fbpx

Вистиномер: Невистинито се тврди дека ковид пандемијата стивнала поради војната во Украина

-

Паралелата помеѓу војната во Украина и состојбата со пандемијата на коронавирусот, што се прави во оваа Фејсбук објава, нема никаква логика ниту каква било издржаност и поткрепа со факти. Иако пандемијата не е во најсилниот замав, сепак таа не е завршена. Во некои земји, во споредба со претходната недела, случаите со коронавирусот растат. На Кипар, на пример, се зголемиле случаите за 330 отсто,  во Јужна Африка за 175  отсто, а Тајван за 247 отсто, во Финска за  за 76 отсто, во Индија за 72 отсто, во Унгарија за 35 отсто, во САД за 19  отсто. Исто така, нема никакви докази дека коронавирусот потекнува или се ширел од лаборатории во Украина, ниту пак, има докази дека Русија навистина ги бомбардирала лабораториите, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Фејсбук објава тврди дека пандемијата со коронавируост завршила откако Руската Федерација ги бомбардирала лабораториите во Украина. Во постот може да се забележат повеќе дезинформации. Прво пандемијата не е завршена, второ нема никакви докази дека коронавирусот потекнува или се ширел од лаборатории во Украина и трето нема никакви докази дека Русија навистина ги бомбардирала лабораториите.

Можеби сте приметиле, а сигурно сте приметиле од кога Р.Ф ги рокна лабораторите во Украина некако стивна пандемијата?!

Оние најгласните “Чувари на вашето здравје“ веќе не објавуваат текстови со предвидувања колку ќе умрат во мај, а колку ќе има новозаразени во 2023г…Но најважно, текстовите не ги потпишуваат со хаштагот #КоронатаКоси.

Ај тоа но приметив, дека скоро сите доктори, експерти и “Одговорни граЏани“ ги тргнаа рамките од профилната “ ВЕРУВАМ НА НАУКА НЕ НА МОРОНИ“

Што така ?

Почнаа да веруваат на Морони или веќе не веруваат на науката?, пишува во постот.

Пандемијата со коронавирусот не е завршена, таа уште трае. Во последната недела на светско ниво биле заболени 4,646,359 лица, а починале 17,797 лица. И кога се гледа ситуацијата по држави може да се забележи дека таа е далеку од завршена. Па така во некои земји, во споредба со претходната недела, случаите со коронавирусот растат. На Кипар, на пример, се зголемиле случаите за 330 отсто,  во Јужна Африка за 175  отсто, а Тајван за 247 отсто, во Финска за  за 76 отсто, во Индија за 72 отсто, во Унгарија за 35 отсто, во САД за 19  отсто…

Во некои земји има и намалување, но тоа не значи дека пандемијата не постои. Во Македонија епидемиолошката слика е стабилна, но крајот на пандемијата не е дојден. На 26 април биле регистрирани 89 нови случаи и не се регистрирани починати лица.

Иако пандемијата не е во најсилниот замав, сепак, сосема е погрешно да се извлекуваат заклучоци дека тоа има каква било врска со војната во Украина. После повеќе од две години од појавувањето на вирусот, досега се произведоа неколку вакцини за имунизирање на населението, а дел од популацијата се разболе и го прележа вирусот па доби природна отпорност. Исто така, како и претходните години, кога се стоплува времето луѓето повеќе време поминуваат на отворен простор наместо во затворени простории, па затоа трансмисијата е помала. Но вирусот е тука, и не може да се тврди дека е пандемијата е завршена.

 

Повторно дезинформации за био-лаборатории во Украина

Што се однесува до наративот дека лабораториите во Украина развивале биолошко оружје а меѓудругото и дека таму е направен коронавирусот, тоа е исто така дезинформација. Оваа теорија на заговор се засили со стартот руската инвазија врз Украина, но постои уште од 2018 година.

На 6 март Министерството за одбрана на Русија тврдеше дека добило докази за тоа дека Украина и САД соработувале да развијат биолошко оружје. Во мноштво руски медиуми оваа информација одекна со брзина на светлината, а беше пренесена и кај нас. Според мајор генерал, Игор Конашенков,  патогени за смртоносни болести, меѓу кои чума, антракс и колера биле создавани во овие лаборатории, за да бидат користени во биолошко војување и дека овие лаборатории ,,се основани од САД и од американското министерство за одбрана”.

Објавите се базираат на погрешното толкување на Договорот меѓу САД и Украина од 2005 година, чија цел е да се спречат биолошките закани, а не да се создаваат. Според Договорот од август 2005 година, украинската и американската влада се согласиле да соработуваат за „да го спречат ширењето на опасни патогени и поврзаната експертиза и да ги минимизираат потенцијалните биолошки закани“.

Истражувачот за биолошко оружје и професорка на Кингс Колеџот во Лондон, Филипа Ленцос, за „Франспрес“ изјави дека нема индикации дека овие лаборатории во Украина се користат за да се развие биолошко оружје, туку нивната цел е да превенираат ширење на заразни болести. 

Според тинк-тенкот Атлантски советруските пропагандисти долго време шират пропаганда во Украина, вклучително и тврдења дека овие лаборатории експериментираат врз граѓаните.

Во мај 2020, во екот на ковид пандемијата, тајната служба на Украина издаде соопштение во кое ги упатува политичарите да престанат да шират дезинформации за постоење на ,,американски воени биолошки лаборатории во Украина”.

Нема странски биолошки лаборатории кои оперираат во Украина. Тврдењата од индивидуални политичари за наводното постоење на вакви лаборатории се невистинити и се намерно искривување на фактите, се вели во соопштението.

Во април 2020 година и американската амбасада во Украина издаде соопштение во кое вели дека сака да биде начисто, во врска со дезинформациите за програмата.

САД и Украина имаат партнерство уште од 2005 година, за да го превенираат ширењето на заразни болести како и да овозможат мирно развивање на вакцини. Ова партнерство меѓу одделот за одбрана на САД и украинското Министерство за здравство е дел од Развојната програма за намалување на опасностите (Cooperative Threat Reduction Program), која почна во 1991 година со цел да се намали опасноста од оружје за масовна деструкција по распадот на Советскиот Сојуз.

Ова партнерство, не значи дека во Украина има лаборатории водени од САД , всушност, Одделот за одбрана на САД никогаш немал биолошка лабораторија во Украина.

На 10 март руското министерство за одбрана, исто така, шпекулираше дека од биолаборатории во Украина биле вршени експерименти со примероци на коронавирус. Но, за овие тврдења не презентираа ниту еден доказ.

И тврдењето дека Руската Федерација ги бомбардирала лабораториите е исто така шпекулација. Руската страна, но и Украинската досега не објавила какви било официјални податоци за бомбардирање на лаборатории.

А појавувањето на коронавирусот нема никаква врска со Украина. Тој првпат се појави во Кина и има докази дека е природен, а не вештачки и создаден во лабораторија.

Вирусот беше идентификуван од кинеските власти на 7 јануари 2020 година, по што неговиот генетски материјал РНК, беше изолиран. Самата Светска здравствена организација потврдува дека вирусот е изолиран на 7 јануари 2020 година.

Правењето на паралела помеѓу војната во Украина и состојбата со пандемијата на коронавирусот нема никаква логика, ниту каква било издржаност и поткрепа со факти, па затоа изнесените тврдења во оваа Фејсбук објава ги оценуваме како невистинити.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Собранието ги изгласа измените на Законот за извршување на санкциите

Со 78 гласа „за“, Собранието денеска го изгласа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за извршување на санкциите. Од Министерството за правда соопштија дека Законот има за цел решавање...