fbpx

Вистиномер: Нема докази дека 5Г и графен оксидот се поврзани со ковид-19

-

Тврдењето дека 5Г мрежата и некакви непостоечки микрочипови во вакцините се комбиниран напор да се контролира населението, не e поткрепено со никакви факти и е невтемелено во реалноста. Дека 5Г мрежата нема никаква поврзаност со коронавирусот беше потврдено уште на почетокот на 2020 година, кога СЗО соопшти дека не е откриено влијание на оваа мрежа врз јавното здравје. Не е точно ниту тврдењето во постот дека вакцините содржат графен оксид. Вакцините против ковид пред да бидат одобрени поминуваат ригорозни научни проверки за безбедност и исполнети стандарди, тие се авторизирани и ниту една не содржи графен оксид во составот, пишува „Вистиномер во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Пост на Фејсбук, објавувајќи фотографии од поставени антени за мобилна телефонија, тврди дека графен оксидот и 5Г технологијата ги разболуваат луѓето. Овие теории изминатите две години, антиваксерите и теоретичарите на заговор, постојано ги поврзуваа со пандемијата и вакцините против ковид-19. Фактите говорат дека ниту 5Г технологијата ги разболува луѓето од ковид, ниту пак, вакцините содржат графен оксид.

Постот што го анализираме е доста вирален и е споделен преку 30 пати, а под него можат да се прочитаат и коментари од типот дека кога ќе ги пуштат антените во употреба, вакцинираните ќе светеле како сијалици!

Е ова нас не разболува и плус графен оксид…и ако не ја избришеме таа фреквенција, буквално маршираме полуживи во 4-тата индустриска револуција т.е. трансхуманизам.., се вели во постот.

Во него има и фотографии кои доколку ги побарате на Гугл ќе видите дека не се ништо ново, туку се стари неколку години. Во денешниот свет, каде животот без мобилни телефони е невозможен, компаниите на големите телефонски оператори мора да градат мобилни кули низ целиот свет. Некои компании се обидуваат да ги „камуфлираат“ овие мобилни кули за да се спојат со околниот пејзаж.

Вистиномер досега повеќепати има пишувано дека 5Г мрежата нема никаква врска со вакцините против ковид-19 и дека тие не содржат графен оксид.

Теоријата на заговор дека 5Г мрежата и некакви непостоечки микрочипови во вакцините се комбиниран напор да се контролира населението – каде се движи, што прави, што купува, па дури и идеите дека со непостоечките чипови ќе се контролира мисловниот процес на индивидуата која е вакцинирана, не e поткрепена со никакви факти и е невтемелена во реалноста. 5Г технологијата  и вакцинацијата во не се поврзани. Единственото заедничко за нив е што се случуваат во време на пандемија, кога дел од луѓето се окупирани со ширење на конспирации за дисквалификација на вакциналниот процес.

Дека нема поврзаност и нема никакво влијание 5Г мрежата врз коронавирусот беше потврдено уште во почетокот на 2020 година. Речиси сите релевантни институции излегоа со извештаи дека нема докази оти оваа мрежа има влијание на имунолошкиот систем и дека е штетна по човечкото здравје.

Во февруари 2020 и Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека не е откриено влијание на оваа мрежа врз јавното здравје.

И по многу направени истражувања, досега не е забележано ниту едно штетно влијание врз здравјето кое е предизвикано од изложување на безжичната технологија, се наведува во објаснувањето на СЗО.

 „Вистиномер“ веќе има пишувано за петте најголеми дезинформации за поврзаноста на 5Г мрежата и коронавирусот кои се шират по социјалните мрежи во земјава, а кои најчесто се увезени од странски сајтови и се повикуваат на непроверени извори. Се отиде до таа мера да се тврди дека коронавирусот е измислен за да им се стават чипови на луѓето!

Грчкиот сервис за борба против дезинформациите ellinikahoaxes.gr анализираше тврдење дека фрекфенциите за новата 5Г технологија на мобилна телефонија влијаеле негативно на апсорпцијата на кислород во телото, со што овозможуваат брз развој на болеста ковид-19.

Но, работите не стојат така, оти тие фрекфенции немаат доволно енергија за да предизвикаат хемиски реакции – нема потврдена научна студија што го поткрепува таквото тврдење, исто како што не може да се докаже дека и 4Г предизвикува хемиски реакции, односно промени на молекулите, објави ellinikahoaxes.gr

Што се однесува до составот на вакцините против ковид и тврдењето дека тие содржат графен оксид, тоа исто така не е точно. Вистиномер и на оваа тема веќе има пишувано.

Графен оксид е материјал кој настанува со оксидација на графен. Графен е единечен слој на графит (меката супстанца која ја има во врвот од моливите за пишување). Графен оксидот има потенцијална употреба во електрониката, оптиката, хемијата, складирањето енергија и биологијата,  е објаснето во напис  објавен во журналот „Фронтиерс оф Физикс“ во јануари 2019 година.

„Асошиејтед прес“ извести дека и покрај тоа што имало истражувања за тоа дали се користел графен оксид во некои вакцини (во количества кои за човекот не би биле токсични), материјалот не е на листата на состојки на фајзеровата вакцина или која било друга вакцина.

Не е на листата на состојки и нема никакви шанси да е присутен, изјави Ален Мајерсон, професор по хемиски инженеринг на Институтот за технологија Масачусетс.

Портпаролката на „Фајзер“, Џерика Питс за „Политифакт“ изјави дека компанијата не користела графен оксид во нивната вакцина.

И на официјалната веб-страница за вакцинација во земјава, каде се наведени состојките на сите вакцини кои се администрираат во Северна Македонија, се геледа дека во нивниот состав нема графен оксид.

Од сето ова можеме да заклучиме дека луѓето не се разболуваат ниту од антените за мобилна телефонија, ниту од графен оксид. Тие на никој начин не се поврзани со пандемијата и вакцините против ковид-19. Според тоа, постот го оценуваме како невистинит.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Доналд Туск: Во ризик сме од војна, Европа не е подготвена

Полскиот премиер Доналд Туск изјави оти смета дека постои огромен ризик од војна и оти никој во Европа нема да се чувствува безбедно доколку Русија победи во Украина, пренесува...