Фото: Мета.мк

Во извештајот на СЗО, објавен на нивната официјална страница, нема ниту збор за деца заразени со новиот хепатитис кои во последните 12 месеци биле доени од вакцинирани мајки. Објавата што ја рецензираме не нуди докази дека децата кои имале хепатитис биле афектирани од мајчиното млеко на вакцинираните мајки против ковид-19, дотолку повеќе што дел од заразените деца имаат и по 16 години, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се тврди дека новиот вид хепатитис кај деца, кој се појави во повеќе европски држави и во САД, всушност, е предизвикан од тоа што децата биле доени од целосно вакцинирани мајки против-ковид 19.

Сите бебиња кои имаат оштетен црн дроб, цицале од мајки вакцинирани со две три боцки, се вели во постот.

Во рамките на објавата споделен е текст објавен на сајтот Логично, а кој тврди дека „Journal of Hepatology објавил нова студија која потврдува дека вакцините против ковид-19 предизвикуваат тежок автоимун хепатитис кај деца”. Насловот на студијата, според текстот, гласи „Вакцинирањето против Сарс Ков 2 може да предизвика хепатитис на доминантните ЦД8 станици”.

Понатаму, во текстот на Логично се додава дека има многу причини зошто настанува хепатитис кај деца, ама сите други причини досега биле исклучени, така што вакцината останува единствен можен причинител. Се додава и дека поранешна студија на Фајзер покажала дека нивните вакцини предизвикуваат хепатитис.

Да не ја примеја оваа вакцина, децата немаше да развијат хепатитис. Нивните лоши здравствени резултати се последица на боцкањето за кое на родителите им е кажано дека се прави за да се заштитат од болести, се тврди во текстот.

Постот содржи и принтскрин од текст во кој се тврди и дека повеќето деца заразени со хепатитис биле на возраст од 0 до 4 години и сите биле доени изминатите 12 месеци, од мајки двојно вакцинирани со вакцина против ковид-19.

Прво, ќе се осврнеме на тврдењето дека студија на Фајзер покажала дека нивните вакцини против ковид-19 можеле да предизвикаат хепатитис. Форбс пишува дека ваква студија на Фајзер нема, иако дезинформацијата е проширена на социјалните мрежи. Според тоа што го пишува Форбс, не станува збор за студија, туку за лабораториски тест, кој покажал дека црниот дроб брзо ги впива компонентите на вакцината. Во лабораториски услови ова не значи дека се случува и во човечкиот организам, пишува Форбс и дополнува дека тестот е објавен во февруари годинава, долго време пред СЗО да објави дека има нови случаи на хепатитис кај децата од непознато потекло.

Исто така, според Форбс, откриено е дека 52-годишен маж од Германија развил хепатитис поврзан со вакцината против ковид-19 и посочува дека оваа студија на еден случај, не е научна, туку е индивидуален настан кај човек кој по 8 недели се опоравил од хепатитисот со соодветна администрирана терапија. Како што пишува Форбс, единечен случај не може да биде индикатор колку често ќе се случува некој да заболи од хепатитис по вакцинација. Човекот од студијата на случај, за разлика од децата заболени со хепатитис за кои алармира СЗО, поминал низ болеста и оздравел, за разлика од некои деца кои починале.

Понатаму, во постот се тврди дека најголем дел од заболените деца со хепатитис биле на возраст до 4 години и во последните 12 месеци биле доени од мајки вакцинирани против ковид-19.

 

СЗО: Не се поддржани хипотезите дека хепатитисот настанал како последица на вакцината

На 23 април Светската здравствена организација објави дека афектираните деца од новиот вид хепатитис со непознато потекло, се на возраст од 1 месец до 16 години. СЗО ја исклучи можноста вакцината да е причинител за овие случаи затоа што дел од децата биле премногу мали за да се вакцинираат.

Многу од случаите, според СЗО, пријавиле гастроинтестинални симптоми, вклучително и болки во стомакот, дијареа, повраќање, а повеќето немале температура. Вообичаените вируси кои резултираат со хепатитис, односно го предизвикуваат, како хепатитис А, Б, Ц, Д и Е не биле детектирани во ниеден од случаите. Меѓународно патување не било идентификувано како фактор. Аденовирус бил детектиран кај 74 случаи од пријавените. Значи, еден од можните причинители кои СЗО ги наведува во своето соопштение за новиот хепатитис кај децата, е аденовирус. Тој не е поврзан со вакцинацијата и се вика вирус тип 41. Вкупно 20 деца имале ковид-19, односно биле позитивни на коронавирусот, а 19 имале коронавирус и аденовирус во исто време.

СЗО додава дека во Обединетото Кралство, има раст на инфекции со аденовирус, исто како и во Холандија. СЗО сепак напоменува дека ова може да се случува поради зголемено тестирање на аденовирус. Се додава и дека во повеќе држави продолжуваат интензивни тестирања и документирања на случаи, токсиколошки тестови, вирусолошки и микробиолошки тестови. Афектираните држави исто така иницирале зголемени активности за набљудување на случаите.

Во извештајот на СЗО, според тоа што е објавено на нивната официјална страница, нема ниту збор за деца под 4 години кои во последните 12 месеци биле доени од вакцинирани мајки.

Хипотезите врзани дека хепатитисот настанал како последица на вакцината против ковид-19 моментално не се поддржани, бидејќи огромен дел од афектираните деца не се вакцинирани против ковид-19. Други инфективни и неинфективни причинители мора да бидат исклучени за целосно да се пристапи кон менаџирање на ризикот, пишува во соопштението на СЗО.

Форбс пак, во својата анализа пишува дека Астра Зенека во својата вакцина има аденовирус од шимпанзо, а вакцината на Џонсон и Џонсон аденовирус тип 26.

Во двата случаи, аденовирусот е инактивиран, што значи дека не може да предизвика болест, пишува Форбс.

Во постот што го рецензираме се тврди дека Journal of Hepatology објавил студија која покажува дека вакцините против ковид-19 предизвикуваат хепатитис кај децата.

Меѓутоа, на 6 мај 2022 година, списанието објави што се е познато за овие случаи и таму не може да се најде информација дека ковид вакцините се причинител за хепатитисот кај децата. Journal of Hepatology пишува дека пријавени се 191 случај во 15 држави во Европа, САД, а има пријави и во Израел и во Јапонија. Таму експлицитно се наведува дека до денес причинителот за хепатитис кај децата останува непознат.

Еден од факторите за зараза со хепатитисот може да биде претходна инфекција со Сарс Ков 2, пишува Journal of Hepatology додавајќи дека позитивни на ковид-19 биле 20 деца, а не сите биле тестирани и не се знае колку прележале ковид. И овој журнал објавува дека се исклучува вакцината против ковид-19 како причинител за хепатитисот, наспроти она што се тврди во постот што го рецензираме.

Понатаму во постот споделен е линк од овој напис во кој се вели дека децата биле доенчиња на вакцинирани мајки со барем две дози вакцина против ковид-19. Во овој текст, меѓутоа, нема ниту еден извор кој тврди дека мајките на доенчињата биле вакцинирани. Единствено, на веб-страницата на сајтот на Владата на Обединетото Кралство пишува дека „честите вируси кои циркулираат кај деца на возраст до четири години се повисоки од минатите години, a особено има зголемување на случаи на аденовирус кај возрасната група од 1 до 4 години“.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е вистина дека вакцините против ковид-19 се причинител на хепатитис кај децата. Причинителот е непознат, а една од хипотезите на СЗО е дека причинителот е аденовирус. Понатаму, нема докази дека децата кои имале хепатитис биле афектирани од мајчиното млеко на вакцинираните мајки, особено што некои од децата имаат и по 16 години. Во цитираните текстови нема ниту еден извор на информацијата дека децата до 4 годишна возраст во изминатите 12 месеци биле доени. Мајо клиниката препорачува доење до една година по раѓањето на бебето. Не е веројатно дека сите мајки на сите деца афектирани од хепатитисот продолжиле да дојат и по препорачаниот период, а уште помалку, дека сите биле вакцинирани со две дози вакцини против ковид-19.