Фото: МВР

Вистиномер.мк рецензира пост објавен на Фејсбук во кој е линкуван напис чиј наслов гласи:

Неофицијално: Престрелка во Ченто, има ранети и убиени

Во меѓувреме, линкуваниот напис од порталот Булевар е избришан. За забележување е и дека лажната информација е споделувана во групи за купи продај каде членуваат и над 150 илјади луѓе, но и таму потоа е избришана.

Какви се фактите? Дезинформација е дека во Ченто вечерта на објавата имало вооружена пресметка со четворица мртви. Сепак, дезинформацијата беше пренесена од редица медиуми, за потоа да биде избришана. Преземањето во медиумите на оваа лажна вест, било направено без да се контактираат официјално претставници на МВР за потврда или демант на информацијата, односно без да биде извршена проверка, како што тоа го налага членот 1 од Кодексот на новинари.

Всушност, вечерта имало тешка сообраќајна несреќа во Ченто, кога возило БМВ му го пресекло патот на комбе, по што комбето се превртело.

Дел од порталите вечерва шират лажни вести за наводна престрелка во скопската населба Ченто и дури лицитираат со повеќе убиени. МВР апелира до граѓаните да не наседнуваат на вакви подметнувања и да не веруваат на лагите кои ги пласираат овие портали, туку да се информираат од професионалните медиуми кои објавуваат проверени информации. Во Ченто вечерва имаше сообраќајна незгода, а не престрелка, како што беше објавена лажна вест, велат од МВР за настанот.

Дел од медиумите при објавувањето на оваа дезинформација, не пропуштија да потсетат дека претходната вечер во вооружена пресметка во Бутел убиен беше Кемер Идризи. Некои дури и ги поврзаа настаните. Меѓутоа, сообраќајката и настанот од претходниот ден не се поврзани.

Официјално МВР информираше дека во сообраќајна незгода се повредени двајца возачи и двајца сопатници а настанот се случил во 19 часот и 57 минути, на крстосницата од улиците „Методија Андонов Ченто“ и „Маџари“, во скопската населба Ченто. Учествувале две патнички моторни возила и едно товарно возило. Во сообраќајката учествувале патничко моторно возило БМВ со скопски регистарски ознаки, управувано од дваесет и шестгодишниот Е.Р од Скопје, товарно возило фолксваген со скопски регистерски ознаки управувано од дваесет и седумгодишниот М.С од Скопје и возило „сеат ибица“ управувано од дваесет и четиригодишниот А.А од Скопје, кој првично избегал од местото на незгодата ама бил сопрен од полициски службеници. Во незгодата со повреди се здобиле двајцата возачи како и двајца сопатници, Џ.Р (22) и еден малолетник од возилото БМВ, констатирани во градската болница Свети Наум Охридски и комплексот клиники Мајка Тереза. Увидна екипа на СВР Скопје извршила увид на местото на настанот.

Поради сите горенаведени факти, како невистина ја оценуваме информацијата во постот што го рецензираме дека во Бутел се случила вооружена пресметка со четворица мртви.