fbpx

Вистиномер: Објава неосновано шири паника дека Русија ни се заканува и дека сме „готови“

-

Информацијата за тоа каква воена опрема Македонија ѝ донирала на Украина е класифицирана, па оттаму несериозно е да се шпекулира дека македонските власти ѝ испратиле на Украина противтенковско вооружување, па дури и дека „не се знае колку руски тенкови се уништени со македонско оружје“. Со ваквото пласирање на непотврдени и непроверени инфромации само се шири паника во јавноста, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Пост на Фејсбук преку кликбејт наслов и непотврдени информации шири паника во јавноста дека Русија ѝ се заканува на Македонија и дека „готови сме“. Постот е многу вирален и споделуван – во моментот на нашата рецензија повеќе од 100 пати.

Постот пренесува напис со наслов: „ГОТОВИ СМЕ: Русија и се заканува на Македонија!“. Во написот се наведува дека Русија започнала со закани кон нас откако Македонија донирала воени средства и опрема за оружените сили на Украина.

Текстот шпекулира и дека Македонија ѝ донирала на Украина противтенковско вооружување, „иако не е соопштено од македонската влада каков е видот на средствата кои се донирале согласно барањата на Украина“.

Русија се заканува на сите држави кои воено ја помагаат Украина, дека ќе сносат одговорност. Конкретно не се наведува каква одговорност ќе сноси Македонија и колку руски тенкови се уништени со македонско оружје. Москва вели дека земјите што испраќаат воена опрема во Украина ќе бидат одговорни доколку истата се користи против руските сили. Дали ова значи дека Русија е информирана дали е употребено нашето вооружување?, пишува во написот.

Нема никаква потврда дека Македонија ѝ донирала на Украина противтенковско вооружување. Тоа се шпекулации базирани на анонимни извори на авторот на текстот.

Точно е дека македонските власти не соопштија конкретно каква воена опрема ѝ испраќаат на Украина, а тоа е така, како што рече претседателот Стево Пендаровски при своето гостување во Дневникот на Сител, бидејќи информацијата е класификувана од НАТО. Како што посочи шефот на државата, Македонија добила цел список од амбасадата на Украина за тоа што им е потребно и тоа главно била медицинска опрема. Што се однесува до помошта од воени средства, Пендаровски рече дека не може да ја каже поради заканата од Русија кон сите оние кои дотураат оружје на Украина, дека ќе бидат нивна легитимна воена цел.

(од 15:05 до 16:06 минута од видеото )

Со слична изјава излезе и министерката за одбрана, Славјанка Петровска.

Се придружуваме на солидарноста на земјите членки на НАТО и ЕУ за директна помош на Украина. Поради класифицираната информација, не можеме да објавиме повеќе детали за типот и видот оружје што Украина го бара. Како министерство ја поседуваме опремата и ќе ја доделиме со одлука на Владата – рече Петровска.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи  извести дека украинските власти од Македонија побарале крвни единици, медицински помагала и лекови, но и други работи. Исто така, украинската амбасада побарала, ако дојдат бегалци од таа земја во Македонија, да не им се бараат сертификати за вакцинација за да не се усложнува работата.

Имајќи предвид дека информацијата за тоа каква воена опрема Македонија ѝ донирала на Украина е класифицирана, несериозно е да се шпекулира дека македонските власти ѝ испратиле на Украина противтенковско вооружување, па дури и дека „не се знае колку руски тенкови се уништени со македонско оружје“. Со ваквото пласирање на непотрдени и непроверени инфромации само се шири паника во јавноста.

Точно е дека руското Министерство за надворешни работи соопшти дека сите оние кои испорачале смртоносно оружје во Украина ќе одговараат доколку се употреби за време на руската воена операција во земјата. Министерството додаде дека чекорите што ги презема Европската унија против Русија нема да останат без одговор.

Но, не може со сигурност да се каже дали Македонија ѝ испратила на Украина смртоносно оружје. Така што, не може ниту да се тврди дека „сме готови“ и дека Русија посебно и се заканила на Македонија.

Според ова, за постот што го анализираме можеме да кажеме дека му недостига контекст и дека непотребно шири паника во јавноста, што во вака сензитивна ситуација може да има непосакувани последици, пишува „Вистиномер“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...