Фото: Utah Publivc Radio

Манипулативен наслов кој информира дека шестмина починале при тестирањето на вакцината за ковид-19 на американскиот производител Фајзер, стана вирален токму поради тоа што ги наведува читателите на погрешен заклучок, а тоа е дека смртта во овие шест одделни случаи има некаква врска со самото тестирање на вакцината во клиничките студии пред нејзиното одобрување, пишува „Вистиномер.мк“ во својата нова анализа.

И Македонската информативна агенција го пренесе овој наслов.  Насловот гласи: „Шестмина починаа при тестирањето на вакцината на Фајзер“ и вака како што е напишан тој може да ги доведе во заблуда читателите, како небаре причината за нивната смрт да е поврзана со вакцината за ковид-19 или како вакцината да е директна причина за нивната смрт.

Насловот што го рецензираме го оценуваме како манипулативен и како несоодветен и погрешен, односно недоволно контекстуализиран, во кој што не е прецизирано дека смртните случаи не се поврзани со вакцината. 

Од насловот бездруго се сфаќа како шестмина да починале од вакцината или од нешто поврзано со самата вакцина. Но, кога ќе се кликне на веста и ќе се прочита нејзината целосна содржина, стануваат јасни две работи. Прво, четворица од учесниците во клиничкото испитување за вакцината на Фајзер воопшто не ја примиле вакцината, туку плацебо. Значи, тие биле во контролната група. Второ, едно од починатите лица починало од срцев удар, што не би можело да се тврди дека е во директна корелација со самата вакцинација.

Инаку, оваа вест беше многу вирална на социјалните мрежи и во македонскиот медиумски простор

Од вкупно шестте смртни случаи кои што се случиле во третата фаза од тестирањето на вакцината, четири биле неповрзани со неа поточно испитаниците примиле плацебо. Американската Агенција за храна и лекови додава дека сите овие смртни случаи, шест на број, претставуваат типични настани кои што се случуваат кај општата популација со слична стапка. 

Од починатите коишто ја примиле вакцината, еден учесник имал вишок на килограми и атеросклероза и починал после три дена по првата доза од лекот, а друг учесник доживеал срцев удар дури 60 дена по втората доза и починал три дена подоцна.

Во плацебо групата, двајца починале од мозочен и срцев удар а причината за смртта на уште двајца не е утврдена. Половина од починатите биле на возраст над 55 години.

И австралискиот медиум Couriermail објави дека од фармацевтската компанија Фајзер негираат оти нивната вакцина има било каква улога во овие смртни случаи.

Оттука, манипулативно е да се каже дека шестмина починаа при тестирањето на вакцината на Фајзер, без притоа да се наведе и дека леталниот исход бил последица на други околности, пишува „Вистиномер.мк“ во својата нова анализа.