Тврдењата за теории на заговор за ковид-19, труење на здрави луѓе во болниците, умирање исклучиво во болнички услови, но и „етикетирање“ на лекарите и новинарите како убијци и креатори на лажни вести, се опасни и штетни во битката со пандемијата од коронавирусот. Министерството за здравство има обезбедено терапија за болните од ковид-19 и ги следи новите третмани за лекување на болеста. Докторите вложуваат напори за да се справат со големиот наплив на пациенти, а професионалните медиуми ги пренесуваат официјалните информации на надлежните и одговорни институции, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Објава на Фејсбук шири куп дезинформации за коронавирусот, почнувајки од познатиот наратив дека пандемијата е теорија на заговор и дека обична настинка се претставува како ковид-19, па сè до наводно труење на пациенти со отровни средства и нивно умирање исклучиво во болнички услови. Постот е проследен со повеќе фотографии на кои преку фотомонтажа лекарите и новинарите се претставуваат како убијци, фолиранти, злосторнички здруженија и пренесувачи на „вирусот“ лажни вести, а вакцините и ПЦР тестовите се поврзуваат со орвеловиот роман „1984“.
Овие тврдења не само што не се точни, туку се опасни и штетни, особено во период кога целиот свет се соочува со сојот омикрон, кој рапидно го зголемува бројот на заболени, ги преполнува болничките капацитети, а медицинскиот персонал со крајни напори се справува со огромниот наплив на пациенти.
ЌОРОНА Е ЕДИНСТВЕНАТА ТЕОРИЈА НА ЗАГОВОР.
ВО БОЛНИЦА ОДИШ СО НАСТИНКА,
ТАМУ ТЕ ТРУЈАТ СО ОТРОВНИ ЛЕКАРСТВА………сите починати се во болнички услови, се наведува во Фејсбук објавата што ја рецензираме.
Би почнале од тврдењето дека „сите починати се во болнички услови“, што воопшто не е точно. Иако, најголем дел од смртните случаи се регистрираат по хоспитализациите во болниците, сепак болните од ковид-19 умираат и во домашни услови. Тоа го потврдуваат официјалните податоци на Институтот за јавно здравје, а детални информации можат да се најдат и на сајтот на Владата на РСМ koronavirus.gov.mк, како и на веб-страницата на Министерството за здравство. Така, според последниот извештај на ИЈЗ за состојбата со ковид-19 (17-23.01.2022) од вкупниот број на 8.240 смртни случаи 582 лица (7,1 отсто) починале во вонболнички, а 7.658 (92,9 отсто) во хоспитални услови. Само во последната недела (19-26.01.2022) регистрирани се вкупно 146 починати од кои 18 (12,32 отсто) починале во домашни услови. На 22 јануари, согласно Регистарот на умрени лица од ковид-19 од Мој термин починале 5 лица, сите во домашни услови. Минатата година, во месец септември, пак, само за 10 дена (8-18.09.2021) процентот на смртни случаи во домашни услови бил 9 отсто, односно од вкупно 267 починати од корона, 24 од нив починале додека биле на домашно лекување.
И Центрарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) во САД обезбедува детални податоци за местото на смрт на заболените од корона. Според Извештајот на ЦДЦ, заклучно со 26.01.2022 година, регистрирани се вкупно 71.028 смртни случаи поврзани со ковид-19 со заведено место на смрт во домот на лицето.
БОЛНИЦИТЕ НЕ ГИ ТРУЈАТ ПАЦИЕНТИТЕ!
Во објавата што ја рецензираме се говори за „убиства во болници со отровни лекарства“, што е уште една ноторна невистина. Тие само ги подграваат стравувањата присутни во јасноста дека „кој отишол во болница, жив не се вратил“, што е искучително опасно, бидејки токму задоцнетото јавување на лекар и болничко згрижување многу често се причина за фатален исход на заболените со ковид-19.
Бесмислено е да се тврди дека во болниците пациентите се трујат. Се знае дека лек за корона сè уште нема. Но, во изминатите две години, во светски рамки се развиваат и применуваат повеќе третмани за што поефикасно лекување на пациентите, кои ги следат и македонските здравствени установи. На веб страниците на Агенцијата за храна и лекови (ФДА) и на Европската агенција за лекови (ЕМА) се достапни информации за повеќе опции на одобрени третмани во борбата против корона вирусот.
ФДА одобри еден третман со лекови за ковид-19 и овласти други за итна употреба за време на оваа здравствена состојба. Покрај тоа, многу повеќе терапии се тестираат во клиничките испитувања за да се оцени дали тие се безбедни и ефикасни во борбата против ковид-19, наведуваат од агенцијата.
Нашето Министерство за здравство веќе ја има набавено најсовремената терапија која се дава во лекувањето на ковид болните, меѓу кои е и одобрениот од ФДА антивирусен лек „ремдесивир“ , како и моноклоналната „коктел терапија“ со антитела од лековите „казиривимаб“ и „имдевимаб“, одобрена за употреба од Европската агенција за лекови (ЕМА), а кои се достапни во нашите болници уште од 2020 година. Истовремено, има Протокол за лекување на ковид-19, Патека (протокол) за постапување на матичните лекари за тестирање и лекување на пациенти со ковид-19, Упатство за домашно лекување на пациенти, како и други упатства, препораки и протоколи за лекување на пациенти со коморбидитети, автоимуни заболувања и друго. Во овие документи конкретно се наведени постапките и лекарствата што треба да се даваат, а кои се ажурираат во согласност со препораките на СЗО и здравствените регулатори.
Во објавата уште се вели и дека пациентите во болница одат со обична настинка која се претставува како ковид и потоа намерно се трујат со лекови! Но, иако овие инфекции предизвикуваат слични симптоми (температура, болки во грлото, малаксаност), сепак постои јасна дистинкција меѓу нив, а тоа се потврдува и со ПЦР тестовите. Разликата е во тоа што настинката најчесто е предизвикана од риновируси и е со благи симптоми, додека САРС-КоВ 2 е специфичен вид на корона вирус и може да предизвика пневмонија, пад на сатурацијата и други компликации, кои што во голем број случаи доведуваат и до смртен исход. Вистиномер неодмна пишуваше токму на оваа тема.
Според Мајо клиниката симптомите кај ковид-19 се појавуваат од 2-14 дена по изложеност, а кај настинките за 2-3 дена. Исто така, за разлика од коронавирусот, настинката е обично безопасна, а повеќето луѓе се опоравуваат за три до 10 дена.
ПРИЧИНИ ЗА ТЕОРИИТЕ НА ЗАГОВОР ПОВРЗАНИ СО КОВИД-19
Објавата што ја рецензираме е една од многуте што короната ја претставува како плод на теорија на заговор. Ваквите теории најчесто се поврзуваат со мултумилијардери кои инвестираат во фармацевтската индустрија, како што е Бил Гејтс, со директори на фармацевтски компании и еминентни научници кои работат на истражувања за нови и софистицирани методи за лекување.
Оттука, се поставува прашањето зошто луѓето веруваат во теории на заговор и ги прифаќаат како вистина?
Тим автори на „Frontiers in Psychology“ спроведе истражување како изложеноста и довербата во изворите на информации, но и како анксиозноста и депресијата, се поврзани со верувањата во заговори и дезинформации со ковид-19, во 8 земји (Белгија, Кадада, САД, Филипини, Англија, Хонг Конг, Нов Зеланд и Швајцарија, преку онлајн анкета (29.05.- 12.06.2020), со репрезентативен примерок од 8.806 испитаници.
Резултатите покажале дека поголема изложеност на традиционалните медиуми (телевизија, радио, весници) е поврзана со помали верувања во заговор и дезинформации, додека изложеноста на контрадикторни изјави на политичари, дигитални медиуми и лични контакти се поврзани со поголеми верувања, а големо влијание има и степенот на депресија. Овие верувања се со најнизок степен во земјите со медиумска поддршка и консензуален политички систем, за разлика од земјите со поларизирано политичко и медиумско опкружување.
Верувањето во теориите за заговор е поврзано и со недостаток на доверба во начинот на решавање на пандемиите, а тие опстојуваат затоа што со нив се обезбедува лажно чувство на моќ. Со нудење скриени или таинствени објаснувања, се создава чувство на контрола во ситуација што, инаку, се чини застрашувачка.
Најпопуларните теории за заговор често им помагаат на луѓето да ги објаснат комплицираните бурни настани, кога вистината може да биде премногу вознемирувачка за прифаќање, наведува Хелен Ли Буиги, основач и претседател на Reboot фондацијата во Париз, која го истражува и промовира критичкото размислување во ерата на интернетот.
Луѓето имаат потреба од големи објаснувања за големи проблеми, за големи светски настани, смета Џон Кук, когнитивен научник и експерт за теорија на заговор од Универзитетот Монаш во Австралија, пренесува Асошиетед прес.
Тена Прелец, истражувач од Универизтетот во Оксфорд и една од авторките на истражувањето на Советодавната група за јавна политика Балканот во Европа ( БИЕПАГ) за „360 степени“ вели дека 75 отсто од испитаниците во Западен Балкан веруваат дека ковид-19 е „светски заговор“.
Работата не е во тоа дека некои граѓани се помаку или повеќе образовани или помалку интелигентни, туку тоа може да ни укаже на односот на доверба меѓу граганите и институциите, вели Прелец и нагласува дека медиумите не треба да им даваат легитимитет на поборниците на теории на заговор.
Така што, гледано во целина изнесените дезинформации во постот што го рецензираме се крајно штетни и опасни, зашто можат да го загрозат здравјето и животот на граѓаните, го подриваат здравствениот систем и нанесуваат огромни последици во справувањето со борбата против коронавирусот, пишува „Вистиномер“.