милиони од вакцината. За овие спасени и починати лица, нема ни извор, ниту пак, фигурираат како бројка во кој било официјален извештај на мединските институции во светот.  За наводите на бизнисменот Стив Кирш, правени се повеќе исклучително комплицирани статистички побивања од страна на научници при што е констатирано дека се неосновани и се базираат на статистички грешки (погледнете ја оваа сериозна анализа на сите грешки во статистиките на Кирш кои ги откри Џефри Морис, директор а биостатистика на Универзитетот во Пенсилванија на факултетот за медицина).

 

Поради сите горенаведени факти, постот кој го рецензираме оценуваме дека е невистинит.

Напишете коментар

Внесете го вашиот коментар
Please enter your name here