Фото: Мета.мк

Во статистиките на Институтот за јавно здравје за починати од ковид од 1 до 14 септември нема евидентирани лица од Свети Николе на возраст до 45 години. Во овој временски период, на 14 септември поради ковид починал 66 годишен жител на Свети Николе, а на 6 септември 57 годишен човек од истиот град. За последните две недели тоа се единствените два смртни случаја од ковид во овој град. Исто така, никој досега во МАЛМЕД (Агенцијата за лекови и медицински средства која што е задолжена да прима пријави за несакани дејства) не пријавил сериозни последици после вакцинација, ниту пак, смртен случај, пишува „Вистиномер“ во новата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Како што на почетокот на пандемијата се ширеа панични и мистериозни наративи, дека на семејствата на починатите им нуделе пари за да ги заведат како ковид пациенти во болниците, потоа дека болниците им нуделе пари на семејствата за погребите на починатите од ковид, така сега кога вакцинацијата станува сè поочигледна реалност, има луѓе кои на секаков начин се обидуваат да ја оцрнат, да предизвикаат страв кај населението и да го разубедат да не се вакцинира.

Карактеристично за овие објави е дека се нафрлаат непроверени, паушални информации само за да се предизвика паника. Во постот што го рецензираме се тврди дека пред 15 дена, пет негови пријатели од 25 до 45 години од Свети Николе се вакцинирале, по што двајца од нив починале, тројца биле во многу лоша состојба. Според наведеното, тие никогаш не биле претходно болни, но „наседнале на пропагандата и се вакцинирале“.

Може да се очекува дека како што вакцинацијата ќе зема сè поширок замав, така сè повеќе ќе се засилуваат ваквите недокажани, прераскажани приказни во кои нема доволно информации. Од што починале лицата, дали навистина се вакцинирале, дали навистина немале придружни болести односно коморбидитети? Дали воопшто постојат? Што значи тоа дека се „во тешка состојба“? Од што е предизвикана таа тешка состојба? Дали се инфицирале со коронавирусот или можеби имале некоја друга здравствена состојба? На сите овие прашања нема одговор.

Исто така, во постот нема информација дали луѓето за кои се тврди дека наводно починале од вакцина,  се вакцинирани со прва доза или со втора доза. Во секој случај, имунитетот против ковид кај вакциниран со една доза не се создава инстантно. Кај вакцинан со две дози, пак, потребни се најмалку две недели после втората доза ако се работи за вакцината на „Фајзер“, и најмалку 6 недели доколку се работи за вакцината на „Синовак“, за да се активираат антителата во организмот и човекот да добие заштита од инфекција со коронавирусот. Не смее да се занемари и фактот дека има случаи на пробивање на имунитетот, каде што и вакциниран со две дози може да добие инфекција од коронавирусот, меѓутоа, досегашните сознанија се дека во таква ситуација тој нема да има толку тешка клиничка слика и за 20 пати се помали шансите да почине.

Во состојба кога има премалку информации во постот, само да се нафрли дека тие лица се вакцинирале и починале (или се во тешка состојба), не е кредибилно.

„Вистиномер“ ги разгледа статистиките на починати од ковид од 1 до 14 септември и утврди дека меѓу починатите евидентирани во Институтот за јавно здравје нема лица од Свети Николе на возраст до 45 години. Во овој временски период, на 14 септември поради ковид починал 66 годишен жител на Свети Николе, а на 6 септември 57 годишен човек од истиот град и за последните две недели тоа се единствените два смртни случаја во овој град.

Несаканите ефекти од вакцините против коронавирусот досега според МАЛМЕД (Агенцијата за лекови и медицински средства која што е задолжена да прима пријави за несакани дејства) се движат во границите на оние што се опишани во упатствата за употреба. Формуларот за пријавување несакани ефекти може да се преземе на овој линк. Никој досега во МАЛМЕД не пријавил сериозни последици после вакцинација, ниту пак, смртен случај.

Поради горенаведената аргументација, оценуваме дека нема докази, дека петмина од Свети Николе починале или се во тешка здравстсвена состојба поради вакцината, пишува „Вистиномер“.