fbpx

Вистиномер: Нема никаква потврда дека ковид вакцините предизвикуваат смрт и тоа „секојдневно“

-

Објавата, преку ширење на дезинформации, оди во прилог на антиваксерската кампања и предизвикува страв и несигурност во јавноста дека вакцините се штетни, а несаканите ефекти можат да имаат смртни последици. Бројката на смртни случаи, кои наводно се случиле по вакцинирањето, е неспоредлва со бројот на потврдени починати од ковид-19. Вирусот е вистински, постои, се шири брзо и е смртоносен за многу луѓе, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

На социјалните мрежи се споделува објава која ги наведува корисниците на мислење дека имунизирање со вакцини против ковид-19 е причина за нечија смрт. Ова е само една дезинформација базирана на шпекулативна теорија која што има за цел да ја заплаши јавноста.

#Секјодневно умираат наши познати, сите знаете зошто, две дози, три дози, ќутите и чекате ред….колку ништожно, гадно…и да си ќутите, бидете рааат..

Она што прво се забележува во оваа објава е дека само се изведува силен заклучок со кој се оцрнува вакцинацијата за заштита од коронавирусот, па дури и се оди дотаму што се критикуваат оние кои наводно „молчат“ за таквата појава. Постот произволно тврди дека има смртни случаи поради примена вакцина против ковид-19, но не се наведени нивните имиња. Не е посочен ниту еден конкретен случај на смрт, кај кого е потврдено дека смртта се случила поради примена вакцини. А, камоли, пак, дека таквите случаи ги има „секојдневно“.

Дури и ако се случи нечија смрт да настапи по примањето на вакцината против ковид-19, тоа по дифолт не значи дека вакцината е причинителот на смртта. Луѓето умираат и од други состојби кои се неповрзани со вакцината, како несреќи, хронични заболувања, сообраќајки, но и од природна смрт поради старост итн. Самото тоа што некоја личност е вакцинирана па починала, не мора да значи дека вакцината ја предизвикала смртта.

Вакцините, пак, напротив, не ги убиваат, туку ги спасуваат животите на луѓето. Доколку нечија скриена агенда беше да се намали светската популација, тогаш воопшто немаше да се произведуваат вакцини, туку корона вирусот ќе беше оставен слободно да циркулира и да одзема животи. Ковид-19 одзема животи, а вакцините ги спасуваат животите.

Имунизацијата претставува еднo од најголемите достигнувања во историјата на медицината и е најбезбедна, најефикасна и економски најоправдана превентивна мерка, која директно допринесува за намалување на морбидитетот и морталитетот од заразните заболувања.

Вакцините против ковид-19  беа предмет на бројни тестирања и постојано се проверуваат. Овие тестирања опфаќаат лица од различни возрасни групи, од двата пола, од различни етнички групи, како и лица  со здравствени проблеми.

Официјалните податоци на Центарот за контрола и превенција на болести на САД велат дека смрт по вакцинирањето против ковид-19 ретко се случува. Повеќе од 603 милиони дози на вакцини против ковид-19 биле администрирани во САД, од 14 декември 2020 година до 27 јули 2022 година. За тоа време, на ВАЕРС, системот каде што се пријавуваат можни (значи само „можни“, но не и проверени) безбедносни проблеми со одобрените вакцини, биле пријавени 15.700 прелиминарни извештаи за смрт што претставува 0.0026% од вакцинираните со ковид-19 вакцина. ФДА бара од давателите на здравствени услуги да пријават каква било смрт по вакцинацијата против ковид-19 на ВАЕРС, дури и ако не е јасно дали вакцината била причината. Достапните клинички информации, кои се испитуваат откако ќе почине некој, вклучително и посмртници, обдукции, како и медицинска евиденција, не утврдуваат причинско-последична врска на смртта со вакцините против ковид-19.

Бројката на пријавени смртни случаи, кои наводно се случиле по вакцинирањето, е неспоредлва со бројот на потврдени починати од ковид-19. Се разбира, станува збор само за пријавени смртни случаи, но нема потврда дека ваквите пријави се испитани и дека нависитина е утврдена било каква врска меѓу нечија смрт и вакцинирањето. Вирусот е вистински, постои, се шири брзо и е смртоносен за многу луѓе. Засега единствениот начин на заштита е процесот на вакцинирање.

Објавата, преку ширење на дезинформации оди во прилог на антиваксерската кампања и предизвикува страв и несигурност во јавноста дека вакцините се штетни, а несаканите ефекти можат да имаат смртни последици.

Затоа, овие сензационалистички објави на социјалните мрежи треба да се читаат со голема резерва и информациите споделени во нив да се проверат од неколку извори, а не веднаш да се верува во напишаното.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Изложба „Уметници и бегалци“ во Чифте Амам

Изложбата „Уметници и бегалци“ ќе се отвори во вторник (2 aприл) во Националната галерија Чифте Амам во скопската чаршија. Делата на изложбата се инспирирани од сведоштва кои биле директно раскажани...