Киану Ривс. Фото: commons.wikimedia.org

Актерот никогаш не одржал ваков говор, иако цитатот е споделуван нашироко и погрешно му се припишува нему. Наводниот говор од текстот што се споделува во овој пост на Фејсбук е од пред неколку години, кога овој цитат заедно со фотографија од актерот е презентиран на различни веб-страници на англиски јазик, иако тој никогаш не го кажал. Проверувачите на факти „Сноупс“, пишуваат дека цитатот не е на Ривс, туку е земен од фан-страница со неговото име на Фејсбук, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се вели дека актерот Киану Ривс одржал моќен говор, по што се наведува подолг наводен цитат од тој говор.
Го мразам овој свет каде што мажите ги облекуваат своите жени како проститутки, моќен говор на Киану Ривс, пишува во насловот од текстот.

Во самиот напис илустриран со фотографија од Ривс, пишува дека актерот мрази свет во кој жените не сакаат деца, а мажите не сакаат семејство, каде децата се сметаат себеси за успешни додека возат автомобил кој им го купил татко им и каде некој со мала моќ ги понижува сите други. Во текстот се вели дека еден од омилените актери ширум светот не е многу изложен во јавноста но кога ќе се обрати, неговите зборови се паметат долго

Еве дел од говорот на Киану Ривс кој го воодушеви целиот свет. Мразам свет во кој мажите ги облекуваат своите жени како проститутки, откривајќи се што треба да се скрие. Свет во кој нема концепт за чест и достоинство.
Каде што жените не сакаат деца, а мажите не сакаат семејство. Каде децата се сметаат себеси за успешни додека возат во автомобилот што им го купил татко им. Каде што некој со мала моќ ги понижува сите други.
Каде што лицемерите велат да веруваме во Бога со шише алкохол во раката и немање разбирање за религијата. Каде што скромноста се смета за маана. Каде што луѓето ја заборавиле љубовта и само гледаат како да имаат корист од својот партнер.
Каде момчињата во клубовите ги пијат парите на своите родители со примитивни звуци и одвратни гримаси, а девојките се заљубуваат во нив поради тоа. Каде што мажите и жените уште долго нема да се различни и каде сето тоа се нарекува слобода на избор. Јас едноставно не можам да го прифатам тоа. Избирам поинаква патека, пишува во текстот од наводниот говор на Киану Ривс.
Меѓутоа, актерот никогаш не одржал ваков говор, иако цитатот е споделуван нашироко и погрешно му се  атрибуира нему. Наводниот говор од текстот што се споделува во овој пост на Фејсбук, потекнува од пред пет – шест  години, кога овој цитат заедно со фотографија од актерот е презентиран на различни веб-страници на англиски јазик, иако тој никогаш не го кажал. Проверувачите на факти „Сноупс“, пишуваат дека цитатот не е на Ривс, туку е земен од фан страница со неговото име на Фејсбук.
Страниците на Фејсбук кои ги носат имињата на познати личости многу често им накалемуваат цитати што тие не ги кажале, со цел да придобијат поголем број на интеракции и следбеници и многу често не се менаџирани од самите актери или нивни тимови, туку од фанови. Атрибуцијата не беше само направена од таа страница, туку наводниот говор го имаше и на Јутјуб со видоизменета содржина. Кога ќе се погледне оригиналниот, нефалсификуван Јутјуб клип, се гледа дека Ривс говори на уметничка изложба во Швајцарија и не го кажува цитатот од постот што го рецензираме. Инаку, подоцна – во 2016 година, текстот стана популарен во групи со арапски јазик и групи поврзани со исламот. Цитатот се најде дури и на сајтот на пакистански весник на англиски јазик.

Но, не постои ниту едно видео, аудио или интервју во кое актерот зборува за тоа што е наведено во постот.

„Политифакт“ пишува дека оригинално постот постекнува од фан-страницата посветена на Ривс ,,Keanu Reeves-the actor” на која немало контакт информации. Во врска со ова публицистот на Киану Ривс, Шерил Маисел од агенцијата РМК-ВNC, изјави дека актерот нема поврзаност со таа страница.

Киану не учествува во никаква форма на социјалните мрежи. Оваа Фејсбук страница не е негова, изјавила таа за Политифакт и кажала дека страницата е отстранета по пријави.
Поради сите горенаведени факти, постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит, актерот Киану Ривс нема одржано ваков морализаторски говор.

Напишете коментар