fbpx

Вистиномер: Нема термини за специјалистички прегледи, може да почекате и до ноември за да ве прегледа интернист или офталмолог

-

Во недостиг на термини, последната можност за пациентите кои немаат време да чекаат по три месеци за преглед е да си платат приватно, а голем дел од нив не се во можност да го сторат тоа. Па така, се вртат телефони, се фаќаат „врски“, се бараат можности за да се отиде на специјалист, нешто што би требало да претставува основно човеково право, особено кога станува збор за сериозно болни лица и за здравствени осигуреници, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Пишува: Мери Јордановска

 

Ако сакате да закажете преглед преку вашиот матичен лекар кај специјалист по интерна медицина, користејќи го вашето здравствено осигурување, а сте од Прилеп, Битола, Виница, Кратово, Кочани, Неготино или Пехчево, ќе мора да почекате најмалку три месеци. Според веб-страницата на „Мој Термин“, во овие градови во следните три месеци нема слободен термин во ниту една здравствена установа која има склучено договор со Фондот за здравствено осигурување.

 

Фото: Принтскрин/ Мој Термин

И во Скопје, ситуацијата не е ништо подобра. За интернистички преглед во поликлиниката Букурешт ќе мора да почекате најмалку 17 дена, во Чаир дури 42 дена, во поликлиниката Јане Сандански ќе чекате најмалку 3 месеци, додека во приватните ординации кои имаат склучено договор со ФЗО се чека од 20 до 85 дена.

Фото: Принтскрин/ Мој Термин

На Клиниката за ревматологија, закажување специјалистички прегледи се речиси невозможни. Првиот слободен термин е за најмалку 3 месеци. Според веб-страницата на Мој Термин, 14те специјалисти по ревматологија немаат слободен термин во наредните 90 дена. Иста е ситуацијата во Битола, додека во Тетово, ревматолог ќе може да ве прегледа за три недели.

Доколку ви е потребен очен преглед кај офталмолог, единственото место во Скопје каде што има слободен термин е на поликлиниката Бит Пазар. Во поликлиниката Букурешт првиот термин е за 16 дена, додека во сите останати офталмолошки ординации термини нема, барем не до средината на ноември годинава.

 

Фото: Принтскрин/ Мој Термин

Слично е и со прегледите за дијабет, каде се чека од седум дена,до три месеци за да се закаже преглед. Во Битола, Скопје и во Гостивар нема термини за гастроентерохепатолошки преглед во следниве три месеци.

Кога има недостиг од редовни термини, матичните лекари најчесто издаваат приоритетни упати, што значи дека болните мораат да чекаат сите останати да поминат на ред, за да бидат прегледани. Но, граѓаните велат дека сè почесто се случува со приоритетен упат да бидат вратени од преглед поради големите гужви со пациентите.

Секако, последната можност за пациентите кои немаат време да чекаат по три месеци за преглед е да си платат приватно, а голем дел од нив не се во можност да го сторат тоа. Па така, се вртат телефони, се фаќаат „врски“, се бараат можности за да се отиде на специјалист, нешто што би требало да претставува основно човеково право, особено кога станува збор за сериозно болни лица и за здравствени осигуреници.

Матични лекари со кои разговаравме велат дека е важно „да се фати моментот“ кога треба да се закаже термин, односно кога се ослободуваат термините во одреден дел од месецот.

Од Министерството за здравство велат дека јавните здравствени установи самостојно ги креираат термините за преглед во системот „Мој Термин“ во согласност со ресурсите со кои располагаат.

Министерството за здравство се залага за долгорочно зајакнување на специјалистичките дејности преку доделување специјализации со Програмата за специјализации која МЗ ја донесува на годишно ниво. 
Со Програмата за специјализации за 2022 година која е во тек, предвидено е зајакнување со специјалисти од повеќе области меѓу кои и педијатрија, гинекологија, анестезиологија, офталмологија, ревматологија, кардиологија, и др., изјавија за Вистиномер од Министерството за здравство.

Во март годинава, во интервју за „Радио Слободна Европа“, министерот за здравство Беким Сали изјави дека „поради недостиг на кадар термините се пролонгираат затоа што има само еден специјалист или пак фали анестезиолог за некоја услуга“.

Ние сме држава со недостиг на кадар за анестезиологија и поради тоа се натрупува листата за чекање на Клинички центар, изјави тој.

Во прилепската болница само во изминативе две години 57 лекари, сестри и останат медицински персонал се пензионирале, а нивните места не се пополнети. Поради недостиг од лекари охридската болница во ноември лани, пак, мораше да го затвори одделот за педијатрија.

Во земјава нема конкретни бројки колку лекари ја напуштиле државата во последните години и заминале во странство, но со самата потврда за недостиг на кадри, јасно е дека станува збор за високи бројки.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Тенденциозно и без докази се обвинува дека Украина и Западот стојат зад терористичкиот напад во Москва

Одговорноста за нападот во Москва ја презеде милитантната група Исламска држава (ИСИС). Ден по нападот, на 23 март, ИСИС објави фотографија од четворицата напаѓачи. На 24 март, пак, ИСИС...