Засилувач (бустер) е дополнителна доза на вакцина, дадена откако заштитата што се обезбедува со оригиналната доза ќе започна да се намалува со текот на времето. Третата доза на вакцина против ковид-19 во Северна Македонија се аплицира од 27 септември како додаток на веќе досега примени две дози вакцина. Вакцинација со трета доза се врши исклучиво со вакцина од производителот „Фајзер“, без разлика со која вакцина лицето претходно е вакцинирано, пишува „Вистиномер“ во новата анализа.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Од 71.373 лица вакцинирани досега со бустер (засилувач) доза на вакцина против коронавирус, 90 лица се заразиле со вирусот по поминати 5-6 дена од примена трета доза вакцина, но ниту едно не е хоспитализирано или починато, информираат од Министерството за здравство за „Вистиномер“.
Најчести несакани дејства кои биле пријавени после примањето на третата доза на вакцина биле болка во раката, црвенило, покачена температура како и појава на црвенило на местото на аплицирањето на вакцината.
Трета доза вакцина може да примаат сите граѓани кои се изложени на ризик од зараза на своето работно место или имаат хронични здравствени состојби. Најголем дел од вакцинираните со трета доза се на возраст од 60-69 години, потоа следува возрасната популација од 70-79 години, 50-59 години, 25-49 години, а најмалку со трета доза се вакцинирани граѓани од возрасна популација над 80 години, велат од Министерството за здравство.
Препораката е трета доза да се прими шест месец по примена втора доза, односно три месеци по целосната вакцинација со вакцините од кинеските производители „Синофарм“ и „Синовак“. Бустер дозата на вакцина кај нас се препорачува, а не е задолжителна или ограничувачка.
Најголем дел кои примиле трета доза вакцина се вакцинирани со кинеските вакцини „Синовак“ и „Синофарм“, од причина што примањето на бустер доза за овие вакцини е три месеци, за разлика од останатите вакцини каде трета доза може да се прими после поминати 6 месеци од ревакцината, информираат од МЗ.
Третата доза кај нас исклучиво со „Фајзер“
Третата доза на вакцина против ковид-19 во Северна Македонија се аплицира од 27 септември како додаток на веќе досега примени две дози вакцини. Вакцинација со трета доза се врши исклучиво со вакцина од производителот „Фајзер“, без разлика со која вакцина лицето претходно е вакцинирано. На прашањето зошто во нашата држава бустер дозата може да се прими само од производителот „Фајзер“, а не и од другите производители на вакцини, од МЗ одговараат дека одлуките се носат врз основа на препораки од релевантни институции.
Според препораките на националните комисии, агенциите за лекови, СЗО и експертите на нашата национална Комисија за имунизација, третата доза е mRNA вакцина, такви вакцини се „Фајзер“ и „Модерна“. Кај нас трета доза вакцина се дава од производителот „Фајзер“ и таа вакцина како трета доза ја примаат сите граѓани без разлика со која вакцина се вакцинирале, односно ревакцинирале. Важно е третата бустер доза да се прима по поминати 6 месеци од ревакцинација за оние граѓани што примиле „Фајзер“, „АстраЗенека“, „Спутник“ и три месеци од ревакцина со „Синовак“ и „Синофарм“, велат од ресорното министерство.
Во соседна Србија пак, граѓаните имаат можност да изберат од кој производител ќе ја примат третата „бустер“ доза. По најмалку пет месеци од давањето на втора доза од „Фајзер“, „АстраЗенека“ и „Спутник В“, граѓаните можат да примат трета доза и по најмалку четири месеци од примањето на втора доза „Синовак“ и „Синофарм“ вакцините. Оние кои како трета доза сакаат да ја примат вакцината „Спутник В“ ќе им биде аплицирана првата компонента од овој производител.
Од 19 ноември одобрено е давање трета бустер доза вакцина против ковид-19 и за граѓаните на С. Македонија, соопштија од Здравствениот центар Врање. Оние коишто ќе одлучат бустер да примат во Србија, ќе може да го изберат производителот.
Што претставува бустер?
Засилувач (бустер) е дополнителна доза на вакцина, дадена откако заштитата што се обезбедува со оригиналната доза, ќе започна да се намалува со текот на времето. Обично, ќе добиете засилувач откако имунитетот од почетните дози ќе почне да опаѓа. Засилувачот е дизајниран да им помогне на луѓето да го одржат нивото на имунитет подолго време или кога се работи за нов сој на вирусот, како што е делта сојот што циркулира сега.
„Фајзер и Бионтек“ на крајот на август апелираа дека ќе биде намалено дејството на нивната вакцина против коронавирусот шест месеци по вакцинирањето и препорачaa бустер доза за сите лица над 16 години.
Иако многу земји започнаа со вакцинирање со трета доза на одредени граѓани, на светско ниво сè уште се дебатира дали и кому му е потребна дополнителна имунизација со оглед на нискиот степен на вакцинација во голем дел од државите, особено во Африка каде што впрочем се појави и новиот сој на коронавирусот наречен омикрон.
Во Германија во просек има повеќе луѓе кои примиле трета доза вакцина против коронавирусот отколку што во сиромашните земји примиле прва доза. Статистиката е 5,6 отсто Германци со „бустер“ доза наспроти 4,6 отсто со една доза во 27 најсиромашни земји во светот.
Пред неколку дена се донесе одлука, бустер дозите од вакцините против коронавирусот да бидат задолжителни за сите возрасни во Франција кои сакаат да влезат на јавни места како ресторани, кафулиња, кина и музеи од почетокот на наредната година, пишува „Вистиномер“.