Фото: Исечок од постот

Во написот пишува дека мајката и девојчето со аутизам сакале да се симнат на постојката пред главна пошта, меѓутоа, спротивно на изнесеното, автобусот број 23 на ЈСП воопшто не поминува кај главната пошта, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се споделува напис, во којшто се раскажува приказна за која невистинито се тврди дека се случила во земјава. Дополнително, за да делува поуверливо дека приказната се случила во Македонија, се споделува и фотографија од автобус на ЈСП, се споменува автобуската линија број 23 и се споменува постојка кај главната пошта.

Но, за што всушност се работи?

Во текстот од постот што го рецензираме се раскажува дека девојче со аутизам наводно седело во автобус број 23 со својата мајка и врескало, додека деца од задните седишта ѝ се смееле. Во написот пишува дека мајката и девојчето со аутизам сакале да се симнат на постојката пред главна пошта, меѓутоа, спротивно на изнесеното, автобусот број 23 на ЈСП воопшто не поминува кај главната пошта.

Тоа e првиот индикатор дека делови или можеби целата приказна е измислена, поради техниката која се користи на Фејсбук наречена „лајк фарминг“ и претставува измислување или споделување на приказна којашто ќе поттикне емотивен одговор од страна на корисниците на социјалните мрежи, кои ќе реагираат на приказната или содржината со нејзино споделување, допаѓање или коментирање. Тоа што приказната ќе доживее голема виралност (слично како и во постот кој го рецензираме), ѝ користи на страницата која го споделува написот, бидејќи таа станува поатрактивна, побогата со следачи и следствено станува популарна, што пак, може потоа да биде злоупотребено. Kонкретниот пост што го рецензираме има над 3 илјади коментари, над 100 споделувања и 200 коментари што говори за виралноста на оваа приказна.

Понатаму во написот се вели дека девојката во долг бел фустан која стоела во автобусот и носела очила, морала да ги отстрани очилата, бидејќи тоа го вознемирувало девојчето со аутизам. Според напишаното, мајката и девојчето се симнале на постојката, но претходно наводно се случило следното:

Тогаш девојчето забележа шарена нараквица околу нејзиниот зглоб. Потивко испушташе неартикулирани звуци. Не зборува, но голема е, има околу 10 години. Таа ја подаде раката кон девојката. Таа мирно ја подаде раката. Девојчето гледаше во белезицата и си играше со неа. Така до излезот. Мајката погледна со поглед полн со благодарност.

А откако девојчето со аутизам и мајка ѝ го напуштиле автобусот, девојката облечена во долг бел фустан наводно им одржала лекција на сите во автобусот, примарно на децата кои се смееле од задните

Не знам дали сте свесни дека ова дете има аутизам и дека нема апсолутно ништо смешно во тоа. Децата со аутизам не зборуваат, тие комуницираат со очите. Затоа таа беше во паника додека не ги извадив очилата. Таа потоа одговори со смирување на топлата емоција што и ја дадов.Таа сакаше допир и малку внимание и јас и го дадов тоа. Ретко кој ги разбира тие деца, како и нивните родители. Не ги гледајте со презир. Не им се смејте. Не знаеш какви битки водат секој ден.

Вториот индикатор дека во приказната нешто не е во ред е описот на симптомите на децата со аутизам, дека тие не зборуваат туку комуницираат со очите.

Само помал процент од децата со аутизам се минимално вербални, што значи дека зборуваат помалку од 30 збора или не зборуваат воопшто. Останатите деца со аутизам може да имаат богат вокабулар и да зборуваат на специфични теми со голем број детали. Многу од нив имаат проблеми со ритамот на зборовите и речениците, но сепак зборуваат. Затоа, не е веројатно дека дефектолог би ги опишал децата со аутизам целосно и генерално како деца кои не зборуваат, кога поголемиот дел од нив зборуваат иако можно е тоа да го прават на поинаков начин.

Дефектологот Јана Маркоска, за Вистиномер вели дека е сосема погрешно да се одржи говор дека дете има аутизам, (доколку тоа навистина се случило) а детето да се види претходно само една минута.

 

Во врска со тоа ека детето викало и се вознемирило, може да е така, а за причината со очилата е сосема индивидуално кај секое дете со аутизам. Сепак, можно е да го вознемири. Погрешно е тоа дека децата со аутизам не зборуваат и затоа комуницираат со очите. Околу педесет проценти немаат говор, другите имаат и најголем дел одбегнуваат контакт со очите, вели доктор Маркоска.

Кога личност со аутизам не зборува тоа се нарекува невербален аутизам, но терминот не е сосема точен зашто значи „без зборови“. Дури и ако лице со аутизам не зборува, сепак може да користи зборови на поинаков начин како на пример со пишување. Исто така, можно е да ги разбира зборовите што ги слуша.

Примарниот симптом на невербален аутизам е неможноста да се зборува јасно или без прекини. Така лицата може да имаат потешкотии да водат разговор со друг човек. Некои деца со аутизам може да повторуваат зборови или фрази повторно и повторно, според „Хелтлајн“.

Kај некои деца остварувањето контакт со очите може да е многу тешко.

Честопати контактот со очите се избегнува, па иако во приказната што се споделува во постот, се кажува дека „децата со аутизам зборуваат преку очите“ ова е чуден опис, со оглед на тоа што медицинските написи на интернет го сугерираат спротивното дека остварувањето контакт со очите оди потешко кај овие лица.

Центарот за контрола и превенција на болести на САД (ЦДЦ) го има наведено одбегнувањето на контакт со очите меѓу првите потенцијални предупредувачки сигнали дека можеби станува збор за аутизам.

„Стенфорд“  пишува дека децата со аутизам имаат добар вокабулар, но невообичаени начини за да се изразат себеси.

Може да зборуваат со монотон глас и не ја препознаваат потребатта да го контролираат тонот на гласот, на пример може да се случи гласно да зборуваат во кино или библиотека, пишува „Стенфорд“.

Како што „Вистиномер“ и претходно пишуваше, „лајк фармингот“ е многу распространет на Фејсбук, со тоа што се конструираат постови коишто се измислени делумно или целосно.Владата на Австралија, преку својот центар за сајбер безбедност го опишува овој феномен на следниот начин:

Лајк фарминг претставува употреба на мрежен инженеринг, како соодветни приказни или фотографии, со кои се убедуваат голем број корисници на социјалната мрежа да ја лајкнат содржината. Многу од овие приказни се лажни и се дел од измама којашто подоцна се користи за да се заработат пари од изложеноста и големата виралност генерирана од големиот број на допаѓања (лајкови) и споделувања на страницата.

Постовите кои се користат во „лајк фарминг“, честопати се потпираат на емоциите на луѓето, односно им даваат емотивни причини да клинкат, да стиснат лајк и да споделат, како на пример, прекрасни неодоливи животни, болни деца, ветувања за голема награда и добивка или политички пораки.

Во конкретниот напис, се користи приказна за болно дете за да се предизвика емотивен одговор и да се предизвика реакција кај голем број на корисници на социјалните мрежи. Но, во приказната има елементи кои што се измислени, фактички неточни и поради тоа не може да се потврди нејзината веродостојност. Не успеавме да ја пронајдеме оваа приказна ниту споделена во странство и преведена и адаптирана на македонски јазик како што понекогаш се случува со постовите во кои се користи „лајк фарминг“.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е вистина дека девојче со аутизам се возело во автобус број 23 и се симнало пред главна пошта, со оглед на тоа што таа автобуска линија на ЈСП нема станица пред главна пошта. Исто така не е точно дека децата со аутизам не зборуваат и комуницираат со очите.

Напишете коментар