Вистиномер: Немало осми преживеан од автобуската несреќа кој се качил автостоп во автобусот на „Беса транс“

Фото: АМета.мк

Пост на Фејсбук ја дезинформира јавноста во врска со бројот на патници и бројот на преживеани од  автобусот кој трагично изгоре во сообраќајна несреќа на автопатот Струма во Бугарија, а во кој животот го загубија 45 лица и 7 беа повредени, пишува „Вистиномер“.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Постот споделува напис со наслов „Човечка грешка е главниот сомнеж за кој се верува дека ја предизвикала несреќата на автобусот од Македонија во Бугарија“ кој ги пренесува првичните наоди на  Бугарското обвинителство за сообраќајната несреќа. Имено, бугарските обвинители на прес конференција која се одржа на 25.11.2021 година, соопштувајќи ги првичните сознанија за несреќата, информираа дека бројот на жртвите од автобуската несреќа е 44, односно дека на местото на несреќата биле најдени и идентификувани 44 тела. Медиумите првично информираа дека во автобусот имало 52 патници – 45 лица се тврдеше дека загинале, додека седуммина се во болница.

Но, портпаролката на главниот обвинител на Бугарија Сијка Милева и бугарскиот заменик-јавен обвинител Борислав Сарафов, фрлија сосема ново светло на случајот, наметнувајќи ја енигмата дека недостига еден патник. Милева пред бројните бугарски и македонски медиуми сподели дека се сретнала со еден од преживеаните кој и раскажал како го скршил стаклото на автобусот и дека спасил осуммина, а не седум лица, како што се тврдеше.

 

Официјално од првиот ден на несреќата-седум преживеани

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, пак, во изјава за бугарската телевизија БТВ рече дека според информациите коишто ги добиле од Бугарија, има седум преживеани луѓе кои се во болница и 45 жртви во несреќата.

Но, оставаме истрагата да ги утврди сите овие факти и се надеваме дека најрелеватните информации ќе дојдат од бугарските истражни органи, изјави Спасовски, пренесе Дојче веле.

Министерот за надворешни работи на РС Македонија, Бујар Османи, на 23.11.2021 го објави официјалниот список на преживеани потврден од надлежните институции на Република Бугарија. Во списокот се најдоа имињата на седум преживеани лица.

Го споделуваме списокот на повредените патници, кои се наоѓаат во добра здравствена состојба, и во моментов се хоспитализирани во софиската државна болница „Пирогов“, Ебип Пајазитовски (24.09.1972), државјанин на Северна Македонија, Ѓула Јашаровска (16.06.1972), државјанин на Северна Македонија, Зулејха Јашаровска (12.05.2005), државјанин на Северна Македонија, Минир Јашаровски (06.01.1971), државјанин на Северна Македонија, Медина Љутвиј (21.05.1996), државјанин на Северна Македонија, Љуљзим Сулејмани (04.05.1995), државјанин на Србија и Орхан Алити (12.04.1976), државјанин на Белгија, напиша Османи.

Пренесувајќи ја изјавата на еден од преживеаните, бугарското обвинителство отвори загатка за преживеан осми патник кој недостига, односно исчезнал.

Ние пронајдовме 44 трупа, а тој категорично изјави дека се спасени осум лица. Јас му реков вие сте седум во болницата. И тој категорично ми рече не, ние се спасивме осум лица. Во текот на истрагата, беа пронајдени 44 трупа. Останува големата загатка, каде е осмото лице. Не сакаме да шириме дезинформации, може да се работи и за лошо сеќавање на сведокот, изјави Милева.

И заменик-главниот обвинител, Борислав Сарафов, потврди дека на местото на несреќата биле пронајдени 44 тела.

По ваквата објава на бугарските обвинители, во јавноста почнаа да се отвораат дилеми околу осмиот патник.

Како што објави БНТ, на списокот на хоспитализирани во болницата „Пирогов“, има лице кое, според извори на телевизијата не фигурира на списокот на патници на „Беса транс“. Станува збор за 36- годишниот Шади Науф ал Салех од Обединетите Арапски Емирати.

 

Не бил автостопер

Телевизија Алсат, повикувајќи се на непотврдени информации, во написот кој го анализираме, објави дека најверојатно станува збор за автостопер кој се качил во автобусот во Бугарија. Токму затоа и не бил регистриран на списокот на патници.

Нашите информации велат дека тој се вика Шади Науф ал Салех, 36 годишен, кој се претпоставува дека е арапски државјанин и со автостоп се качил во автобус на територијата на Бугарија и затоа и не е регистриран на списокот на патници. На автопатот на смртта Струма, токму на локација Боснек на местото на настанот, се уште се трагите од изгорениот автобус и од патниците кои го загубија трагично животот, информираше Алсат.

Ваквите информации брзо беа демантирани. Имено, лицето Шади Науф ал Салех, се пријави и објасни зошто се нашол на списокот на хоспитализирани во болницата во Пирогов. Тој потврди дека нема ништо со трагичната несреќа и дека по грешка бил ставен на списокот.

Ал-Садех, кој е бугарски државјанин, откри дека тој бил во болницата „Пирогов“ затоа што му била скршена раката и не знае зошто го напишале неговото име, објави БНТ. Во саботата, тој бил примен на одделот за трауматологија во болницата со фрактура на раката.

Со пријавувањето на Шади ал Салех се решија дилемите околу осмиот патник. Факт е дека тој се нашол на списокот на хоспитализирани во болницата во Пирогов, но тој немал никаква врска со автобуската несреќа. Осми патник немало, што подоцна и се потврди со изјавата на бугарските обвинители дека се пронајдени остатоци и од 45-от патник. Значи, Шади ал Салех не бил никаков автостопер, како што се посочува во написот, ниту пак се качил во автобусот на Беса транс. Имајќи предвид дека написот пренесува информации изнесени јавно на прес конференција кои се вистинити, но во делот на осмиот патник шири дезинформации, постот ќе го означиме како делумно невистинит, пишува „Вистиномер“.