fbpx

Вистиномер: Нема докази дека на ова видео се прикажани починати лица од вакцина во Диселдорф

-

Самиот факт што смртта настапила после вакцинацијата, не докажува дека вакцината ја предизвикала смртта и тоа го наведуваат сите релевантни државни агенции чија задача е да собираат пријави за несакани ефекти по имунизација. На видеото споделено во постот, евидентно е дека се гледаат само десетици листови хартија, но не се гледа ниту некаков лик, ниту пак, има доказ дека навистина лицата презентирани на постерите наводно починале после вакцинација, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој е споделено видео на кое се гледа дека се изложени повеќе бели листови хартија, за кои авторката на постот тврди дека се фотографии од лица кои починале од вакцината против ковид-19.

Во постот пишува:

Дизелдорф – секој плакат е лице на човек умрен од вакцина.

Од самиот почеток на вакциналната кампања против ковид-19, практика во антивакциналните кругови е вакцината да се обвинува за мноштво болести, влошување на имунолошката состојба, како и за смрт. Сите овие обвинувања се со цел да се оцрни вакциналната кампања, да се демотивираат колебливите граѓани кои сè уште немаат одлучено дали ќе се заштитат со имунизација, како и да се креира чувство на недоверба и несигурност во здравствениот систем. Во постовите кои пропагираат антивакцинални наративи, се промовира и тезата дека смртноста која настапила откако некој ќе прими вакцина, задолжително е последична на вакцината, односно дека самата имунизација е причинител за смртта.

Меѓутоа, секогаш тоа се прави без докази и спротивно на сите медицински предупредувања, дека смртта после вакцината може да биде последица на нешто кое не е поврзано со вакцината, како придружна болест или коморбидитет, несреќа или друга околност или природна смрт (со оглед на тоа што меѓу имунизираните лица има и возрасни луѓе кои починале од природна смрт). Самиот факт што смртта настапила после вакцинацијата, не докажува дека вакцината ја предизвикала смртта и тоа го наведуваат сите релевантни државни агенции чија задача е да собираат пријави за несакани ефекти по имунизација. Таков е на пример ВАЕРС, американскиот систем за рана детекција, каде јасно е наведено дека секој без разлика на тоа дали е лекар или цивил, може да пријави несакан ефект вклучително и смрт дури и ако нема докази дека вакцината го предизвикала тој смртен исход, и дури и пријавата да е анонимна или нецелосна.

Ако го земеме како пример системот на САД, ВАЕРС, за рано предупредување, може да заклучиме дека тој се состои од индивидуални пријави со неверификувани случаи каде со самопријавување се даваат пријави за несакани ефекти. Тоа не е точен инструмент за мерење туку ран систем за предупредување. Не е можно да се пребараат конкретни пациенти кои наводно се наоѓаат на листовите хартија од видеото. Кога се одредува причината за нечија смрт во контекстот се земаат предвид и другите фактори, како на пример болести. Во антивакциналните наративи, честопати се случува и лица починати од самиот ковид-19, неосновано да се тврди дека починале од вакцината. Исто така, последиците кои ковид-19 ги остава на организмот на оние кои прележале, може да бидат сериозни и за тоа претходно веќе сме пишувале.

Од видеото што го рецензираме, евидентно е дека се гледаат само десетици листови хартија, но не се гледа ниту некаков лик на нив, ниту пак, има доказ дека навистина лицата презентирани на постерите наводно починале после вакцинација. Едноставно, резолуцијата на видеото е толку мала, што не се гледаат ликови и покрај тоа што е даден таков опис. Во видеото не е зумиран ниту еден лист хартија за да може гледачите да видат што има на него.

Во видеоматеријалот не може да се види колку години имаат починатите луѓе кои ги споменува авторката, дали имале претходни заболувања, дали се навистина многу, или малку, а не е испитано ниту објавено дека во овие случаи смртта настанала како последица на вакцината против ковид-19, дури и ако на постерите навистина се наоѓаат фотографии од починати лица (што не може да се потврди од видеото поради неговиот лош квалитет и оддалеченоста на снимката).

Како што веќе пишуваше Дојче Веле, Пол Ерлих институтот, задолжен за вакцинацијата во Германија, испитувал 113 пријавени смртни случаи во земјата за лица на возраст меѓу 46 и 100 години, кои починале од 1 час до 19 дена по примањето на вакцината. Од нив 20 починале како последица на инфекција со ковид-19, и не биле целосно вакцинирани. Понатаму, 43 починале како последица на претходни состојби или инфекции.

Според податоците што ги имаме, претпоставуваме дека пациентите починале од нивните придружни болести, во коинцидентно време со вакцинацијата. Беа сериозно болни со многу коморбидитети

Ако повозрасни лица со сериозни коморбидитети се вакцинираат, меѓу нив ќе постојат и случајни смртни случаи кои се случуваат непосредно после вакцинацијата што не може каузално да се поврзат со вакцината. Во најновиот извештај за безбедност на Пол Ерлих институтот, се потенцираат 20 вакцинирани индивидуи кои починале како последица на ковид-19.

Портпаролот за Дојче Веле изјавил дека сите освен еден маж, имале нецелосна вакцина и се заразиле после првата доза.

Заштитата почнува седум до 14 дена после втората вакцина зависно од производителот, така што можно е да се заразите и да починете од ковид после првата доза. Триесет и три лица имале претходни болести кои се влошиле независно од вакцината. Десетмина починале од други инфективни заболувања а не од ковид-19. Сите други имале барем два коморбидитета, проблеми со срцето. За педесет случаи причината за смртта останува непозната, пишува „Дојче Веле“. 

Според калкулациите на Пол Ерлих Институтот, смртните случаи со непознато потекло, не се почести отколку што се очекува вообичаено.

Според Улрик Процер, вирусолог од Техничкиот Универзитет во Минхен, бројот на смртни случаи после вакцинација е под очекуваниот број без вакцинација.

Ако ја направите таа споредба ќе сфатите дека помалку лица починаа после вакцината отколку што се очекуваше,  вели тој за „Дојче Веле“.

Вакцините на „Фајзер“ и „Модерна“ кои се користат во Германија нудат високо ниво на заштита.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека нема докази оти на видеото во склоп на постот што го рецензираме, се наоѓаат лица кои починале како последица на вакцината против ковид-19. Смртта после вакцината доколку се случи, не мора да биде причински последично поврзана со вакцината.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...