Вистиномер: Оливер Илиевски не му е братучед на Оливер Спасовски

Оливер Илиевски. Фото: Фејсбук-страница на СДСМ - Куманово

И покрај ветувањето за чиста кампања, оценуваме невистина искажана од ВМРО-ДПМНЕ за кандидатот за градоначалник од СДСМ за во Куманово, пишува „Вистиномер“ во новата анализа, што подолу ја пренесуваме во целост:

Партијата ВМРО-ДПМНЕ, коментирајќи ги кандидатите за градоначалници на СДСМ во повеќе градови, во соопштение до медиумите го тврди следното:

Понудата на СДСМ за локалните избори е од лошо полошо. Братучедот на Оливер Спасовски во Куманово Оливер Илиевски стана кандидат за градоначалник.

[Извор: Официјална страница на ВМРО-ДПМНЕ  – датум: 01.09.2021]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Тврдењето на партијата во однос на новиот кандидат за градоначалник на Куманово од редовите на СДСМ, дека тој е братучед на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, е невистинито.

СДСМ се очекува да го исклучи од своите редови актуелниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, поради тоа што тој собра потписи за независен кандидат за градоначалник уште пред СДСМ да објави кој од нивните редови ќе трча во следната трка за локалните избори за градоначалник на овој град.

Согласно статутот на СДСМ, одлуката на Димитриевски независно да настапува на изборите, автоматски значи негово исклучување од членството, рекоа од СДСМ.

Партијата за кандидат за градоначалник на Куманово од своите редови го предложи Оливер Илиевски, секретар на партиската општинска организација. Токму за Оливер Илиевски, од ВМРО-ДПМНЕ во своето партиско соопштение лажно тврдат дека е братучед на актуелниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски.

СДСМ излезе со демант на партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ од прв ден започна со лажни вести. Со Спасовски носиме само исто име, исти социјалдемократски вредности и интересот на граѓаните. Не сме во никакви блиски, ниту далечни роднински врски. Ова само ја покажува паранојата кај опозицијата, немаат програма за Куманово, имаат програма само за лажни вести. Барам од редакциите на порталите да ја повлечат лажната вест и да го објават овој демант, во спротивно ќе бидат користени сите законски расположиви средства, напиша кандидатот за градоначалник на Куманово од СДСМ.

По ваквата изјава на градоначалничкиот кандидат на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ не излезе со дополнителни информации, кои би ги потврдиле роднинските врски меѓу Спасовски и Илиевски, ниту, пак, се огласи на било каков друг начин на оваа тема.

Со вакво нешто во јавноста не излезе ниту досегашниот градоначалник Максим Димитриевски, кој како досегашен прв човек на градот, многу добро ја познава кадровската структура на локалниот партиски огранок. Уште повеќе што новиот кандидат за градоначалник на СДСМ, Оливер Илиевски е соработник на Димитриевски и досегашен директор на водостопанството во Куманово. А, со оглед на неговото очекувано исклучување од СДСМ, Димитриевски имаше и тоа како повод и тој да ја разоткрие или потврди евентуалната роднинска врска, доколку таа навистина постоеше. Но, такво нешто не се случи. Напротив, во интервјуто за Сител ТВ, на директно новинарско прашање каква личност е Илиевски, Димитриевски му честита на кандидатурата и вети „фер, достоинствена и демократска кампања“.

Со оглед на сето ова, оценуваме дека не е вистина информацијата пласирана во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ дека Оливер Илиевски му е братучед на Оливер Спасовски, пишува „Вистиномер“.