Фото: Министерство за транспорт и врски

Владата предводена од СДСМ, која беше избрана на крајот на мај 2017 година, не успеа да го реализира ветувањето за изградба на автопатот Скопје – Блаце. Во јануари минатата година беше потпишан Договорот за изградба на првите два километра на автопатот,  а во мај  – два месеца пред вонредните парламентарни избори, на терен почнаа градежни активности за првата траса. Автопатот Скопје-Блаце сега е дел од проектите во Програмата за работа на новата Влада. Во моментот таму се изведуваат земјени работи за пократката делница, а за поголемата делница од 10,5 километри се средува техничката документација, по што наесен треба да има тендер за изведувач. Со ваква динамика прилично е дискутабилно дека до крајот на мандатот на оваа Влада ќе биде изградена и пуштена во употреба целата автопатска делница од 12,5 километри, пишува „Вистиномер“. Анализата подолу ја пренесуваме во целост.

Изградба на автопатот Скопје – Блаце

 [Извор: Програма на СДСМ за парламентарни избори во 2016 година „План за живот во Македонија“, (стр.74 и 190) – датум: декември 2016; Изборна програма на СДСМ (2020) „Можеме“ стр.51 – датум; јули 2020]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

По речиси дваесет години планови, најави и ветувања, изградбата на автотапот од Скопје до границата со Косово долг 12,5 километри, го дочека и мандатот на новата Влада предводена од СДСМ.  Во моментот се изведуваат земјени работи за првите два километра од автопатот Скопје-Блаце, односно на првата делница од граничниот премин Блаце до село Блаце. Втората  делница, од селото Блаце до клучката Стенковец во должина од 10,5 километри, е во фаза на проектирање, проектот треба да биде готов до септември, по што ќе следува распишување на тендер за изградба на овој дел од патот. Експропријацијата на земјиштето, пак, е завршена за првата фаза, но таму сѐ уште има имотни спорови за кои треба да одлучува Управниот суд.

СТАРО – НОВО ВЕТУВАЊЕ

За предвремените парламентрни избори во 2016 година СДСМ меѓу приоритетните делници за изградба го вети и автопатот Скопје-Блаце. Споменатото ветување социјалдемократите  го дадоа во нивната изборна програма: „План за живот во Македонија“ , каде што го има на две места, поточно на стр.74 и 190,  а се спомнува и во Програма за работа на Владата (2017 -2020) стр.40.

Сепак, тоа не се случи. Владата предводена од СДСМ и премиерот Зоран Заев, која беше избрана на 31 мај 2017 година, не успеа да  го реализира ветувањето до 15 јули 2020 година – кога се одржаа последните парламентарни избори.

ДОГОВОР ЗА ПРВИТЕ ДВА КИЛОМЕТРА

Во јануари минатата година беше потпишан Договорот за изградба на првите два километра на автопатот Скопје – Блаце.

Исправаме неправда која, за жал, досега се провлекуваше без малку 20 години. Проектот Скопје – Блаце не е нов проект, туку иницијатива започната многу одамна, која на еден или на друг начин цело време е отстранувана од приоритетите на државава и за која беа потребни вонсериски напори за да се врати повторно во фаза на реализација во која е сега. Од денес, овој проект влегува во иреверзибилна фаза а динамиката на неговата реализација станува чисто техничко прашање, истакна тогашниот вицепремиер задолжен за европски прашања, Бујар Османи на потпишувањето на договорот, не криејќи го личното задоволство, како Координатор на Владата задолжен за реализација на овој проект.

Фото: vlada.mk

Како што беше тогаш кажано, изградбата на оваа прва фаза од автопатот треба да трае 18 месеци, а потоа ќе се продолжи со изградба на останатите 10,5 километри.

Работите треба да завршат во рок од 18 месеци од воведувањето во работа, што значи дека градежните работи ќе започнат оваа пролет, а првите километри од автопатот ќе може да ги возиме веќе следното лето во 2021 година, изјави тогашниот директорот на ЈП за Државни патишта, Зоран Китанов.

ЗЕМЈЕНИ РАБОТИ НА ПРВАТА ТРАСА

Во предизборието – мај 2020 година, на терен почнаа градежни активности за првата фаза. Потоа беа вонредните парламентарни избори, па изградбата на автопатот  стана дел од проектите и во новата програма на СДСМ „Можеме“ (2020-2024), каде во поглавјето „Агенда 20-24“ (стр.51) се ветува „завршување на отпочнатите и изградба на целосно нови автопатски делници низ државата во должина од 260 километри“, а меѓу нив и  е автопатот Скопје – Блаце. Заложбата за изградба на автопатот е искажана и во  Програмата за работа на Владата во периодот 2020-2024 година (стр.9), а според наведеното, изградбата на автопатот треба да биде завршена до крајот на овој мандат.

Сега таму се во тек земјени работи, ископи на првиот дел од трасата. Во текот на вчерашниот ден (15.04.2021)  увид на градежните работи на првата фаза од автопатот од граничниот премин до селото Блаце, која што чини 14,26 милиони евра, направија вицепремиерот Артан Груби, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми. Министерот Бочварски информираше дека експропријацијата е целосно завршена и се работи на распоредување на подземните инсталации.

Фото: mtc.gov.mk

НАЕСЕН ТЕНДЕР ЗА ДЕЛНИЦАТА ОД 10,5 КИЛОМЕТРИ 

Во врска со втората делница од Блаце до кружниот тек во Стенковец во должина од 10,5 километри,  Бочварски појасни дека е изработено идејното решение кое е во постапка на одобрување.

Понатаму следи изработка на основен проект и согалсно роковите што ги има прецизирано ЈП за джавни патишта ќе се распише и повик за изградба.

Нашата намера е да изградиме модерно автопатско решение, по сите меѓународни стандарди, безбеден за сообраќај а со тоа да ставиме крај на една ера на лоша регионална поврзаност со соседите, вели Бочварски.

Директорот на ЈП за државни патишта, Рустеми рече дека за втората фаза од автопатот во моментот на терен се вршат геомеханички и геотехнички испитувања. Тој очекува до септември да се изработи основниот проект, по што есента да отпочне процедурата за изработка и распишување на тендерот за избор на изведувач на втората фаза од овој автопат. Финансиските средства веќе се обезбеди од страна на Европската банка за обнова и развој.

Според вицепремиерот Груби, се водат разговори и со градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов за проектирање и изведба на постојниот Качанички пат во булеварско решение. Со новата одлука на Советот на Град Скопје, овој пат е преименуван во булевар „Хасан Приштина“, а градските власти би требало да ја реконструираат и прошират сообраќајницата од Момин Поток до клучката Стенковец на скопската обиколница.

Но, тројцата функционери во оваа прилика не спомнаа кога автопатот ќе биде завршен. Според  првичните најави (од  2019 година) рокот за реализација за двете делници од граничниот премин до селото Блаце и од селото Блаце до Стенковец, беше 2023 година.

Од сето ова, јасно се гледа дека досега (16.04.2021) не е реализиран ветениот проект за изградба на автопат Скопје –Блаце. Имајќи предвид дека се во тек активности само на првите 2 километра од автопатот, а за поголемата делница од 10,5 километри се средува техничката документација, по што допрва треба да се распише тендер за изведувач на градежните работи, прилично дикуптабилно е дека со ваква динамика до крајот на мандатот на Владата ќе биде изградена и пуштена во употреба целата автопатска делница од 12,5 километри.

Од другата страна на границата, пак, автопатот „Арбен Џафери“ долг 65,5 километри, што ги поврзува Косово и С.Македонија, е изграден и пуштен во употреба уште пред две години – во мај 2019 г.  Косово успеа за помалку од пет години да го изгради целиот автопат од Приштина до косовско – македонската граница.

АВТОПАТ ВЕТУВАА И ВМРО-ДПМНЕ И ДУИ

Изградба на автопат Скопје – Блаце во изминатите години ветуваа и ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.  Овој проект може да се види во изборната програма „Манифест за реформи и развој“ (стр.64)со која ВМРО-ДПМНЕ излезе на парламентарните избори во 2011 година, а потоа го предложи и за предвремените избори во 2014 година во програмата „Проверено“ (стр.50).

Набрзо по потпишувањето Договорот за изградба  на првите два километри од автопатот, на потегот од граничниот премин „Блаце“ до клучката „Блаце“, од Јавното претпријатие за државни патишта за „Мета.мк“ изјавија дека од претходната власт во 2017 година наследиле единствено физибилити студија со финансиски варијанти за изградба на автопатот Скопје – Блаце. Проектна документација за оваа делница била изработена во 2002 година, но на трасата изготвена во 2002 година во меѓувреме никнале нови објекти, а се појавила и потребата од прифаќање на европските стандарди и норми за проектирање на тунели, мостови и други сегменти од автопатот. Токму поради тоа, било неопходно повторното проектирање на автопатот.

ИЗВОРИ: