Вистиномер: Немојте да постите 40 дена на вода како детоксификација после вакцина!

Фото: congerdesign from Pixabay

Објавата, освен што дезинформира, е и опасна по здравјето на луѓето, затоа што доготрајниот пост на вода не смее да се практикува без медицински надзор, особено не 40 дена! Научни студиии поажуваат дека долгорочните пости на вода се поврзани со нездраво слабеење, губење мускулна маса, постојан замор и може да му наштетат на имуниот систем. Што се однесува до вакцината, не е потребно никакво детоксифицирање од неа, затоа што во случај на мРНК вакцина, телото ја распаѓа мРНК и ја чисти од него, пишува „Вистиномер“ во новата анализа.

Текстот го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост на Фејсбук, во кој се вели дека сите што примиле мРНК вакцина (единствената таква администрирана во Македонија е вакцината на „Фајзер“, н.з), треба да направат крвна слика со Д-димери, зашто, наводно, вакцината предизвикува згрутчување на крвта, кое за две години ќе доведе до мозочни удари и оштетувања на срцето.

Авторот на постот препорачува секој што се вакцинирал да направи чистење на телото, односно детоксикација.

Нај успешен третман е постење на вода ( 40 дена само вода и ништо друго) Еден од нај добрите програми АПП (анти паразити програм ) е по метода на др. Шулц ,чија програма покрај суплиментите е и постот на вода, вели авторот на постот, кој, инаку, не е медицинско лице.

Постот е вирален и во моментот на нашата рецензија е споделен 66 пати.

Објавата, освен што дезинформира, е и опасна по здравјето на луѓето, затоа што постот на вода кој е пролонгиран, не смее да се практикува без медицински надзор, особено не 40 дена! Ова е ризично за здравјето!

Повеќето пости на вода се од 1 до 3 дена. Постот на вода, според медицински експерти, треба да се избегнува, зашто може да доведе до анорексија, сериозни импликации на организмот ако не се спроведува со медицински надзор и на соодветен начин!

Во 2011 година, пациентот Џонатан Кам почина после 32 дневен пост на вода. Студијата што може да се види на овој линк, покажува дека негативните ефекти на постот на вода се замор, проблеми со срцето и нерегуларно срцебиење, висок или низок крвен притисок, болки во стомакот и вртоглавици. Долгорочните пости на вода се поврзани со нездраво слабеење, губење мускулна маса, постојан замор и чувство дека ви е ладно, промени во расположението.

Многу луѓе кои се обидуваат да постат само на вода се луѓе кои навистина се борат со болести за кои не можат да најдат лек така што бараат нешто да ги спаси. Да не се јаде ништо со недели, месеци, е навистина опасно и не го препорачувам никому, вели Кристи Херисон, регистриран нутриционист. 

Доктор Мириам Мерад, директорка на Пресижн институтот за имунологија вели дека предолго постење може да му наштети на имуниот систем. Според неа, сè што е пост подолг од 2 дена е ризик!

Што се однесува до вакцината, не е потребно никакво детоксифицирање од неа, затоа што во случај на мРНК вакцина, телото ја распаѓа мРНК и ја чисти од телото. Во детали, на следниот линк може да погледнете како се прави тоа.

Освен тоа, ризикот од тромб после вакцина е низок. Според Европската агенција за лекови, до 20 април во светот имало само 300 случаи на ретко згрутчување на крвта во цел свет! Од нив со Фајзер биле поврзани само 25!

Во светот не постои ниту едно истражување, ниту една препорака од официјално медицинско тело, вклучително и СЗО, Американската агенција за храна и лекови, Европската агенција за лекови, ниту, пак, било каков научен став, дека после вакцина е потребна каква било детоксификација, а уште помалку со 40 дена пост на вода. Овој изум, 40 дневно постење на вода, претставува опасен метод, кој не треба да се спроведува од кого било без медицински надзор и без консултација со лекар. Згрутчување, односно тромбови во крвта, се создаваат во исклучително ретки случаи. Оттука, како дезинформација која може да предизвика огромна штета го оценуваме постот што е предмет на нашата рецензија, пишува „Вистиномер“.