fbpx

Вистиномер: Нема медицински докази дека вакцините против ковид предизвикуваат згрутчување на крвта

-

Антиваксерите и теоретичарите на заговор секогаш ја поврзуваат вакцината на „Фајзер“ со згрутчување на крвта. Но, нема докази дека оваа вакцина предизвикува згрутчувања на крвта. Во „Журналот на автоимуност“, автори на студија од август 2021 година за вакцината на „Фајзер“, наведуваат дека таа не создава тромбови. Овој труд е цитиран во уште седум други трудови, според Националната американска библиотека за медицина, пишува Вистиномер.мк. 

 

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Пост на Фејсбук неосновано тврди дека вакцините против ковид-19 предизвикуваат згрутчување на крвта и создавање тромбови. Ваквото тврдење не кореспондира со реалноста и со научните факти.

Сеа ни кажуваат дека од топло време крвта се згрутчува и се добиваат тромбови….Зар не гледате како не ја фрлаат вината на вакцините, туку на глобалното затоплување??се вели во објавата што ја анализираме.

Нема докази дека вакцините против ковид-19 предизвикуваат згрутчување на крвта.

Вакви случаи на редок несакан ефект наречен тромбоза со синдром на тромбоцитопенија (ТЅЅ), беа пријавени во неколку земји на почетокот на процесот на имунизација против ковид-19 и истите беа поврзувани со вакцината на „АстраЗенека“. Како што објави тогаш Европската агенција за лекови:

Само 22 случаи на тромбоза се пријавени меѓу повеќе од три милиони луѓе вакцинирани во зоната што ги вклучува ЕУ, Норвешка и Исланд.

И Светската здравствена организација (СЗО) официјално соопшти дека нема потврда дека вакцината предизвикува згрутчување на крвта.

Да, треба да продолжиме да ја користиме вакцината на „Астразенека“, нема причина да ја суспендираме, рече портпаролката на СЗО, Маргарет Харис на прес-конференција во Женева.

На веб-страницата на СЗО во врска со ковид вакцините пишува:

Вакцините против ковид-19 создаваат заштита од болеста, преку развивање на имунолошки одговор на вирусот САРС-Ков-2. Развивање на имунитет преку вакцинација значи намален ризик за развој на болеста и нејзините последици. Овој имунитет ви помага да се борите против вирусот доколку се изложите. Вакцинирањето, исто така, ги заштитува луѓето околу вас.

Антиваксерите и теоретичарите на заговор секогаш ја поврзуваат вакцината на „Фајзер“ со згрутчување на крвта. Но, нема докази дека оваа вакцина предизвикува згрутчувања на крвта и „Вистиномер“ досега има пишувано за тоа.

Не постојат медицински докази дека вакцината на „Фајзер“ ја оштетува крвта. Во „Журналот на автоимуност“, автори на студија од август  2021 година за вакцината на „Фајзер“, наведуваат дека таа не создава тромбови. Овој труд е цитиран во уште седум други трудови, според Националната американска библиотека за медицина.

Портпаролот на „Фајзер“ за странски проверувачи на факти, на прашањето дали вакцината против ковид на „Фајзер“ создава згрутчување на крвта, на 4 ноември 2021 година одговара дека нема докази за да се сугерира таквото тврдење.

Д-р Валтер Оренштајн, професор на Одделот за заразни болести на Факултетот за медицина на Универзитетот Емори и вонреден директор на Центарот за вакцини „Емори“ вели дека не е запознаен со какви било информации објавени во медицинската литература за проблеми со коагулацијата по примање на мРНК вакцините, пренесува „Политифакт“.

Д-р Шрути Гохил, професор по заразни болести на Mедицинскиот факултет на Универзитетот во Калифорнија, Ирвин, во изјава за „Политифакт“ истакнува дека „тромбоцитите и другите фактори на коагулација се природно во нашата крв за да ни помогнат да го запреме крварењето кога ќе се повредиме, така што крвта природно се згрутчува многу лесно, освен ако не правите нешто за да не се згрутчи“.

Создавањето тромбови не е на листата на сериозни несакани дејства од вакцината на „Фајзер“ која може да се најде на страницата на Центарот за контрола и превенција од болести (ЦДЦ). ФДА и ЦДЦ се одговорни за долготрајни набљудувања на несакани реакции од ковид вакцините.

Вакви случаи се забележани по примена „Џонсон и Џонсон“ вакцина, но тие се многу ретки, нагласува ЦДЦ.

Тромбоза со синдром на тромбоцитопенија (ТТС) е редок, но сериозен несакан настан кој предизвикува згрутчување на крвта во големите крвни садови и ниски тромбоцити (крвни клетки кои помагаат во формирањето на згрутчување). Од 3 февруари 2022 година, во Соединетите Држави се дадени повеќе од 18,2 милиони дози од вакцината „Џонсон и Џонсон“. ЦДЦ и ФДА идентификуваа 57 потврдени извештаи за луѓе кои ја примиле оваа вакцина против ковид-19 и подоцна развиле ТТС. ЦДЦ, исто така, идентификуваше девет смртни случаи кои се предизвикани или директно му се припишуваат на ТТС по вакцинацијата со „Џонсон и Џонсон“. Жените на возраст од 30-49 години особено треба да бидат свесни за зголемениот ризик од овој редок несакан настан. Постојат и други достапни опции за вакцина против ковид-19 кај кои овој ризик не е забележан, пишува ЦДЦ на својата официјална веб-страница.

Од сето ова може да се заклучи дека не постојат докази дека вакцините против ковид-19 предизвикуваат згрутчување на крвта. Според тоа, може да кажеме дека постот кој го анализираме е невистинит.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Уапсени тројца германски државјани за наводно шпионирање за Кина

Полицијата во Дизелдорф и Бад Хомбург уапси тројца германски државјани за шпионирање за кинеската тајна служба. Двајца мажи и една жена се во притвор, објави во понеделникот федералното обвинителство,...