Вистиномер: Нови 135 услуги наскоро ќе го збогатат Националниот портал за електронски услуги

Извор: Pexels, Luis Quintero

Дигитализацијата на услугите тековно и динамично се остварува, иако севкупниот број на услуги засега е нешто помалку од една третина од сите услуги што се каталогизирани уште пред две години. Наскоро ќе бидат воведени нови услуги на националниот портал, пишува „Вистиномер“.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Националниот портал за електронски услуги наскоро ќе добие нови 135 нови услуги, кои ќе им бидат достапни на граѓаните, велат од Владата за „Вистиномер“. Ова ќе се реализира преку ИПА проект, а за таа цел се врши и дигитализација на сите регистри потребни да се развијат овие услуги. Од пред извесно време Националниот портал се надгради, па освен за граѓаните сега има можност електронски услуги да добиваат и компаниите. Наскоро се очекува да бидат промовирани две нови услуги од Агенцијата за вработување, кои ќе можат да ги користат компаниите.

Најбарани услуги на Националниот портал за електронски услуги, според бројот на реализирани услуги досега се услугите кои ги нуделе Министерството за информатичко општество и администрација, потоа Министерството за образование и наука и Агенцијата за вработување, велат од Владата за „Вистиномер“.

Порталот Е услуги, беше промовиран со ентузијазам, како начин да им се олесни на граѓаните завршувањето на административни работи потребни во нивниот секојдневен живот, без да треба да одат на шалтер или да чекаат во долги редици. Но, не сите услуги од администрацијата може да се добијат од удобноста на вашиот дом, со едноставни апликации онлајн. На порталот има голем број на услуги кои можат да се сместат во повеќе категории.

  • Првата категорија се услугите кои се целосно електронски, односно граѓаните можат да ја реализираат услугата од поднесување, барање, па до подигање на потребниот документ електронски.
  • Втората категорија се услугите кои се делумно електронски односно се поднесува барање електронски, а документот кој се бара треба да се подигне во институцијата по одредено време.
  • Третата категорија се услугите за кои граѓаните можат да се информираат, но истите сѐ уште не се реализирани целосно електронски.

За секоја услуга на Националниот портал јасно е наведено на кој начин може истата да се реализира, електронските услуги се јасно означени и пишано и визуелно. Дали една услуга ќе биде целосно или делумно реализирана електронски, зависи пред сѐ од природата на самата услуга, но и од подготвеноста на институцијата да обезбеди целосно електронски услуги.

 

Динамичен процес

Од Владата појаснуваат дека додавањето на услуги на порталот е динамично, а во зависност од барањата на институциите за дигитализација на нивните услуги се прават приоритети за развој на услугите. Меѓутоа, постојат предизвици при развојот на електронските услуги. Но и покрај тоа владее впечатокот дека институциите, во рамки на своите можности, се заинтересирани да придонесат за овој процес на Националниот портал.

Некои институции веќе ги имаат развиено и електронски ги нудат услугите на своите портали, други ги унапредуваат своите системи за развој на услугите. Мал дел од институциите немаат сопствени ИТ системи. Најважно е дека Владата и Министерството за информатичко општество и администрација се одлучни до крај да го поедностават пристапот до услугите за сите граѓани преку електронски алатки, уверуваат од Владата.

Тимот од Министерството за информатичко општество и администрација активно соработува со голем број институции на развојот на електронски услуги. Дигитализацијата на сите услуги е долг и макотрпен процес. Каталогизацијата на услугите е првиот чекор во тој процес. Националниот портал за електронски услуги постојано се надградува. Надградбата е не само во однос на додавањето на нови услуги, туку и во подобрувањето и оптимизацијата на постоечките услуги, како и во подобрувањето на функционалностите на порталот базирани на досегашното искуство и фидбекот од граѓаните. Ова се прави како дел од тековното одржување на Националниот портал за електронски услуги, објаснуваат оттаму.

Во анализата на Фондација Метаморфозис од 2020 година, каде една од темите е дигитализацијата на услугите, се вели дека треба да се работи на изградба на интероперабилноста, за да можат институциите меѓусебно да се поврзат и да ги препознаваат податоците. Како еден од проблемите што ќе се појави е и цената на електронските услуги, односно колку ќе се плаќа таканаречениот токен, со кој ќе може да се депонира електронски потпис на граѓанинот. Потоа, како мерки следуваат подигнувањето на степенот на дигиталната писменост и подигнувањето на јавната свест.

Друг проблем што се појавил а кој не бил предвидлив, е фактот дека она што го пропишуваат законите и подзаконските акти како услуга на некоја институција, не секогаш се совпаѓа со она што во реалноста се бара на шалтер. Ова особено важи за некои специфични услуги, поврзани со личните документи, промената на адресата на живеење во зависност од тоа дали барателот е во брак или не и друг тип услуги.

Како и да е, системот беше пуштен на крајот од 2019 година, и од централниот портал Услуги.гов.мк, владата па и граѓаните очекуваат значително подобрување на брзината и квалитетот на услугите што ги нуди администрацијата како една од главните причини за нејзиното постоење, се вели во анализата.

На 7 октомври годинава, меѓу последните услуги кои што Министерството за правда овозможи да бидат електронски, односно за нив граѓаните да може да аплицираат дури и преку мобилен телефон, а да плататат со картичка  – е услугата за издавање уверение од казнена евиденција од основните судови ширум државата. Граѓаните од внатрешноста, веќе нема да има потреба да патуваат до судот во местото каде што се родени, само за да поднесат барање за оваа потврда. Наместо тоа, за потврдата за неосудуваност, барателот оди на веб страницата uslugi.gov.mk, во полето „правосудство“, а потоа на „издавање потврда од казнена евиденција за физички лица“.

Најавувањето на порталот за е услуги е со корисничкото име на граѓанинот од УЈП. Кога потврдата ќе е готова, тој ќе ја добие на електронски уред со кју ар код, слично како што може да се симнат и сертификатите за вакцинација. На оваа потврда има и печат од судот, таа е веродостојна и валидна на ист начин како што би била кога граѓанинот со физичко присуство би одел во судот, да поднесува хартиени барања.

 

Натамошен напредок во интероперабилноста во 2022

Вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, пак, навести дека од 1 јули 2022 година, институциите нема на граѓаните да им бараат толку многу документи, туку автоматски и по службена должност ќе ги проверуваат овие документи од своите системи, за да се олесни постапката. Сите институции, ќе ги повлекуваат овие податоци автоматски и вмрежено, преку национална платформа за интероперабилност.

Еден пример како ова би функционирало во праксата е закажувањето на венчавки во Управата за водење матични книги. Наместо досегашниот начин, со кој се оди во Управата за вадење извод од родени, па за закажување термин, и на крајот за склучување на бракот, во иднина ќе се оди само еднаш, само за склучување на бракот.

Според најавите, термин за склучување брак ќе се закажува на интернет, па службеникот од Управата за водење матични книги ќе ги види податоците на двајцата идни сопружници автоматски во системот, ќе провери дали се во слободна брачна состојба и ќе им закаже термин, без потреба од физичко присуство, освен за склучувањето на бракот.

Од 2019 година постои и систем – Централен регистар на население и во него во реално време се обработуваат и поврзуваат податоците од системот на МВР, државјанствата, пасошите и трите книги од Управата за водење матични книги. Во Централниот регистар на населението веднаш ќе се слеваат сите информации од направени промени во лични карти, промена на брачна состојба, промена на живеалиште и така сите институции ќе имаат пристап до најпоследните и најточни информации за граѓанинот. Моментално граѓанинот може да пристапи до својот извод од Регистарот на население, ама од 2022 година, владата најавува дека до него ќе може да пристапат 1.304 институции, пишува „Вистиномер“.