fbpx

Вистиномер: Нема докази дека коронавирусот бил создаден од Кина и од САД

-

Нема докази дека коронавирусот е дело на човекот, или, пак, дека е дел од развојна програма за биолошко оружје, како што се алудира во постот што го рецензираме. Медицинските журнали посочуваат дека животните во природата се изворот на вирусот. СЗО уште во април 2020 година нотираше дека достапните докази насочуваат дека коронавирусот има потекло од животни во Кина и не е манипулиран во лабораторија.  Научници од повеќе земји објавија и анализираа геноми и со мнозинство заклучуваат дека коронавирусот има потекло во живиот свет, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели дека Америка и Кина го направиле коронавирусот во Вухан и го пуштиле да се прошета низ цел свет.

Да се потсетиме. Америка и Кина го направија корона вирусот во Вухан и го пуштија да се прошета низ цел свет. Сега Кина бара од Америка да објасни за американските лаборатории за вируси во Украина? Значи, Кина се грижи за светското здравје а Америка за украинската демократија? А сите молчат за одземените права и слободи и зголемената сиромаштија на луѓето во целиот свет, ,,поради вирусите” ? Сосема логично, пишува во објавата.
Меѓутоа, нема докази дека коронавирусот е дело на човекот, или пак, дека е дел од развојна програма за биолошко оружје, како што се алудира во постот што го рецензираме. Така што, не може да се обвинува дека „Америка и Кина го направиле коронавирусот во лабораторија во Вухан, за тој подоцна да се прошета низ целиот свет“.

За коронавирусот кој ја предизвикува болеста ковид-19, има нула докази дека е изработен во лабораторија, извести тимот којшто своето откритие го објави на 17-ти март 2020 во списанието „Nature Medicine“.

Коавторот на истражувањето Кристијан Андерсен, вонреден професор по имунологија и микробиологија, изјавил:

Споредувајќи ги достапните податоци за секвенците на геномите за познатите видови на коронавирус, можеме да утврдиме дека SARS-CoV-2 потекнува од природен процес

„Гардијан“ има објавено две големи студии кои недвосмислено покажуваат дека коронавирусот потекнува од пазар во Вухан, а не од лабораторија на владата на Кина или Америка.

Мајкл Вуробеј, еволуциски биолог на Универзитетот во Аризона и коавтор на двете студии изјави:

Кога ќе ги погледнете сите докази заедно, сликата е исклучително јасна дека пандемијата почна на пазарот Ханан.

Заклучокот на еднатта од студиите посочува на следното:

Географските кластери на најстарите познати случаи на ковид-19 и позитивните примероци кај сточните продавачи сугерираат дека пазарот за морски плодови Ханан во Вухан е изворот на пандемијата ковид-19.

Медицинските журнали посочуваат дека животните во природата се изворот на вирусот. На 21 април 2020 СЗО на брифинг нотираше дека достапните докази насочуваат дека коронавирусот има потекло од животни во Кина и не е манипулиран во лабораторија.

Веројатно е дека вирусот е од животинско потекло, рече портпаролката на СЗО Фадела Чаиб.

Ричард Ебрајт, професор по хемиска биологија на Рутгерс Универзитетот, во интервју за „Вашингтон пост“ рече дека базирано на геномот на вирусот и неговите карактеристики нема никакви индикации дека е производ на инженеринг.

Институтот за истражувања Скрипс, објави студија која го отфрла тврдењето дека вирусот е создаден од човек. Истражувачите заклучија дека ако вирусот бил производ на инженеринг, неговата геномска секвенца ќе дадеше посериозни верзии на коронавирусот.

Ако некој сакаше да направи инженеринг на коронавирусот како патоген ќе го конструираа од вирус кој е веќе познато дека создава болест. Но, научниците открија дека позадината на вирусот е многу поразлична отколку на веќе познатите коронавируси и е многу слична на оние вируси што се пронајдени во лилјаци, пишува во оваа студија.

Медицинскиот журнал „Лансет“, исто така, осигура дека најверојатниот извор на коронавирусот се животните.

Ентони Фаучи, топ експертот за инфективни болести на САД,  ја отфрла теоријата дека вирусот случајно избегал од лабораторија.

Група висококвалификувани виролози ја погледна секвенцата во лилјаци како што се развива. Мутациите потребни за да се дојде до денешна точка, се тотално конзистентни со скокот на вирусот од животно на човек, рече тој на брифинг во Белата Куќа.

Друга студија во „Лансет“, базирана на примероци од 9 пациенти со коронавирус, ја потврдува теоријата дека вирусот дошол од лилјаци.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека нема докази дека коронавирусот бил создаден од Кина и САД, пишува „Вистиномер“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...